Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Возот в пченка

Груевизмот беше само глупавоносен, веројатно не и глупав за сам себе, па силите што ни поттураат тука автократија се занесле поприлично што замислиле дека е можна диктатура со недоветни автократи. Останува да аплицираме малку Бубакил, да испаднат вошките и гнидите, едно о-рук на вовчето од пченката, враќање на шини и правец – Европска Унија. Со компас!

Емилија ЦЕЛАКОСКА

Читам наслов – еден денар поевтинил лебот. И се прашувам дали оној голем хадронски колајдер направил паралелен универзум во кој некој нашол значење во 1 денар поевтинување. Имаше симптоми за паралелен универзум со апсурдите како „линеарно покачување пензии“, што е суштински и фактички – нелинеарно. Изгледа во паралелниот универзум процентуалното сметање е непознато (или ерес), а сите кривини имаат барем еден разрушувачко-(анти)вредносен аспект кој може да се изврти во „линеарен“. „Линеарен“ гратис од 1/50-инка леб, едно бебешко залче. На килограм месо, пак, 10-20 денари, а тоа се цели 2 до 9 грама божем смрзната маржа. Десет пати „линеарно“ надокнадена со претходно поскапување. Можеби колајдерот нѐ исфрлил на бреговите од некој век кога луѓето јаделе бобинки по шумите, а ние само си замислуваме дека сме во 21-ви век?

„Линеарен“ гратис од 1/50-инка леб, едно бебешко залче. На килограм месо, пак, 10-20 денари, а тоа се цели 2 до 9 грама божем смрзната маржа. Десет пати „линеарно“ надокнадена со претходно поскапување.

За другите вредности што не се купуваат – како се објаснува она снимање сам себе на избран претставник на народот („министер”) кајшто прска плуканки против јавни личности, против други држави, против дел од сопствениот народ, во име на сите нас? Неговиот „легитимитет“ што нѐ заглавува сите и на којшто инсистира, навистина, се реализира по сила на законот и би требало да е конгруентен со вредносниот идентитет на оние кои го избрале, но… Вака, на снимката личи како тој вредносен идентитет да е отаде историјата, кај канибалните племиња евентуално, ако се амбицираме да е формално човечки род. Не баш сите од неговите избирачи колективно имаат слични „изблици“ од вакви ботски вредносни критериуми во говорот, мислата и разумот, надежно – помалку од нив. Всушност, и самите негови избирачи се шокирани од еден поинаков идентитетско-безбедносен аспект, триесет години познат како „албанско прашање” и се стреми да биде уште попознат сега кога Албанија навистина нѐ престигна на патот кон ЕУ. И економскиот, и безбедносниот аспект го делиме сите целовремено, со тоа што вториов за еден ден стана горливо прашање, а во економскиот нѐ прпелкаат месец-два. На првата седница веднаш тргнаа во спојување институции, тогаш – инспекторатите со министерствата, а сега спој на АНБ со АР. Приказната на снимката, пак, е како од сапуница, турска серија за маскирање на намерите за концентрација на моќ во извршната власт: Големиот лош Бугарин нѐ зезнал (нас) користејќи ја Нашата Цезарка Венеријанка. Во заднината, претпријатието на раскажувачот си ја доделило улогата на Брут, планирајќи и нож за кратење на претседателските ингеренции врз државните безбедносни структури. Ако претседателката долетала на планетава, време е да си го употреби интелектот. Не тој! Другиот.

Како се објаснува она снимање сам себе на избран претставник на народот („министер”) кајшто прска плуканки против јавни личности, против други држави, против дел од сопствениот народ, во име на сите нас?

