Министерите за надворшени работи на земјите од БРИКС – Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка, утре и задутре во Нижи Новгород ќе разговараат за случувања во Украина и во Појасот Газа, но и за ситуацијата во Сирија, Либија и Јужен Кавказ.
На дводнавната средба ќе присуствува и шефот на дипломатијата на Турција Хакан Фидан, кој неодамна изјави дека Анкара ја разгледува можноста да се приклучи на БРИКС.
Тој најави дека има намера да го постави ова прашање на министерскиот состанок на БРИКС во Москва. Зборувајќи за новинарите за време на посетата на Кина пред неколку дена, Фидан изјави дека Турција долго чека да стане членка на Европската Унија, но со години се соочува со противење од некои од членките, поради што Анкара сега го разгледува БРИКС како алтернативна платформа за интеграција.
Турското Министерство за надворешни работи соопшти дека Фидан ќе има средба со неговиот руски колега Сергеј Лавров. Покрај актуелните политички и безбедносни прашања во светот, двајцата министри ќе разговараат и за економската соработка меѓу Москва и Анкара.
Фидан отпатува за Русија од Доха, каде што денеска се сретна со лидерот на палестинското движење Хамас, Исмаил Ханија, на маргините на „стратешкиот дијалог на високо ниво за соработка меѓу Турција и земјите од Персискиот залив“.