Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

IN MEMORIAM Замина уште една телевизиска легенда: Иван Андреевски Маче во сеќавањата на колегите и пријателите

Можам да кажам многу добри работи за Иван, кој упорно и систематски работеше против своето здравје, многу докази за неговото пријателство, пожртвуваност и грижа за другите луѓе. Но, знам дека би бил среќен да знае дека ги спомнав неговите две несомнени љубови. Тито и Југославија. Не ги чепкај нив, по цена на живот, а можеш колку сакаш да ја критикуваш Партијата, Армијата, самоуправата, неврзаните, функционерите – Горан Милиќ

Со заминувањето на Иван Андеевски македонскиот медиумски простор загуби уште еден новинарска легенда, професионалец кој што целиот свој живот го посвети на телевизискиот медиум.

Иван имаше кариера повеќе од 40 години. Се пензионираше во Македонската телевизија, но цело време преку социјалните мрежи ги следеше настаните што се случуваа и денес како, дома така и на глобално ниво во денешниот интернетски телевизискиот свет.

Од самиот почеток на својата новинарска кариера кон крајот на седумдесетите години години како дипломиран политиколог на Белградкиот универзитет, оствари плодна новинарска кариера со својот професионален пристап токму во телевизискиот медиум каде што работеше до пензионирањето.

Иван Андреевски-Мачето многу придонесе за развојот на телевизиското новинарство, пред сè како уредник на Утринската програма на МТВ, а особено како уредник на информативно-докуметарната програма и директор на Македонскара телевизија. Несебично професионално соработуваше, меѓу останатите, со редакциите на Јутел и на Радио Слободна Европа.

Во антологијата на македонското телевизиско новинарство ќе остане запаметен како иницијатор, но и реализатор на легендарната Скопска програма, каде што им даде можност на новата генерација телевизиски новинари и водители. По тажниот повод уредничката на контaктните емисии и долгодишен уреник на утринската програма на МТВ Снежана Пачовска Китанчев напиша:

-Замина и Маче… мојот прв уредник, човекот што ме научи новинарство, човекот што ми даде “леб” во рака. Нè научи дека во животот важна е кариерата, ама најважно е семејството. Ни беше како татко, знаеше да нè искара, ама знаеше и да пофали. Во него не гледав само уредник, гледав и родител, зошто така и се однесуваше. И не му се лутев кога ми велеше “вевчански сој”. Напротив, бев горда на тоа, а тој знаеше дека е така.

“Слушај ваму, дедо да ти каже”, знаеше да рече. Се случуваше да се чуеме на телефон и маратонски долго да разговараме. И на крај, обавезно да го заврши разговорот со: “Гушни ги пилињата од дедо и чувај си го маж ти.”

Андреевски како директор на Македонската телевизија, заедно со тогашниот уредувачки колегиум, успеа, според неговите предвидувања и со оглед на настаните што започнаа да се случуваат со распадот на поранешна Југославија, да ги воспостави дописните центри на МТВ во Словенија, Хрватска, Босна и Хецеговина, Црна Гора и да го засили постојаното дописништво од Белград. Велеше дека јавноста мора да знае што се случува на просторите на некогашната заедница имајќи ги предвид превирањата меѓу поранешните републики.

-Дописната редакција на МТВ беше големиот професионален поттик на информативната програма, автентичен сервис на домицилни информации кој ја одигра својата јавна улога, изјави пензионираната новинарка од Дописната редакција на МТВ, Донка Долгоска.

-Mи беше директор кој високо го ценев и почитував заради неговата неверојатна заштита на правата и слободите на новинарското изразување. Знам дека многу инсистираше на воведување нова технологија во техниката и реализацијата, но немаше поддршка од тогашниот менаџмент.

Познатиот новинар и долгогодишен пријател Горан Милиќ, видно потресен од заминувањето на Иван, напиша:

-Не е шокантно како порано да се добие веста дека починал мој врсник, колега, пријател, бидејќи веќе го поминавме европскиот животен век, па не го добиваме честиот коментар – „толку млади, како …”.

Секако, можам да кажам многу добри работи за Иван, кој упорно и систематски работеше против своето здравје, многу докази за неговото пријателство, пожртвуваност и грижа за другите луѓе. Но, знам дека би бил среќен да знае дека ги спомнав неговите две несомнени љубови. Тито и Југославија. Не ги чепкај нив, по цена на живот, а можеш колку сакаш да ја критикуваш Партијата, Армијата, самоуправата, неврзаните, функционерите. Како што мислам дека е еден од последните новинарски диносауруси кои би се согласиле со овој епитаф: Збогум драги Маче.

Новинарот Вања Вардијан од Словенија, кој во мометов се наоѓа на Европскиот мундијал во Германија, се обрати со почит кон неговиот постар колега со кој долги години соработувале.

-Драг Иван, ти си го сакаше животот, и твојот живот те сакаше. И ние не те повредивме. Како новинар, уредник и човек, тој остави огромен впечаток на сите нас, на вашите пријатели и колеги.

Голем почит на човекот којшто имаше и визионерските медиумски менаџерски способности искажаа и неговите студенти. Андреевски низ пракса воспита генерации млади новинари и уредници на МТВ и на другите печатени медиуми предавајќи на катедрата за новинарство при Филозофскиот факултет на УКИМ.

Со својата силна новинарска љубопитност и страст кон телевизиското новинарство остави белег со прилози кои денес имаат вредност на документарен материјал, вистинска историја на втората половина на 20. век.

И ќе потсетиме на неговите зборови како мотив и водителка во животот за што се присетуваат многу негови пријатели, дека тој никогаш не трчал по успехот и парите. Маче направи завидна кариера, а никогаш не беше кариерист. И токму затоа, шегобијно тој самиот ќе кажеше – работите сами природно ќе си дојдат на место.

Иван Андревски е роден е на 25 јуни 1947 година, во Доленци, Демирхисарско. Бил директор и одговорен уредник на Телевизија Скопје (1986-1990); беше и претседател на Здружението на новинарите на Република Македонија. Од 2006 година е член на Советот за радиодифузија.

Мирјана Василева

Зачлени се на нашиот е-билтен