Колајдерот нешто има направено. Не би требало да постои избирач, а и неизбирач, којшто го валоризира тоа правење мајмун за 1 денар, за трицифрени патлиџани на лето, за играње со безбедноста и институцијата преседател, за шмукање наши пари со експлозија од нови министерства и фемили функции, за „кичмата“ … Ама, веројатно, си постојат такви „линеарни” избирачи, линеарно отсекогаш, на кои не им пречи што секој ваков мистер Легитимитет, на волшебен (а законски!) начин „заслужил“ месечно толку 1-денарки, што би можеле да се наредат густо една до друга по кејот од Александар Палас вдолж Градски парк, до зградата на Владата – повеќе од два и пол километри. Еден мал чекор за човекот – триесетина 1-денарки… При чиста несвест дека за функција не е доволно само да не се спие на „пачки“.

Секако, не е тој сосем сам виновен за недоразбирањата. Самиот назив на претпријатието – „револуционерна организација”, имајќи ги предвид денешниве први и втори во неа, звучи само нијанса посериозно од „Каубојци и Индијанци“ и истовремено е плагијат на нешто што се родило, било сериозно, се трансформирало и исчезнало во историјата. Односно, мртвост ставена во назив што е дополнително и плагијат, автоматски му одзема вредност на колективот што се крсти во тој назив. Исто така, оксиморонот „демократска“ со „национално единство“ е апсурд кој води во корозија на сопствената смисла, а комбиниран со своето немериторно ширење води и до поништување на вредносното единство во општеството. И тоа токму она единство, кое веќе било претходно генерирано од колективниот вредносен идентитет. Си одговорил ли некој зошто не се обединил македонскиот народ под „светите букви“? Одговорот „предавници“ е неодговор, автоматски имплицира несвест за тој можен идентитет, т.е. е празен изговор. Бидејќи, ако вредносниот идентитет на оваа „светост“ вреди нешто, тогаш зошто некој би се прешалтувал надвор од тој идентитет? Одговорот на секого му е пред очи, но се мижи со широко затворени очи, дека пет пари не вреди наводната „светост“ денес. А реалноста се замава по сечиј џеб и сечија безбедност, за да прогледаат „филозофите“ од-денес-за-утре и „мудреците“ сите-се-исти.

Самиот назив на претпријатието – „револуционерна организација”, имајќи ги предвид денешниве први и втори во неа, звучи само нијанса посериозно од „Каубојци и Индијанци“ и истовремено е плагијат на нешто што се родило, било сериозно, се трансформирало и исчезнало во историјата.

Колајдерот мора да е виновен што се наметнува прашањето колку пати едно македонско „мнозинство“ коешто гласа на избори мора да си ја повтори глупоста за да ја сфати немериторната, антивредносна (не)природа на претпријатието што го избира да нѐ владее сите, односно за да сфати дека суштински вредносно-идентитетски воопшто не е ни демократска, ни национална, а ни македонска како што сомнително двапати повторува во својот половината апсурден и половината плагиран назив. Ниту на начин од 1903, а уште помалку на начин од 1944. А ниту од 1991! Не беше ли досега очигледно дека оваа група изедува сѐ вредно, па мувлосаните празнини ни ги рекламира за вредност? Кој тоа се конформира на скапаните трошки? На пример, актуелно, без да си внимава што ќе му се случи со тешко постигнатите колективни договори или односот маржи – инфлација – пензија? Кој толку сака да живее асимилиран од економски и безбедносно разнишувачка, недоветна група? Неодговорливо е, просто, како и зошто му успева на пониското цивилизациско ниво да увери луѓе во колективна штетност. Многумина сме живееле во време кога вредносниот идентитет бил македонски затоа што бил столб на народниот етос. И обратно, македонскиот идентитет бил со вредносен квалитет, а не скрама на грозен сосед и глупав кандидат за ЕУ како во овие денови. Како може така да се прават толку недостојни, а успешни обиди да се анихилира компатибилноста на македонското со, на пример, идејата на ЕУ, еднакво благородна како идеите на Гоце Делчев и на Антифашистичкото Собрание на Народното Ослободување на Македонија? Психологијата на „помалото зло“ ли се зема за руски рулет?

