Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Костадинов и Герасимовски ќе ја зголемуваат соработката меѓу Струмица и Центар, разликите ќе ги пеглаат низ дијалог

Градоначалниците на општина Центар, Горан Герасимовски и на општина Струмица, Костадин Костадинов во одговори за редакцијата на Рацин.мк изразија подготвеност да ја интензивираат соработката низ заеднички проекти кои ќе донесат нови придобивки за граѓаните.

Двајцата градоначалници изразуваат спремност за дијалог и партнерство и потенцираат, секој за својата општина дека имаат резултати, искуства и проекти кои се спремни да ги споделат со останатите општини.

„Доколку се појави можност за реализација на одреден заеднички проект или размена на искуства, соработката ќе биде добредојдена,“ изјави Герасимовски. Тој додаде дека одлуката на Костадинов за напуштање на ЗЕЛС нема да влијае на идните партнерства меѓу општините и на реализацијата на заеднички проекти.

 „Водиме партиски дијалог, а СДСМ е демократска партија – токму затоа градоначалниците имаат право на свој избор,“ посочи Герасимовски.

Од своја страна, Костадинов нагласува дека дијалогот во рамките на партијата секогаш е отворен за различни прашања. Неговата одлука за напуштање на ЗЕЛС ја објаснува како реакција на, како што вели, игнорирањето на потребите на Струмица, особено во период кога жителите се соочуваат со забрана за вода за пиење и отфрлање на нивниот проект за средства од унгарскиот кредит.


Општина Центар: Инклузивност и енергетски иновации

Како што вели Герасимовски општина  Центар има  бројни иновативни локални иницијативи. Општината основаше трговско друштво за производство и продажба на електрична енергија, преку кое инсталира фотоволтаични панели на објекти како градинката „Пепелашка“ и училиштето „Киро Глигоров“. Со овие инвестиции, вредни 7,3 милиони денари, Центар не само што ги намалува сметките за струја туку и го поддржува енергетскиот развој на општината.

Во насока на инклузивноста, Центар отвори нови училници и кабинети, лифт и рампи за ученици со потешкотии во движењето, додека градинката „Пролет“ се гради како целосно инклузивен простор со капацитет за 150 деца. Оваа модерна градинка е значаен проект финансиран со 2,5 милиони евра од буџетот на општината.

Струмица: Одржлив транспорт и модерни инфраструктурни решенија

Во Струмица, градоначалникот Костадинов се гордее со спроведените проекти, меѓу кои се новиот градски пазар и социјалната населба „Чамлк“. Општината воведе целосно електричен јавен превоз и изгради 13 километри велосипедски патеки, со цел поддршка на екологијата и зголемена мобилност. Младинскиот центар и центарот за дневен престој на лица со попреченост, како и новите училишта и ученичкиот дом, се исто така важни постигнувања за општината.

„Континуирано инвестираме во инфраструктурата – булевари, мостови и локални сообраќајници,“ истакнува Костадинов. Општината, како прва со воведени ИСО стандарди, е и членка на „Мрежата на силни градови“ каде членуваат повеќе од 200 европски општини.

Иако оддалечени географски, Центар и Струмица изразуваат волја за меѓусебна соработка и размена на искуства кои ќе донесат позитивни резултати за жителите на двете општини.

С.Т.

Зачлени се на нашиот е-билтен