За претстојниот викенд и за деновите од наредната недела ви препорачуваме опера, театарска претстава, концерти… Гледајте, читајте, слушајте…
Опера: „Валкира“ на Софиската опера и балет
Во изведба на гостите од Софиската опера и балет, во сабота, 18 мај од 18 часот, на сцената на Националната опера и балет (НОБ) биде изведена операта „Валкира“ од Рихард Вагнер. Операта ќе биде прикажана во рамки на 52. издание на „Мајски оперски вечери“.
Диригент на операта е Еван-Алексис Крист од САД, режисер е Пламен Карталов, а сценограф Ханс Кудлих. Во „Валкира“ настапуваат: Вотан: Томас Хол; Фрика: Маријана Цветкова; Зигмунд: Мартин Илиев; Хундинг: Ангел Христов; Брунхилда: Гергана Русекова; Зиглинда: Цветана Бандаловска; Халмвига: Станислава Момекова; Oртлинда: Силвија Тенева; Герхилда: Љубов Методиева; Валтраута: Ина Петрова; Зигруна: Елена Механџиска; Росвајса: Цветa Сарамбелиева; Гримгерда: Александрина Стојанова-Андреева; Швертлајта: Весела Јанева.
Воините, боговите и судбината се спојуваат во симфонија на страста и моќта – вака гласи сижето на либретото на „Валкира“.
Беснее невреме. Исцрпен човек се засолнува и прашува во чија куќа се наoѓа. Зиглиндa му носи вода и му кажува дека куќата a и таа самата му припаѓаат на Хундинг. Странецот и кажува дека е ранет и невооружен. Зиглиндa му нуди медовина, која тој ја замолува да ја сподели. Освежен, се подготвува да замине, велејќи дека каде и да оди го следи несреќа. Зиглиндa го моли да остане. Хундинг се враќа и му нуди гостопримство на непознатиот странец. Забележува сличност меѓу сопругата и непознатиот. Странецот ја раскажува својата приказна. Еден ден, тој и неговиот татко се вратиле дома од лов и го нашле нивниот дом уништен, неговата мајка, убиена и неговата сестра близначка киднапирана. Неговиот татко исчезнал и оттогаш го следи несреќа. Го загубил оружјето бранејќи девојка која била принудена на брак без љубов; тој ги убил нејзините браќа само за да ја види како убиена од други од нејзината средина… Ова е само почеток на сторијата во три дела.
Гостувањето на „Валкира“ е еден од најексклузивните настани на годинешното фестивалско издание на „Мајски оперски вечери“.
Манифестација „Денови на Смилевски Конгрес“
Овој викенд за прв пат ќе се одржи Манифестацијата „Денови на Смилевски конгрес“ во селото Смилево, демирхисарско. Манифестација е еден автентичен концепт за промоција и заживување на културната меморија и традиција низ активна и современа култура.
Идејата е преку креативна културна политика да се презентираат авторски дела од културата чија мисија ќе биде едно поинакво читање на народната и современата култура, како жива материја и коректив во современото визуелно општество. Главната програма на Манифестација „Денови на Смилевски конгрес“ ја сочинуваат две фестивалски вечери на кои им претходеа неколку придружни предфестивалски активности.
Првата вечер почнува в петок, во 19.30 часот, и е насочена повеќе кон традиционалниот аспект на манифестацијата, каде традицијата е во служба на наративот, а никогаш чисто покажување на техника.
Обидот е да се комбинираат трите суштински аспекти на проектот: музички, визуелен и изложбен. Првиот перформанс, истражувачко студио за храна, наука и уметност ќе биде изведен во куќата каде што е роден Даме Груев, што е воедно и седиште на националната установа. Во живо ќе готват и ќе ги покажат своите кулинарските способности и рецептите од нивната кујна уметниците Пеце Николовски, Борче Василевски, Анастасија Трајковска, Александра Николовска и Сашо Алушевски.
