Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Законите за странски агенти се шират како епидемија, сега се предлага и во Црна Гора

Законите за странски агенти се шират како епидемија. Деновиве иницијатива за донесување таков закон се покрена и во Црна Гора.

Коалицијата За иднина на Црна Гора (ZBCG) на 9 октомври објави дека е неопходно итно да се предложи Закон за агенти на странско влијание во Црна Гора.

Како што наведоа, со него ќе се регулира „функционирањето на странските агенции кои се обидуваат да влијаат на внатрешната и надворешната политика под превезот на невладини организации“.

Коалицијата ја сочинуваат проруските партии на поранешниот Демократски фронт (ДФ) – Нова српска демократија на Андрија Мандиќ и Демократската народна партија на Милан Кнежевиќ.

Тие партии се залагаат за укинување на санкциите против Русија, повлекување на признавањето на независноста на Косово, го негираат геноцидот во Сребреница и се против членството на Црна Гора во НАТО.

Андрија Мандиќ е претседател на Парламентот на Црна Гора.

Да се донесе Закон за странски агенти, која како предлог доаѓа од дел од парламентарното мнозинство во Црна Гора, невладините и опозицијата го оценија како сериозна закана за демократијата и евроинтеграциите.

Радио Слободна Европа за ова прашање денеска ја пренесе реакцијата Стејт Департментот на САД.

Соединетите Американски Држави се длабоко загрижени за можните последици што предложениот закон за странски агенти може да ги има врз демократијата, човековите права и основните слободи, вклучително и слободата на изразување и здружување во Црна Гора, сојузник во НАТО и кандидат за ЕУ, пренесе Радио Слободна Европа (РСЕ).

На прашањето на РСЕ да ја коментира најавата на коалицијата „За иднината на Црна Гора“, која ги собира проруските партии на поранешниот Демократски фронт, дека ќе предложи усвојување на закон за странски агенти, Стејт департментот оцени дека ова би ги ограничило активностите на граѓанското општество:

„Ваквиот закон може да го ограничи просторот за граѓанско дејствување, да ги стигматизира граѓанските организации кои работат на подобрување на животот на граѓаните на Црна Гора и да ја попречи критичката работа на независните медиуми кои известуваат за јавноста врз основа на факти. Овие елементи се исклучително важни за сите демократски институции и системи“.

Закон за странски агенти постои во Русија и Грузија, а неговите варијации постојат во други земји како Белорусија и Словачка.

Поради него, евроинтеграцискиот процес на Грузија беше практично прекинат.

Зачлени се на нашиот е-билтен