Во среда, 15 март со почеток во 20 часот на репертоар ќе се одигра победничката претстава на минатогодишниот 47 МОТ фестивал, претставата “ГЛУМиЦИ” во изведба на Артопија. Театарска претстава која е повеќе од само изведба, и говори за театарот, за сите нас во него и за неговото позиционирање во светот, за сето она за што се мечтае, за страдањето, за вербата во подобро утре.
Во четврток, 16 март ќе се одржи добротворен концерт за Небојша Додевски – Грицко, во бифето на МКЦ со почеток од 16 часот. На истиот ќе настапат: Јана Гигова, Димиш, Тотално Опуштање, Сватовски и многу други домашни изведувачи. Настанот е во организација на “Брат за Брат”.
Веќе во петок следи целовечерен хип-хоп спектакл за промоција на последниот албум на македонскиот хип хоп артист Џака Накот: Live on no evil, на кој покрај него ќе настапат и диџеј Гоце, Легијата, Дивизија, Бвана, диџеј Славе, Страјк, Куп де Грас, Ади Имери и плејада други локални артисти и изведувачи за неверојатна вечер за паметење.
Истиот ден, во рамките на двете галерии во МКЦ ќе бидат отворени изложбите: “Новите индустрии на стари локации” која претставува резултат од научноистражувачки проект на Архитектонскиот факултет во Скопје како и изложба со наслов “Еволуција?” од Балканскиот универзитет во Скопје.
Сабота, 18 март е резервирана за концерт на легендарниот загрепски хип-хоп бенд Елементал, кој со својот настап во МКЦ ќе го прослават својот 25 годишен јубилеј од своето основање.
Истата вечер, во бифето на МКЦ ќе се одржи и слушачка промоција на најновото издание на македонскиот бенд ИСКРА, во издаваштво на Diehard records.