Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Будење на злото – Повампирување на поделбата на Македонија кај Групчин

Изборната програма на Влен/Вреди во клучните точки застапува редефинирање на уставниот поредок на земјата, федерализација и доминатна бинационалност во институционалниот поредок, во економијата, во образованието, па дури се оди дотаму да се инсистира и на нагласено инфраструктиурно поврзување со Косово и Албанија како национален интерес на Албанците во Македонија и во регионот. И на сето ова се смета на партнерство со ВМРО-ДПМНЕ.

Зоран БОЈАРОВСКИ

Изборната програма на Влен/Вреди во клучните точки застапува редефинирање на уставниот поредок на земјата, федерализација и доминатна бинационалност во институционалниот поредок, во економијата, во образованието, па дури се оди дотаму да се инсистира и на нагласено инфраструктиурно поврзување со Косово и Албанија како национален интерес на Албанците во Македонија и во регионот. И на сето ова се смета на партнерство со ВМРО-ДПМНЕ.

Овие точки од програмата на Влен/Вреди како да најавуваат будење на злото и повампирување на планот за поделбата на Македонија кај Групчин, проект на ВМРО-ДПМНЕ од 2001 година со спонзорство на тогашното раководство на МАНУ.

За оние помладите, или за оние што не се сеќаваат, тоа беше проект за разграничување меѓу Албанците и Македонците со граница кај Групчин, на половина пат меѓу Скопје и Тетово, и подразбираше размена на територии и преселба на народи. Нешто слично како ситуацијата во Израел со Газа и Палестина.

Сите актери за една ваква операција се тука. Влен/Вреди и ВМРО-ДПМНЕ како извршители и Курти косовски како спонзор на новата реалност со која се соочуваме во којашто приштинската платформа е реална закана, а не фикција како „Тиранската“.

Нов Устав кој ќе ја редефинира земјата како еднаква на двете мнозински заедници

Влен/Вреди ветува дека „ќе се изгради консензус за нов Устав, подемократски и помодерен, кој ќе ја редефинира земјата како еднаква држава на двете мнозински заедници, но со гарантирани целосни права на малцинските заедници Турците, Власите, Србите, Ромите, Бошњаците, Бугарите, Хрватите, Црногорците, Словенците, Евреите и Египќаните“.

Новиот Усатв ќе ја отвори вратата за конечна интеграција на Северна Македонија во ЕУ, запишале Влен/Вреди во својата изборна програма.

Во сферата на образованието, Влен/Вреди ќе формираат заеднички Совет на албанските универзитети за подигање на квалитетот на студиите за да „не бидат принудени нашите најдобри студенти да избираат унуверзитети на македонски јазик“.

Низ програмата на Влен/Вреди доминира дека сите политики во образованието ќе се координираат и усогласуваат со властите во Албанија и Косово.

Во соработка со Албанија и Косово, пишува во програмата на оваа коалиција „ќе се унифицира системот и наставните програми“.

Уште се вели дека „за предметите јазици, книжевност, историја, географија и други поврзани со општеството и културата треба да се користат истите текстови и наставни програми со Албанија и Косово“.

Овие заложби одат и понатаму, па така се најавува дека „Законот за празниците мора да ја одразува еднаквоста и целосно да бидат признаени и албанските национални празници“.

Употребата на албанската национална химна, грб и знаме во училиштата и институциите ќе ужива едакво законско право со она на Македонците“, запишале во програмата и го ветуваат тоа во кампањата од Коалицијата Влен/Вреди.

Овие денови беше укажано и на уште две точк во програмата на Влен/Вреди: Ќе се залагаат и ќе бараат од партнерот Банка за Албанците и Албанска академија на науките, како и признавање на алабанскиот јазик како службен јазик на целата територија на Северна Македонија и претседателот на државата да се бира во Собранието со двотретинско мнозинство и бандентерово мнозиство.

Приштинската платформа е реална закана, а не фикција како „Тиранската“

Сега станува уште појасно зошто косовскиот премиер Албин Курти беше така пречекан во Македонија, односно во Тетово кој беше прогласен за главен град на Албанците во Македонија и се развеа огромното знаме над целиот собир под Шар Планина.

Сега е јасно зошто Курти беше против Отворен Балкан. Тој концепт е сосема спротивен на идејата за хомогенизација на Албанците во регионот, наспроти на еден отворен концепт на поврзани земји од Западен Балкан во кој свое место има Србија.

Станува јасно и зошто на Еди Рама, премиерот на Албанија, се гледаше како на „туѓо тело“ во оваа операција зашто тој, како прогтресивен европеец, немаше доволно „експлозивно полнење“ за да биде дел од оваа платформа

Приштинската платформа е реална закана, а не фикција како „Тиранската“.Точките од програмата на Влен/Вреди што го потврдуваат ова, се првата фаза за институционална поделба, а потоа и територијална, зошто да не.