Во 20 часот ќе биде отворена и програмата Клинка (куќа на таен смилевски јазик), со внатрешни и надворешни уметнички инсталации на уметниците Владимир Симоновски, Сандра Котевска, Перо Кованцалиев, Васко Ѓорѓиев и Филип Јовески. Во секоја соба од куќата на Даме Груев, ќе се открива дел од уметничките интервенции создадени од соработката на петмината визуелни уметници. станува збор за една прошетка низ малиот лавиринт на заборавот каде распадливоста на секојдневието се соочува со безвременоста на уметничкото делување.
-Необичната духовитост и раскошна фантазија на гитаристот Филип Букршлиев, бродскиот и мастилен тон од бас кларинетот на Благојче Томевски и годините искуство во експериментирање со електроника и стик на басистот на Стринг Форсис, Дориан Јовановиќ, ќе не однесат на патување над линеарниот поглед на времепросторот. Настанот ќе се одржи во дворот на куќата каде што е роден патронот на Смилево и апостол на револуционерна Македонија. Проследено со готвачки перформанс на Hnu Performans и поставки од инсталации на уметници од Македонија и Грција, ова ќе биде едно егзотично искуство во дворот „на теферич“ – на 1000 метри надморска височина, кој нуди прекрасен пејзажен поглед на селото на зајдисонце, велат организаторите.
Првата вечер ќе одвива и перформансот на уметничката група „The Other Poet’s House“ од Грција, кои настапуваат со проектот „Нашиот заеднички дом“. Sofia Leonidou , Haris Kondosphyris, Alkis Vosdou, Zana Vosdou, Sofia Antonakaki, Violeta Gazea, Stelios Karamanolis, Chrysa Diamantopoulou и Karl Grumpe + Rene се уметниците од Грција кои ќе земат учество во овој проект чија основна идеја е проекција на видео-арт.
За време на фестивалот ќе има голема проекција на ова видео преку проектор на надворешен ѕид од училиштето. Ќе биде креирана in-situ изведба, со помош на матрица, во која се претставува формата на училиштето и таа треба да биде доловена со боја, врз објектите и улиците, од страна на членовите на тимот за време на фестивалот. Првата фестивалска веќер ќе заврши со концерт на „Љубојна“ на сретсело.
„Ритам и плетка“ (R’n’T – rhythm and tangle) е концептот на втората фестивалска вечер, која е насочена кон современиот аспект на манифестацијата. Почнува на 18 мај во 18.30 часот со танцов перформанс на Ивана Коцевска и изложба на фотографии на Сашо Алушевски – деветнаесет скенирани колодиумски фотографии испечатени на платно.
Во 20.30 часот концерт ќе одржи Дина Јашари, кантавторка и продуцент од Македонија, артист кој полека но сигурно ги освојува срцата на балканската публика.
Новата македонска шансона, музичко-поетски формат на Бранислав Николов од групата “Фолтин”, заедно со Пеце Брада Трајковски, Славчо Јовев и Гоце Јовановски, е следниот концерт на втората фестивалската вечер. Идејата е да се креира една нова македонска шансона, која инстинктивно го осовременува стариот вкус на музичката поезија од шеесеттите и седумдесеттите години на минатиот век.
Последни во 23.20 ќе настапат Jummy Barka и Experience од Словенија, ритмичко tour de force, трио од двајца диџеи Jaka Batič и Borja Borka, и тапанарот и перкусионист Marjan Stanić (со потекло од Битола), тројцата од Љубљана, Словенија. Нивната музика е колаж полн со непредвидливи пресврти и колоритна мешавина на стилови, од фанк, брејк, афро и хипхоп до турски психоделии и balksploitation. Нивната музика е 100% резултат на перформанс во живо, а траките заедно со ритамот на тапаните еволуираат, се менуваат, се плетат и полираат.
Манифестација „Денови на Смилевски конгрес“ викендов ќе понуди автентични уметнички дела, без како што велат организаторите, посебни амбиции да учествува во масовната културна продукција, но со намера, волја, знаење и смелост да визионира, да создаде решенија за најгорливите проблеми во сите клучни микро сегменти во културата и да се залага за нивно спроведување.
