Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Првичните резултати покажуваат водство на проевропската Санду во Молдавија, но неизвесен е исходот од референдумот за ЕУ

Прелиминарните резултати покажуваат дека проевропската актуелна претседателка на Молдавија, Маја Санду е во водство во нејзината кандидатура за реизбор. Сепак, делумните резултати, исто така, укажуваат дека предлогот за впишување на европските аспирации на земјата во уставот на Молдавија можеби пропаднал со обврзувачко гласање, јавуваат полските медиуми повикувајќи се на локалните во земјата.

Централниот изборен комитет (ЦИК) на Молдавија објави дека според прелиминарните резултати (врз основа на преброените гласови од 16 отсто од избирачките места), актуелната претседателка Маја Санду води по првиот круг на гласање, наспроти нејзиниот ривал, поранешниот јавен обвинител и кандидат на прорускиот центар – второпласирана левата популистичка Демократска партија, Александр Стојаногло.

Вториот круг на гласање ќе се одржи на 3 ноември.

Сепак, прелиминарните резултати за истовремено одржаниот референдум со кој би се изменил уставот, укажуваат на тоа дека Молдавците одлучиле да не внесат про-ЕУ курс во уставот, гласајќи против уставниот амандман за пристап во ЕУ како уставна цел на Молдавија.

Прелиминарните резултати (врз основа на преброени гласови од 23,4 отсто од избирачките места) покажуваат дека Молдавците го отфрлиле предлогот со мнозинство од 58 отсто гласови, објави веб-страницата на молдавскиот канал ТВ8.

ЦИК соопшти дека излезноста на претседателските избори изнесува 54,5 отсто од гласачите со право на глас. Излезноста на референдумот сè уште се пресметува, но ЦИК објави пред затворањето на гласачките места, дека одѕивот го исполнил условот една третина од гласачите со право на глас да го дадат својот глас што го прави гласот обврзувачки.

Последната бројка е особено клучна, бидејќи најмалку една третина од гласачите со право на глас мора да го дадат својот глас на референдум за да биде валиден. Некои гласачи, особено оние кои гласаа за проруски кандидати, избраа да го бојкотираат гласањето на референдумот во обид да го попречат.

Зачлени се на нашиот е-билтен