Народниот театарод Битола учествуваше на 44-то издание на фестивалот ,,Борини театарски денови“ во Врање во Србија, со претставата „Брод за кукли“ на Милена Марковиќ, во режија на Кокан Младеновиќ.
Претставата која беше изведена на шестата, последна натпреварувачка вечер на фестивалот, зборува за една или сите женски судбини, или за сите човечки судбини – како една жена го доживува својот живот како серија за неостварени бајки. Претставата во седум заплети и седум различни амбиенти се однесува на седумте инкарнации на хероината и седумте метаморфози на нејзиниот пасивен женски принцип.
Во битолската претстава играат: Сандра Грибовска – Илиевска, Викторија Степановска-Јанкуловска, Илина Чоревска, Катерина Аневска-Дранговска, Валентина Грамосли, Петар Спировски, Мартин Мирчевски, Никола Пројчевски, Марјан Георгиевски, Филип Мирчевски, Живко Борисовски, Огнен Дранговски, Петар Горко и Никола Стефанов.
По претставата се разговараше за оваа театарска продукција во кој учествуваа драматургот Бојан Тасиќ како модератор, а за претставата зборуваа актерките: Викторија Степановска Јанкуловска, Илина Чоревска и Сандра Грибовска.