„До собраниската архива нема стигнато допис од ниту еден пратеник за тоа дека преминува во некоја друга група или, пак, бара да дејствува независно“. Ова, денеска го изјави претседателот на Собранието, Африм Гаши, одговарајќи на новинарско прашање, откако во јавноста се прошири веста дека пратеничката и лидерка на ЛДП, Моника Зајкова, ја напушта Коалицијата „За европска иднина“, предводена од СДСМ.
Според собранискиот спикер, се додека еден пратеник не достави до архивата, известување дека преминува во некоја група или станува „независен“, не може ништо да се сугерира за намерите на кој било пратеник.
Гаши потврди дека во архивата на Собранието има депонирано допис, само од патеникот и лидер на ДПА, Мендух Тачи, во кој стои дека веќе не е дел од коалицијата „Европски фронт“. Тој рече дека во документот доставен од пратеникот Тачи, нема мислење дали припаѓа на некоја друга коалиција, ниту пак, дали е „независен“ и дека во дописот, само е наведено оти повеќе не е дел од коалицијата „Европски фронт“, предводена од ДУИ.