Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Мицкоски не планира никакви мерки за ограничување на цените, ние сме биле пазарна економија

За 10 евра или 629 денари се зголемиле минималните месечни трошоци на едно семејство во текот на август во споредба со јули годинава, но сепак според премиерот Христијан Мицкоски нивото на инфлацијата во последните месец-два се смирило и е на ниво на 3 проценти.

Спеак најновите пресметки на Сојузот на синдикати на Македонија, кој ја изработува синдикалната минимална кошница. Според пресметките на ССМ, во август вредноста на минималната кошница изнесувала 61.199 денари.

Во периодот од јануари до август, минималната кошница е зголемена за 4.036 денари, а од кога се пресметува по новата методологија, односно од декември лани до август годинава за 4.677 денари.

Синдикатите изминатиот период зачестено посочуваат дека потрошувачката кошничка се зголемува, а платите многу минимално растат. Од друга страна, има незадоволство кај граѓаните – продолжува трендот на задолжување, а инфлацијата и натаму е висока, иако е едноцифрена.

Премиерот смета дека цените на прехрамбените производи треба да бидат пониски и апелира до трговците максимално колко што можат да ги намалат маржите.

-Ние сме пазарна економија, пазарот ги диктира цените. Ако влеземе во една политика на ограничување, тогаш видовте какви резултати ни даде таа политика-ни даде спротивни ефекти од тие што ги очекувавме. Затоа, политиката на оваа Влада е да поддржува инвестиции и затоа не е политиката на оваа Влада да одржува зголемена и вештачки набилдана јавна потрошувачка, затоа што парите на тој начин губат вредност и иста количина на пари по еден месец ја губи својата вредност и деноминира, би рекол за десетина проценти, изјави Мицкоски.

Посочи дека она што го првеле како Влада во изминатите два месеци е сопирање на слободниот пад, стабилизирање на системот и институциите.

– Мислам дека тој процес ќе потрае до почетокот на есента, а до крајот на годината бидејќи се уште работиме на буџет чиј костур го креираше претходната влада, очекувам да дојдеме до состојба кота нула, а веќе со следниот буџет за следната година да почне развојот и напредокот, изјави Мицкоски.

Премиерот, Мицкоски кој денеска присуствуваше на одбележување на празникот на рударите во Пробиштип и Македонска Каменица додаде дека во изминатите два месеци, новоименуваните функционери работат чесно во институциите.

– Знам со колкава енергија влегуваат новоименуваните лица кои имаат чест добиена од граѓаните да ги водат тие институции и тоа влева кај мене огромна доза на оптимизам, рече Мицкоски.

Трошоците вртоглаво растат

„Податоците од Синдикалната минимална кошница покажуваат дека и без зголемување на платите, трошоците за живот вртоглаво растат, нема оправдување за тоа, а истото никој не се обидува да го спречи, а ги прави граѓаните, работниците и пензионерите уште посиромашни“, велат од ССМ.

Податоците од Синдикалната минимална кошница, според нив, треба да ги разбијат дилемите на сите оние кои мислат дека работничките плати се највиновни за растот на инфлацијата односно растот на трошоците за живот. „Само со зголемување на платите може да се зачува животниот стандард на работниците и токму затоа барањата на работниците за зголемување на платите се оправдани“, децидни се синдикатите.

Државниот завод за статистика измери инфлација во јули од три проценти на годишно ниво.

Цените влијаат на инфлацијата


Статистички податоци секој месец укажуваат на нов скок на трошоците за живот во Северна Македонија, што влијае и на инфлацијата. Во екот на летото, изгор цените во рестораните и хотелите, високите трошоци за транспорт, лекување и домување само го одржуваат високото ниво на инфлација.

На пример, трошоците во јули годинава, во однос на јули лани, бележеа зголемување за 3.0 %, а цените на мало за 3.9 %, покажуваат анализите на Државниот завод за статистика. Инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на живот во јули во однос на јуни 2024 година, изнесуваше 0.7 %. Цените на мало, пак, во јули во споредба со претходниот месец забележале раст од 1.5%.

Зголемувањето на инфлацијата е резултат на растот на цените во рестораните и хотелите, како и на трошоците за транспорт, рекреација и култура, здравје, домување и слично.

Според податоците на Државниот завод за статистика, просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во април годинава изнесува 41.085 денари и е за 13,7 отсто повисока отколку во истиот месец минатата година.

Зачлени се на нашиот е-билтен