ВМРО-ДПМНЕ во руско сценарио и операција

Сега станува јасно и зошто ДУИ за своја централна порака во кампањата го презеде концептот против руското влијание со слоганот „Да за ЕУ, против Русија“ и зошто во првите денови на кампањата инсистираше ВМРО-ДПМНЕ да одговори дали се за ЕУ и против Русија.

Исто така е многу појасно зошто оваа своја определба ја спротивстави виз-а-ви Влен/Вреди и предупреди дека опозицијата на Албанците во Македонија се подготвува за „руско сценарио кое има за цел политички немири по 8 мај велат од партијата“.

– Координирана со ВМРО-ДПМНЕ на Мицкоски и ЛЕВИЦА на Апасиев, како и во отсуство на изборна програма, коалицијата ВРЕДИ ги засили клеветите против Бујар Османи и Талат Џафери. Ја покануваме опозицијата, и албанската и македонската, да води кампања во согласност со европските и демократските вредности, бидејќи сѐ што е против тоа значи оддалечување од Европската унија и приближување до Москва и Путин, бидејќи сметаме дека овие избори ќе бидат одлучувачки за иднината на земјата – да кажеме „ДА на Европа, НЕ на Русија“, соопштија од ДУИ.

Имајќи го сите овие точки од програмата на Влен/Вреди предвид, сега навистина станува сериозно прашањето зошто Мицкоски уште ноќта, за време на првиот круг на претседателските избори му се јави на Таравари за понуда за учество во новата влада.

Станува очигледно дека ВМРО-ДПМНЕ пружи рака за партнерство со Влен/Вреди затоа што најдоа соговорник за одлагање на уставните измени бидејќи коалицијата на опозициските партии на Албанците во Македонија имаат други приоритети како што видовме во програмата.

Затоа Мицкоски и ВМРО не ги загрижува тоа што немаат план за ЕУ, зашто доколку имаа тоа ќе ги обврзе на брзо спроведување, а тоа, очогледно не им е приоритет. Како приоритет го наведуваат репреговарањето на Преговарачката рамка и тоа само зашто тоа, бидејќи е крајно невозможно, им дава доволно време за извршување на некои други операции.

Сега станува очигледно дека ВМРО-ДПМНЕ дефинитивно ја фрла Македонија во прегратките на Бугарија. Затоа шуруваа со најрадикалните бугарски кругови, спонзорите на бугарските клубови во Македонија блиски до русофилот Румен Радев. Затоа не се откажаа од Ванчо Михајлов, како последниот вмровец кој на прифаќаше самостојна Македонија и ја гледаше само како дел од Бугарија.

Сите точки од „големиот“ план

За да биде појасна целата оваа игра, треба само да се навратиме на некои делувањето на поранешниот претседател на МАНУ Љупчо Коцарев, кој 4 години наназад упорно го кроеше јавното мислење за јасно разграничување на македонското и албанското, а всушност го повампири најголемото зло од 2001 со кое се соочила, а гледаме и дека уште се соочува Македонија.

Но, иако беше најавувано, Коцарев не го зедоа како кандидат за претседателската функција, туку ја избраа Гордана Силјановска-Давкова за јавноста да го сврти вниманието кон неа за да не дојде во прв план вистинската намера за уставно редефинирање на државата.

Она што треба сега да го направи Гордана Силјановска-Давкова е да го праша Мицкоски, да побара отворено и јавно гаранции дека партијата што ја предложи за претседател, нема да ги прифати ултимативните барања на потенцијалниот партнер за формирање на идната влада Влен/Вреди, доколку ВМРо-ДПМНЕ добие мандат да биде предводник на новата извршна власт.

Како една од точките на овој план беше поттикнувањето да се формирањето на ЗНАМ за да го раслабат СДСМ.

Сето тоа им товари на СДСМ уште еден тежок товар да не си играат играчки зашто ќе бидат запаметено дека заради делбите и разнебитеноста во сопствените редови дозволија да се создаде една ваква ситуација.

После 8 мај, откако ќе се види распоредот на силите, на СДСМ и останатите прогресивни сили им останува да се подсоберат и мобилизираат и овие закани за Македонија да бидат поразени на политичката сцена и на следните избори кога и да се случат.

Улогата на медиумите, оние големите и влијателните, како и улогата на одделни журналистички величини, секако заслужуваат посебна анализа и затоа овој пат само ќе укажеме на прифаќањето на заблудара со широко отворени очи и недоволната разционализација на „новиот“ национал-романтизам што го пропагираше ВМРО-ДПМНЕ.

Да немаме илузии и да се тешиме дека „меѓународната заедница нема да го дозволи тоа“, како што наивно веруваат некои. Меѓународната гледа што се случува и можеби сето ова не е според нејзините планови. Но, на крајот од краиштата, за нив секогаш е тука изговорот „народот одлучува“, „партнерите во Власта се договорија“ и да се прилагодат на новата ситуација до таа мерка до која нема да бидат загрозени нивните интереси.

Најново