Фестивал за современа музика МОДОАРС 2024
Седумнаесеттото издание на Фестивалот за современа музика МОДОАРС започнува на 17 мај (петок), во 20 часот, во Даут Пашин Амам со настапот на тројца пијанисти: Ервин Леитер (Унгарија/Грција), Леонид Петрески и Стефанија Јонческа – Тонски.
На програмата ќе се изведат дела од класичната и современа литература, меѓу кои Моцартовиот „Турски марш“, Бетовен „Ероика варијации“ и Шопен – скерзо бр. 4.
Следуваат концертите на гитаристите Дејан Несторов и Александра Кировска и пијанистката Ангела Николовска, кои ќе настапат на 30 мај (четврток) во 20 часот во галеријата Даут Пашин Амам.
На 15 јуни (сабота) во Даут Пашин Амам ќе се одржи и концерт за деца на кој ќе настапат учениците од Пијано академијата Модоарс. На затварањето на фестивалот ќе настапи пијанистката Ема Попивода со концертот кој воедно е промоција и на нејзиниот нов албум „Суперсоник & Акустик електроникс“.
Фестивалот Модоарс донесува нова свежина на скопската културна сцена, а публиката ќе има можност да ужива во концертите со несекојдневна музичка програма и изведба на извонредни музички ументици.
Фестивалот е поддржан од Министерството за култура на Р.С.Македонија и Општина Центар.
Театар: Премиера на преставата за млади „Адамс Фемили“ во Албанскиот театар
Во НУ Албански театар за деца и млади во Скопје в сабота (18 мај) ќе се одржи премиерата на престава за млади „Адамс Фемили“. Адаптацијата и режијата е на Теа Беговска.
Фамилијата Адамс е филмска и телевизиска приказна со која сите сме растеле, и за поголемиот дел од публиката ликовите се веќе познати, многу атрактивни и предизвикувачки за креирање, како за актерите така и за режисерот. Идејата за театарската поставка на „Фамилија Адамс“ кај Теа Беговска постои повеќе од осум години.
Во претставата играат Валдета Исмаили, Мелика Кастрати, Мумин Абдулахи, Деа Пајазити, Флакрон Али, Елдин Широки, Гзим Жерка и Блерим Дардишта.
Сценографија е на Дардан Ахмети и Теа Беговска, костими на Андреј Папаз Ѓоргиевски, композитор е Енес Беговски, мајстор за звук Албин Сопа, мајстор на светлата Елмедин Брахими и Амет Чајани, сценски работник Ќамуран Шапка и Јетмир Адеми, а гардероба на Месер Џемаили.
-Претстава во која како тема се проткајува љубовта и разбирањето за тоа дека таа е најсилна од се’. Прифаќање на нештата онакви какви што се. Разбирање за тоа дека убавината е во различноста, среќата е во различноста. Среќата како начин и избор, а не нешто наметнато и научено според правила. Вредностите на општеството се учат и применуваат само преку различностите, а не преку строги, одредени и единствени правила. Вредностите на едно семејство не се тоа што го пишува во учебниците, вредностите на семејството не се однапред измислена и научена дефиниција на памет – семејството е искреност, верба, љубов, прифаќање – целосна хармонија, најавуваат од театарот.
Претставата е намената за млади и тинејџери, но и за возрасните, за родителите и сите семејства.
Концерти: „Сетстат“ и Марија Каева на „Мајска Сесија“ на платото на УКИМ
„Сетстат“ и Марија Каева ќе настапат во среда на 22 мај (среда) на платото на УКИМ во 20:00 часот, во склоп на манифестацијата „Мајска Сесија, дојди да се преслушаме“, организирана од Europe Housе.
„Сетстат“ се ветерани на македонската џез-музика и со нивниот тридецениски опус, подготвеност и разновиден пристап неуморно создаваат оригинален и амбициозен звук. Динамиката, умешноста, хемијата и сложените аранжмани, пропратени со фанки звуци и бас-лини, говорат за сестраниот музички пристап и моќ на Сетстат.
Интересните вкрстувања помеѓу различни жанрови и звуци го поткопуваат секое очекување поврзано со структурата и мелодијата на нивните мелодии.