Поранешниот министер за здравство и актуелен пратеник од редовите на СДСМ, Венко Филипче ќе учествува во трката за нов претседател на социјалдемократите, потврди тој за МИА.
-Да, поднесувам кандидатура за лидер на СДСМ, ни одговори кусо поранешниот министер за здравство.
За кандидатурата Филипче објави и на Фејсбук, нагласувајќи дека по долго размислување и низа разговори со голем број поддржувачи на СДСМ решил да се кандидира за претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија на престојните внатрепартиски избори.
– Нашата партија е соочена со голем предизвик и ги поминува веројатно најтешките моменти од нејзиното основање. Ова е време кога многумина се прашуваат дали СДСМ ќе опстане и каква е иднината на партијата. Но, јас силно верувам дека поразот треба да ни послужи како моќен катализатор за промени и обнова. Мојата цел во следните четири години е да ја обновиме, реформираме и повторно да ја подигнеме СДСМ на ниво кое го заслужува. Да создадеме организација која ќе им служи на граѓаните и ќе биде мотор на општествениот напредок, наведува Филипче.