Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Сарачини: Ќе се извинат ли оние што лажеа за екстрадицијата на Палчо?

Откако вчера Министерството за правда соопшти дека е добиено официјално известување дека екстрадицијата на Љупчо Палевски е дозволена, новинарот Петрит Сарачини од Институтот за медиуми и аналитика (ИМА), во објава на социјалните мрежи прашува „ЌЕ СЕ ИЗВИНАТ ЛИ ОНИЕ ШТО ЛАЖЕА ЗА ЕКСТРАДИЦИЈАТА НА ПАЛЧО?“.

„Турција ја одобри екстрадицијата на Палевски – пишуваат медиумите. А пред една недела, како и во неколку наврати претходните месеци, дел од медиумите упорно пишуваа дека Турција го условува екстрадирањето на Палчо во Македонија со екстрадирање на ѓуленисти во Турција. Се разбира, за нивните тврдења не нудеа никакви факти и официјални извори. Оти, целта не им беше да ја информираат јавноста, туку да шират шпекулации, пропаганда и дезинформации, за нечиј политички ќар. И, сега? Ќе се извинат ли овие медиуми за лагите и дезинформациите што ги пласираа во јавноста за екстрадицијата на Палчо? Се разбира дека не. Знаат добро дека нашата „критичка јавност“ веќе заборавила на овие, и на многу други лаги со која ја трујат секојдневно, со години. Најстрашните последици од ова труење на јавноста ќе ги видиме допрва. Нека ни е на здравје…“, истакна Сарачини.

Палевски е осомничен за две кривични дела „грабнување“ и „убиство на свиреп начин“ на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.

Од Министерството за правда за МИА посочуваат дека е завршен судскиот процес и административната процедура и сега останува само да се реализира трансферот.

Од Јавното обвинителство соопштија дека постапката за екстрадиција ќе биде спроведена преку Министерството за внатрешни работи. По предлог на Основното јавно обвинителство Скопје на осомничениот веќе му е определена мерка притвор која треба да започне да се применува веднаш по неговото испорачување.

Љупчо Палевски Палчо повеќе од три месеци е во екстрадационен затвор во Турција.

Зачлени се на нашиот е-билтен