Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

„Македонија“, Северна Македонија и Преспа во фокусот на грчките медиуми

На употребата на името „Македонија“, без одредницата „Северна“, на почитувањето на Договорот од Преспа, но и на ставот на Грција за конкретното прашање, акцентот го ставаат дел од грчките медиуми во анализите по завчерашните избори кај нас, по убедливата победа на ВМРО-ДПМНЕ и промената на политичката сцена, јави дописничката на МИА од Атина.

Весникот „Та неа“ во текстот под наслов „Нивна обврска е строго почитување на Договорот од Преспа“ пишува дека „Атина со зголемен интерес и смиреност ја следи промената на политичката сцена во Скопје“, а грчки дипломатски извори рекле дека изборите се демократски процес „чиј резултат ќе се почитува каков и да е“, а во исто време подвлекле дека „прилично поткопувачките позиции во однос на Договорот од Преспа, кои беа јавно изразени во предизборниот период од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски не останаа незабележани и во никој случај не ја задоволуваат Атина“.

-Обврска на Скопје е строго да го почитува Договорот од Преспа, забележуваат дипломатските кругови од Грција, посочувајќи дека Северна Македонија несомнено е важна земја во поширокиот регион со која сакаме да имаме добрососедски односи и која ја поддржуваме во однос на нејзината европска перспектива, пишува „Та неа“.

Весникот пренесува и дипломатски извори од Скопје, „кои ја отфрлаат можноста ВМРО-ДПМНЕ да го стави во опасност почитувањето на она што е вклучено во текстот на Договорот од 2018 година меѓу Грција и Северна Македонија“.

-Кој и да е на власт во земјата, Договорот од Преспа ќе се почитува целосно, оценуваат од Скопје, потенцирајќи дека воопшто не е случајно што во текстот на Договорот од Преспа нема клаузула шо споменува рок на траење. „Тоа значи дека Договорот од Преспа е потпишан и е тука за да остане“, забележуваат истите дипломатски извори, пишува „Та неа“.

Весникот „Катимерини“ ги пренесува следните чекори по изборите, осврнувајќи се на инаугурацијата на новата претседателка в недела, коментирајќи дека тогаш ќе се види дали односите со Атина „ќе продолжат да се движат во умерена клима или ќе започне нов период на превирања, со Скопје да отвори нов фронт со Грција во моментот кога раздорот со Бугарија ја загрозува европската перспектива на Северна Македонија“.

-Со оглед на тоа што во Северна Македонија, Уставот не предвидува зголемени овластувања на претседателот, во нормални околности неделната инаугурација немаше да биде ништо повеќе од формална и можеби досадна процедура. Но, сега интересно е пред Уставот на која земја Силјановска ќе положи заклетва: на Северна Македонија како уставно запишана со Договорот од Преспа или на непостоечка држава, „Република Македонија“, под кое самата чекореше кон високата функција и нејзината партија кон власт, иако со ниски тонови за време на предизборната кампања?, пишува грчкиот весник.

Исто како и „Та неа“ и „Катимерини“ пренесува грчки дипломатски извори кои неофицијално потенцирале дека новата власт во Скопје „има обврска строго да го почитува Договорот од Преспа кој е меѓународен договор, кој произведува обврски за соседната земја и е предуслов за развој на нејзиниот европски тек“.

Експертот и аналитичар за меѓународни прашања, професорот Константинос Филис, говорејќи за грчката телевизија Антена истакна дека односите меѓу двете земји „почнуваат од нула“.

-Ова е реалноста, бидејќи имаме Влада која е непријател на Договорот од Преспа, која се има закането дека ќе се обиде да го торпедира. Ова не е лесно. Зборуваме за меѓународен договор и ваквите договори се поништуваат само со согласност на двете држави. Грција би можела дури и да ја одведе Северна Македонија пред меѓународниот суд во случај на неисполнување на обврските или заобиколување на делови од Договорот, истакна Филис.

Парламентарните и претседателските избори кај нас од вчера се една од главните теми во медиумите во Грција, кои пренесуваат ставови, изјави и анализираат каков би бил ставот на официјална Атина, додека пак како што вчера објави МИА, портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на редовниот брифинг со новинарите и министерот за надворешни работи Јоргос Герапетритис во интервју за радио, излегоа со став за промената на политичката сцена.

Маринакис, на прашањето на дописничката на МИА од Атина, посочи дека чекаат прво да ги слушнат позициите на новата Влада во Скопје, а потоа ќе коментираат, додека пак Герапетритис говорејќи за „Скај“ изрази надеж дека новата Влада на ВМРО-ДПМНЕ нема да направи промени во надворешната политика, но и дека земјата ќе го продолжи својот европски пат.

Зачлени се на нашиот е-билтен