Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

На Деве Баир запленети 60 килограми марихуана, во 2022 двоен раст на бројот на заплени

Мобилните тимови на Царинската управа вчера на граничниот премин Деве Баир запленија 60 килограми опојна дрога марихуана, наменета за европскиот пазар. Со ова, како што соопштија од Царинската управа, спречен е меѓународен канал на нелегална трговија со дрога. Вредноста на запленетата дрога на нелегалниот пазар се проценува од 240 до 300 илјади евра, пренесува МИА.

-Во попладневните часови на излез од државата, мобилните тимови од Одделението за оперативни работи од Секторот за контрола и истраги, при вршење на царинска контрола на автомобил со романски регистарски ознаки управувано од романски државјани, пронајде опојна дрога марихуана со вкупна тежина од 60 килограми. Опојната дрога е пронајдена во специјално направени бункери во возилото, каде биле сокриени 64 пакети марихуана, се наведува во соопштение на Царинската управа.

Оттаму информираат дека дрогата и возилото се одземени, а лицата се приведени и предадени на Одделението за истраги за спроведување на понатамошна постапка. До надлежното Основно јавно обвинителство – Куманово против двете лица е поднесена кривична пријава и за истите е одредена мерка притвор.

Од Царината посочуваат дека во текот на минатата година е спречена нелегална трговија на над осум тони дрога и психотропни супстанци, со проценета вредност од 50,3 милиони евра на нелегалниот пазар.

-Исто така, во 2022 година Царинската управа бележи и двојно зголемување на бројот на случаи на спречување на недозволена трговија во сите категории во однос на 2021 година. Споредено со 2021 година, кога имало 58 случаи на заплени, минатата година се евидентирани вкупно 114 случаи на заплени на: дроги и психотропни супстанци со проценета вредност од над 50 милиони евра, како и заплени на девизи, злато и акцизна стока во вредност од над 2 милиони евра. Рекордна заплена на злато и девизи во вредност од еден милион евра имаше неодамна, во втората половина на декември, потенцираат во соопштение.

Од Царинската управа посочуваат дека и оваа година ќе продолжат со силна фокусираност на борбата со сите облици организиран криминал, спречувањето нелегална трговија и заштита на општеството.

Зачлени се на нашиот е-билтен