Американскиот претседателот Џо Бајден изјави дека САД ќе обезбедат за Киев кредит во износ од 20 милијарди долари од каматите добиени од замрзнатите руски резереви на Запад поради агресијата на Москва врз Украина.
Групата на седум најразвиени демократии (Г-7) гарантира дека руските странски резерви во западните банки и финансиски институции кои се во износ од околу 300 милијарди долари, ќе останат замрзнати сè додека Русија не ја прекине својата агресија и не плати репарации за нанесените штети.
Украина треба да добие вкупно 50 милијарди долари кредит.
Дваесетте милијарди долари се делот на САД. Вашингтон планира до декември да ја префрли целата сума во доверителен фонд на Светската банка која ќе ги менаџира средствата. Останатите 30 милијарди доаѓаат од партнерите во Г-7, вклучувајќи ја ЕУ, Велика Британија, Јапонија и Канада.
-Ова е уникатна ситуација. Никогаш претходно мултилатерална коалиција не замрзнала средства на земја агресор и потоа ја искористила вредноста на тие средства за да ја финансира одбраната на засегнатата земја, притоа почитувајќи го владеењето на правото и одржувајќи солидарност, изјави синоќа Џон Кирби, координатор за стратешки комуникации на Советот за безбедност во Белата куќа.
„Русија нема да победи во овој конфликт. Ќе победи народот на Украина, изјави претседателот Џо Бајден.
Тој додаде дека со ова „Владимир Путин уште еднаш е потсетен дека светот се обедини околу Украина и дека САД и нашите партнери од Г-7 ќе продолжат да ја поддржуваат на секој чекор.“
Од Белата куќа изјавија дека овие кредити ќе го поддржат народот на Украина додека ја брани и обновува својата земја, „и ова е уште еден пример како војната на агресија на Путин само ја обедини и зајакна решеноста на земјите од Г-7 и нашите партнери да ги бранат заедничките вредности“.
Министерката за финансии Џенет Јелен претходно изјави дека сојузниците од Г-7 и ЕУ се „многу блиску“ до завршување на активностите околу кредитите за Украина во вкупен износ од 50 милијарди долари обезбедени со замрзнати руски средства.
Во вторникот, законодавците на Г-7 и ЕУ го одобрија користењето на замрзнатите руски средства за обезбедување на кредитот.
Говорејќи на почетокот на годишните состаноци на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка, Јелен изјави дека е уверена дека руските суверени средства ќе останат замрзнати, и покрај потребата оваа мерка да се продолжува на секои шест месеци.