Во текот на материјалната регенерација по Втората Светска Војна, човечките вредносни сфаќања имаат доживеано некој вид просветлување во генерациски период и во светски опсег. Заради тие разбирања, всушност саморазбирања на колективот на самиот Себе, ниедна земја не би смеела да го игнорира предвоениот и поствоениот период на ВСВ, а Македонија, кога ги дефинирала своите граници после таа војна, пак, никако! Погледнете само како на македонскиот народ  – таканареченава „револуционерна“ се обидува да му направи дупка во колективното вредносно сеќавање! Со потиснување на овој период и земање во преден план други, претходни периоди во кои колективната свест за колективното Себе не е сосем заокружена, ниту со границите, ниту со сфаќањето за само-владеењето, со што всушност го скрива, го препокрива далеку вредносно-поосвестениот период по ВСВ. Сите сонуваат за свет без граници, но светот не стигнал ни трошка да ги искуси државните работи, само во обид, повеќе – имитација. Границите се сеуште многу важна работа бидејќи се во јадрото на дефиницијата за држава, која, пак, е нераскинливо поврзана со сфаќањето за водење, институционално владеење на државата со самата себе. Според тоа, македонскиот случај е високо сензитивен дали светското разбирање на (всушност – против) автократско владеење наспроти демократската самоуправност влегло во колективната свест на македонскиот народ. Да забележиме дека македонскиот народ, со ропствата, искусил директно цврста рака, но никогаш директно не го искусил и решението, само индиректно после ВСВ. Но, и покрај тоа, после Војната успева да ја „пофати” анти-авторитарната свест, веројатно социјалистичките вредности во рамки на Југославија помагаат за тоа.

Тоа сепак е универзално-Човечки успех, макар и само како бран во колективот, можеби без комплетно сфаќање, но и тоа би требало да е вредносно-идентитетски овозможувачки за сопствената иднина. Важно е ова за нас, затоа што Источниот блок се лизна кон диктатури во комунизмот, како ништо вредносно да не е научено од Војната. Во македонската Човечка колективна свест, Гоце Делчев и учителите – дејци се дури потоа компатибилни со тоа подоцнежно себеразбирање, но, војсководци како Александар и Самоил не може да се бројат битно во него – тие се од дивергентно далечни периоди во однос на било кој аспект на идентитет, при комплетно поинаква свест на луѓето за себе надвор од војската. Тие не даваат никакво разбирање за колективноста на управувањето на поголемиот колектив наместо војската, ниту за маскарадите на авторитарноста врз колективот, туку напротив, нивните споменувања само се во служба на ванаби автократите од автократските претпријатија за помин со бајки да се концентрира моќ, заедно со којзнае кои други, туѓи за нас сили. Всушност, сили на кои им треба тука правење непријател од Другиот, им треба репресија, им требаат ингеренциите од што повеќе институции, па спојувањата доаѓаат оттука. Не може да остане незабележано дека вештачки ни беа туркани вредносно некомпатибилни историски ликови под носот небаре сликовници и цртани за Пепелашка, за цврстата рака да биде „сонот – желба, што нашето срце ја посакува“, разградувајќи ја институционалноста што државата ја прави држава, а со тоа и суштински вредносниот столб на македонскиот идентитет.

Реоткривањето на колективниот македонски вредносен идентитет е можно со помош на медиумите, образовните и научните институции, но засега премногу од нив служат за ширење на циркуските точки на кловновите на олигархијата, која по дефиниција не е македонско-вредносна по етос.

