По повод шест годишнината од потпишувањето на Договорот од Преспа, поранешните премиер Зоран Заев и Алексис Ципрас, преку „Фондацијата Заев“ и „Институтот Алексис Ципрас“ денеска и утре во Атина организираат дводневна Меѓународна конференција за мир и одржлив развој, на која воедно ќе му биде доделена и награда на медијаторот во разговорите за името Метју Нимиц, јави дописничката на МИА од Атина.
Конференцијата ќе се одржи денеска и утре во Конзерваториумот во центарот на Атина, а ќе содржи вкупно осум панел дискусии, од кои две се однесуваат на Балканот, две на регионалните случувања и улогата на меѓународните организации во промовирањето на мирот, две на иднината на Европа и справувањето со екстремната десница и по една на климатската криза и зелената агенда и на европската и грчката економија.
Планирано е учество на шефови на меѓународни организации, премиери, еврокомесари, водечки владини претставници, поранешни претседатели, премиери и министри за надворешни работи, како и претставници на партии од целиот демократски спектар со акцентот на централно левичарски, левичарски и прогресивни сили.
Од нашата земја, ќе учествуваат поранешните премиери Зоран Заев и Владо Бучковски и поранешниот министер за надворешни работи поранешен и поранешен вицепремиер Никола Димитров, како и поранешниот министер Венко Филипче.
Дополнително, меѓу другите, ќе учествуваат и специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина Мирослав Лајчак, поранешниот француски претседател Франсоа Оланд, премиерот на Србија Милош Вучевиќ, поранешните премиери на Шведска и Грција Стефан Лофвен и Јоргос Папандреу, поранешниот претседател на ЕП Мартин Шолц, поранешниот шеф на грчката дипломатија Никос Коѕијас, министерот за Европа и надворешни работи на Албанија Игли Хасани, како и градоначалниците на Атина и Истанбул, а помошник државниот секретар за енергетски ресурси на САД и поранешен американски амбасадор во Грција Џефри Пајат ќе учествува онлајн.
Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш ќе упати видео порака во пресрет на доделувањето на „Наградата од Преспа“ за специјалниот претставник на ОН во преговорите Метју Нимиц, кој исто така ќе биде присутен на конференцијата.
Попладнево, потписниците на Договорот од Преспа Никола Димитров и Никос Коѕиас, заедно со медијаторот и комесарот за проширување Хан, кој ќе се вклучи онлајн ќе дискутираат за преговорите, за спроведувањето на Договорот шест години подоцна и дали Преспа е модел за мирно решавање на споровите, додека пак вечерва Ципрас и Заев, ќе дискутираат за Договорот од Преспа.
Поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас во петокот, преку Фејсбук и официјално го промовираше новиот Институтот што го носи неговото име, вчера беше лансиран и официјалниот сајт, а Меѓународната конференција е првиот јавен настан.
-Имаме амбиција Меѓународната конференција да ја организираме секој јуни заедно со „Фондацијата Заев“, со цел да ја промовираме пораката за мир и соработката на народите, да го продлабочуваме дијалогот, но и да ги потенцираме прогресивните идеи, решенија и конвергенции за големите предизвици од нашето време, напиша Ципрас во петокот и паралелно, го објави и официјалниот постер за конференцијата што е дело на грчкиот и меѓународно признат уметник Јанис Психопедис.
Поранешните премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас во заедничка колумна за „Еуроактив“ минатата седмица ја повикаа Европската Унија и меѓународната заедница јасно да стават до знаење оти почитувањето на Преспанскиот договор е единствениот пат на земјава до пристапниот процес во ЕУ, претпристапната поддршка и економската мобилизација.