„Национализмот, за мене, е еден многу проблематичен и застарен начин на гледање на работите, кај нас па и во светот. Не се одвиваат работите на начин на којшто јас сум замислувал пред 15-20 години дека ние ќе бидеме дел од глобализирана културна и општествена сцена“, рече Јане Алтипармаков, филмски работник и режисер во интервју за Слободен печат.
Во однос на прашањето дали постои позитивен национализам, тема која се провлекуваше за време на изминатата изборна кампања, тој одговори во овој случај се работи за рационализација.
„Ако ги гледаме работите филозофски во смисла на терминологија, можеби во некоја смисла може да се говори за позитивен патриотизам, а за позитивен национализам јас лично сум скептик. Но, тоа многу се користеше кај нас па и во светот, го имаме Трамп и Путин. Некои луѓе коишто се склони кон автократија го користат тоа. Овој век е век на регресија а не век на прогрес како што гледавме на филмови и како што читавме во некои книги“, истакна Алтипармаков.
Тој додаде дека некои луѓе се исплашени од тоа колку брзо се одвиваше прогресот за некои работи и сакаат да си се вратат во некоја комфорна зона, а таа комфорна зона многу често се обвиткува во некоја националистичка обланда.
Алтипармаков потенцира дека е потребна повеќе мултиетничка и мултикултурна соработка во нашата средина.
„Во моментот соработувам со една продукција наречена Реал филм. Со драги пријатели Ратко Букчиќ и Александар Касапинов завршив еден краток филм во 2023. Се уште го промовираме. Треба да има промоција на фестивалот Златна рамка во организација на друштвото на филмски работници. Се надевам дека во скоро време ќе добиеме средства за нов краток филм којшто би бил работен со истата продукција и неколку актери од албанскиот театар. Се работи за една соработка којашто е мултикултурна и мултиетничка, којашто мислам дека е повеќе од потребна во нашава средина“, рече Јане Алтипармаков, филмски работник и режисер во интервју за Слободен печат.
Тој додаде дека сижето на филмот е биографска приказна.
„Се работи за едно случување на колегата Ратко Букчиќ. Се работи за неговата прва љубов. Он доаѓа од Бихач и некои работи коишто му се случуваа пред да започне распадот на Југославија, сакаше да ги запечати во времето преку еден краток филм. Јас се нафатив тоа да го сработам од аспект на режија“, посочи Алтипармаков.