Поствоеното знаење за колективното Себе, универзално и засекогаш треба пак да се реоткрие и тоа, како што јаде буреци плагијаторското претпријатие, не е затварањето во пештерската етнизираност со цел ексклузија, туку пренесување на вредносното поствоено Разбирање врз поимот за Нација. Таа филозофија на живеење, тие солидарно-колективни, порано наречени социјалистички вредности, не би смеело да бидат згазени од кутлешки и слични сликички од несвесни периоди зад кои вредносната симболика е заборавена и стои само приврзаноста кон аспиранти за „цврста рака“. Поствоеното Знаење во врска со колективното Себе не смее да биде затворено во високите научни установи, туку да му се врати на Македонецот во паметот и душата. Притоа, додавањето „Северна“ воопшто не го руши вредносниот идентитет, бидејќи за дистинкцијата на колективите, името само треба да исполнува услов да не биде само на себе противречно (како што е ДПМНЕ, на пример), па задоволувајќи го само тој услов, веќе името не е својство според кое дистинкцијата се прави. Тоа е слично како за славните личности – сите ги знаеме затоа што се славни, но славата ја добиле независно од нивното име. И колективот е тој-тој колектив затоа што се издвојува како целина според својствата, а називот е само етикета на таа содржина. Притоа, не сме само на нула со ова, туку во плус, бидејќи се добива и една облагородувачка можност: После многу години препокривање на македонскиот вредносен идентитет со заглупавувачките дејства на авторитарниот режим на ВМРО-ДПМНЕ во предминатата деценија, преименувањето во Северна Македонија има потенцијал да обележи точка во времето, како ветување (завет) дека својот оригинален (по старо, дел од називот „социјалистички“ ) вредносен идентитет ќе го изрази пак по тој момент. „Север“ е како “sever”, отсекување од несвеста која започнала од моментот кога се отфрлил квалификативот Социјалистичка или, во превод, со инсталирањето на зомби од „внатрешна македонска револуционерна организација“ со цртичка, „демократска“ (замислете го тоа!), а сега уште и партија, не организација, „за македонско национално единство“. Односно загадување со плагијат, па апсурд, па лага во чистотата на македонскиот етос.  Реоткривањето на колективниот македонски вредносен идентитет е можно со помош на медиумите, образовните и научните институции, но засега премногу од нив служат за ширење на циркуските точки на кловновите на олигархијата, која по дефиниција не е македонско-вредносна по етос. Така правеа со години без оглед дали „надежниот цврсторак“ имаше или не пристап до управувањето со нашата реалност и иднина.

Вредносниот идентитет на македонскиот народ се содржи во оној бран на принципи околу АСНОМ кој го дефинираше карактерот и етосот на нацијата, кој дури после тоа можеше да го итерира значењето на идеите на Гоце Делчев и дејците од околу почетокот на 20-тиот век. Македонскиот идентитет по ВСВ доби форма и израз затоа што овозможи заемен однос меѓу членовите на нацијата, како елемент од овозможувањето на однос со други нации во границите на СФРЈ, кој пак овозможи интеракција со светот. Меѓусебниот однос на Македонците во југословенската колевка веќе имаше идентитетска тежина, не толку преку разликувањето со другите националности со оглед дека поделбата на федерални единки го автоматизира тоа, туку токму преку тежнеењето на федерацијата за рамноправност и поврзаност на различните нации (за жал, не и на крајот). Затоа и Илинденското е отпосле компатибилно со таквиот израз – во заедничката борба за слобода не бил само македонскиот незаокружен етникум, туку баш се валоризирале рамноправно повеќе етникуми на друга, почовечка основа. Тоа се вредностите денеска и зад идејата на ЕУ – слобода и рамноправност низ заемна почит, но со задолжително владеење на правдата заради која се бореле за слобода, најжедниот идеал на човештвото, капка вода во пустина за Македонецот…

Сега, откако Албанија се оддели за ЕУ, изгледа ни отиде и возот и бродот во пченката. Легендарниот тунел, завршува во ѕид, како што прорече „демократското“ претпријатие за олигархиско служење. Но, вистинското македонско е слободарско, а не вакво затутулено! Груевизмот беше само глупавоносен, веројатно не и глупав за сам себе, па силите што ни поттураат тука автократија се занесле поприлично што замислиле дека е можна диктатура со недоветни автократи. Останува да аплицираме малку Бубакил, да испаднат вошките и гнидите, едно о-рук на вовчето од пченката, враќање на шини и правец – Европска Унија. Со компас!

Фотографијата за илустрација на колумната е на Петар Стојановски

Зачлени се на нашиот е-билтен