Сите избирачки места во Бугарија се отворени, а до првиот утрински брифинг во Централната изборна комисија немало пристигнати жалби и пријави за неправилности. Ова го соопшти портпаролката на ЦИК, Стојанка Балова, на почетокот на денешните претседателски избори.
Во три избирачки места, во областите Јамбол, Хасково и Русе, било преминато на гласање со хартиени ливчиња. Во повеќе области биле заменети членови на избирачки комисии што не се појавиле на работа. Според Балова, станува збор за поединечни случаи, дел од нив поради здравствени причини.
Право на глас имаат 6,59 милиони бугарски граѓани. За повеќе од 46.000 од нив ова е прва можност да гласаат.
За гласањето надвор од Бугарија се организирани 613 избирачки места во 60 држави. Најмногу има во Обединетото Кралство – 82, потоа во Турција – 78, Германија – 70, Шпанија – 67 и САД – 44. Според информациите од утринскиот брифинг, гласањето што веќе започнало во странство се одвивало мирно.

