СЕФЕР ТАХИРИ
- Во листите за кандидати на партиите на Албанците има само проверени кандидати од партиските кланови или анонимуси
- Првиот парламентарен состав на Албанците бил многу поквалитетен од проектираниот состав на пратениците, кои ќе ги претставуваат Албанците
Го препрочитувам овие денови починатиот професор, Ѓорѓе Марјановиќ, во една колумна тој вели: „Овој народ (ќе) си има власт каква што заслужува! И од тоа нема спас“! Филозофите би рекле: „Каков народ, таква држава“!
Овие денови еден убаво напиша: „Во листите за кандидати на партиите на Албанците има само проверени кандидати од партиските кланови или анонимуси“. Интелектуалците или пак уметниците (божем интелектуалната или културната елита) служат како декор на партиските трибини, во кој демек се претставуваат големи стратегии за иднината на државата и уставно-правната позиција на Албанците во неа.
Партиите на Албанците за жал често се редуцираат на политички субјекти кои функционираат за интересите на нивните врхушки. Знаеме дека партијата не значи целовитост, туку парцијалност, но не баш до толку делче или клановска организација.
Се декларираат дека се демократски, а одлуките најчесто ги носи лидерот или неколку луѓе кои седат до него. Многу често кога се известува од партиите на Албанците, некои од „гласноговорниците“ истакнуваат дека „Претседателството одлучи да го овласти претседателот да ги донесе конечните одлуки“. И за составувањето на листите. Демократски нема што!
И уште нешто! Сите се повикуваат на народот, зборуваат во негово име, дури Зиадин Села ќе рече дека се здружува со Ахмети заради љубовта кон народот. Голема љубов, нема збор!
Следејќи ги изборните процеси од 1990, можам да судам дека првиот парламентарен состав на Албанците бил многу поквалитетен, поелоквентен и поартикулиран во смисла на претставување и аргументирање на политичките барања на Албанците од проектираниот состав на пратениците, кои ќе ги претставуваат Албанците.
Меѓу кандидатите има доста од тие кои во албанскиот блок се нарекуваат „вечни во политиката“.
Мендух Тачи е пратеник од 1998 година, а во шестата еднициа ни се нуди како кандидат или е еден од новите лица на Европскиот фронт, креиран од ДУИ.
До вчера беше еден од лутите ривали на ДУИ, а како што објавив во минатата колумна Али Ахмети го квалификуваше со најцрните зборови. Го нарекуваше водач на криминална група и дека во ДУИ се зачленуваат „ѓубрињата“ од ДПА.
Во ова колумна ќе се обидам да го анализирам кадровскиот потенцијал кој го нуди Европскиот фронт за новиот Парламент, а во следната на коалицијата ВРЕДИ.
Во листата на ДУИ ги нема министрите, дури ни експонираниот прв заменикпремиер Албанец, Артан Груби! Добро, Бујар Османи „трча“ за претседател, и тоа европски „президент“. Мотото на ДУИ на минатите парламентарни избори беше „Зошто да не“ (на албански „Pse jo“).
Листата на кандидати како да е составена за „преговори“ со ВМРО-ДПМНЕ. Се предлагаат проверени и испробани кадри на ДУИ, кои имале прекрасни релации со партијата на Мицкоски во минатите влади. Добра е како стратегија, но да видиме дали ќе функционира.
Ахмети како макијавелистички политичар со 22 годишно легално искусутво и 20 години нелегално искуство ја научил лекцијата дека на избори не победуваат филозофите, туку тие што имаат влијание во нивните региони или помалите заедници. „Маалско/етничка политика“!
Носител во изборната единица број еден е Блерим Беџети, пратеник од 2002 година, подоцна министер за правда во владата на Груевски, а во последните два мандати градоначалник на општина Сараj. Во краток период беше дел од краткорочната „бунтовничка“ Огнена група, а за напуштањето беше награден со позицијата организациски партиски секретар, а сега и носител на листата на тие кои се борат за европски вредности! По него е поранешниот заменик министер за време на кризата со корона вирусот, Илир Хасани, познат и почитуван доктор, еден од позитивните кандидати кои ги нуди партијата на Ахмети.
Во втората изборна единица носител е Садула Дураку, исто така во повеќе наврати заменик-премиер, министер, пратеник, два пати градоначалник на Липково, член на управниот одбор на Македонски телеком и што уште не. По него на листа е пратеникот Скендер Реџепи Зејд, кој беше пратеник на Алтернатива. Зејд е во добри релации со сопственикот на издавачката куќа Логос А, Аднан Исмаили, за кого се шпекулира дека има конекции во Анкара и Истанбул. За Исмаили имаше претпоставки дека влијаел во процесот на формирањето на партијата БЕСА, а периодов може да се види на собири во кои учествуваат претставниците на ДУИ. На 21 годишнината на ДУИ беше во првите редови. Неслучајно!
Во петтата изборна единица носител е „увезениот“ сојузник Зиадин Села, и тој веќе ветеран на политиката, кој иако алијанист изгледа кариерата сака да ја заврши како интегративец, борејќи се за Европа, заедно со поранешниот негов шеф Мендух Тачи. По него, во петата изборна единица е Муса Џафери, кој бил на неколку наврати заменик-премиер и министер, а позицијата пратеник ќе ја искуси за прв пат.
Во шестата изборна единица освен лидерите ветерани Али Ахмети и Мендух Тачи се и премиерот Талат Џафери, пратеничката од Алијанса на Албанците, Илире Даути, министерот за здравство, Илир Демири, поранешниот уставен судија, Сали Мурат, актуелнитe пратеници, Бејџан Илјаз (беше во коалиција со СДСМ), Рина Хајдари и поранешната заменик-министерка за надворешни работи, Фатмире Исаку (од ДПА), на која малку и се слушал гласот како функционерка. Како што се гледа, нема случајности при изборот на идните пратеници. Се работи за избор на партиски парламентарни „војници“ кои во Собранието ќе функцонираат според англискиот камшик систем или принципот на доверба кон партијата (партиите) или лидерот. Сите ќе одговараат пред Ахмети.
ДУИ е произлезена од поранешната ОНА и во неа функционира хиерархијата, а последниот збор за сите значајни одлуки го има лидерот. Неспорно е, Ахмети е „силен“ лидер на својата партија и тоа се докажува со листата во шестата единица. Тргнати се високи партиски кадри, за да им се прави место на новите „пријатели“ и на двајцата кандидати од турската заедница.
Лидерократијата во ДУИ е дефинирана и во статутот на партијата! Во практиката се спроведува перфектно.
Проф. д-р Сефер Тахири е универзитетски професор.