„Од првиот ден на изборниот мониторинг, ЦИВИЛ се обидува да биде комплементарен, односно методологијата е на тој начин развиена и се уште се развива на тој начин што помога и не се преклопува и не влегува во компетиција со другите ентитети кои спроведуваат мониторинг, туку помага и ги покрива оние области кои другите не можат или во нивната методологија не се наоѓаат“, изјави претседателот на ЦИВИЛ Џабир Дерала на интервју на Слободен печат.
Тој додаде дека како таков, изборниот мониторинг на ЦИВИЛ е релевантен извор за странските мисии, како ОДИХР и редовно добиваат понуди и барања за соработка и споделување на информации и од други организации.
„Последната што ја видов, беше вчера попладне доцна, од Силба, тоа е една данска мисија којашто ќе пристигне во земјава и бараат соработка со ЦИВИЛ. Ние сме релевантен и многу отворен извор за информации и кога ќе прочитате извештај од меѓународните институции, имајте предвид дека еден дел од тие сознанија што тие ги имаат, доаѓаат токму од базата на податоци на ЦИВИЛ“, рече Дерала.
Тој додаде дека ЦИВИЛ е исто така отворен за комуникација и соработка и со сите невладини организации во државата кои се обидуваат да помогнат во изборниот процес.