„Феминизмот не е исклучиво женска филозофија. Напротив, тој е современа филозофија со која мажите се бават. Во претставата „Хеда Габлер“, сите машки ликови се жртви на нејзината слободна мисла. И они страдаат затоа што не можат да ја разберат нејзината желба, волја и карактер“, рече театарски и филмски режисер Васил Христов Вуси во интервју на Слободен печат.
Тој потврди дека следната изведба на оваа претстава е во Народниот театар Војдан Чернодрински.
„Се надевам дека фестивалот сам ќе смогне снаги во следните години да се издигне на повисоко ниво и да достигнеме пристојност. Мене ми е чест што ја повикаа на отварање. Се надевам дека прилепската публика ќе ужива“, посочи Христов.
„Првпат во животот ја имам таа чест да бидам поканет на фестивалот Војдан Чернодрински со некоја моја претстава. Јас сум практично гостин во сите театри каде што работам и се бавам со претставата до моментот на премиера. А понатаму, дистрибуција на претставата и нејзиното искористување на матичната сцена а и гостувањето на фестивали е работа на самите институции. Како и секој автор се надевам на еден добар прием кај публиката, дека ќе ја сфатат претставата „Хеда Габлер“ и ќе уживаат во неа“, рече Христов.
Тој додаде дека соработката со актерите Сања Арсовска, Зоран Љутков, Владимир Петровиќ останатите за него претставувало уживање.
„Пак ќе се навратам на адаптацијата, битно ми беше психолошката драма да нема ликови коишто само висат, они се 5 вкупно на број, коишто само информативно да објаснат нешто на сцена или да донесат писмо за некого или да најават нешто на сцена како што е во класичниот текст. На тој начин, со Викторија заедно се потрудивме да изградиме можност секој лик да има свој почеток, развој, кулминација и крај. Да станат поинакви ликови одошто биле на почетокот на претставата. Дефинитивно сум одушевен од екипата“, потенцираше Христов.