Премиерот Христијан Мицкоски утрово остварил средба со унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој вчера пристигна во официјална посета на државава.
– Имав плодна и пријателска средба со унгарскиот колега Виктор Орбна. Историјата сведочи за нашиот заеднички стремеж кон мир, просперитет и соработка. Унгарија во минатото беше еден од првите наши партнери кој ги препозна македонските стремежи за независност и суверенитет. Со години наназад, политичките и економските врски меѓу нашите држави се продлабочуваат, а денешните средби само го потврдуваат нашето стратешко сојузништво. Унгарија не е само наш партнер во европската сцена, туку и пример за тоа како една држава може успешно да го балансира националниот суверенитет со глобалната интеграција, напиша Мицкоски на „Фејсбук“.
Унгарскиот премиер, пак, напиша „Петок почнува со радио. Потоа почнува самитот на владите“.
Како што е веќе најавено, во Охрид денеска ќе се одржи и меѓувладина седница по што се очекува двајцата премиери да имаат заедничка прес-конференција.
Според агендата, предвидена е и прошетка во Охрид, посета на црквата Богородица Перивлепта, Античкиот театар и манастирскиот комплекс Свети Наум, а премиерите на двете земји ќе положат цвеќе пред споменикот на Свети Кирил и Методиј во Охрид.