За претстојниот викенд и за деновите од наредната недела ви препорачуваме театарска претстава, концерт, филмови, книга поезија… Гледајте, читајте, слушајте…
Театар: Гостување на Симон Шербинек со „Одбраната на сакатиот“
В петок, 31 мај, со почеток од 20 часот, во Театар Комедија ќе биде изведена претставата „Одбраната на сакатиот“ на Симон Шербинек од Словенија.
Претставата „Одбраната на сакатиот“ е продолжение на соработката на актерот Симон Шербинек и режисерот Матјаж Латин, кои во 2021 година ја создадоа успешната монодрама „Кревкост“ „Кревкост“ е заснована на есеј на познатиот француски режисер Жан-Клод Кариер, додека „Одбраната на сакатиот“ е „комедија“ која на оригинален начин ја прикажува автобиографската приказна на актерот за рехабилитацијата и интеграцијата на лицата со попреченост во општеството.
„Одбраната на сакатиот“ тематизира различни видови попреченост, односно физички и психолошки дијагнози. Актерот ја раскажа својата лична приказна навидум опуштено, со голема доза социјална критика и самоиронија.
Претставата отвора и крши различни табуа поврзани со попреченоста и допира болни лични и социјални теми. Монодрамата со поднаслов „комедија“ комбинира и елементи од различни жанрови, од социјално ангажирана стенд-ап комедија до документарен реализам. Разоткривањето има клучно значење – искрена и интимна лична приказна на актерот, која судбински го одбележала неговиот живот и го стигматизирала.
Режисер на претставата е Матјаж Латин, костимограф: Мири Стрнад, избор на музика: Матјаж Латин, уредник на звучни записи: Марко Јакопанец, дизајн на куклата: Петер Шкерл, автор на извадок од бајка: Светлана Макарович, продуцент: Славко Шкворц, продукција Куд Борза, копродуценти Куклен театар Марибор и Друштво на параплегичари од Подравје.
Гостувањето на „Одбраната на сакатиот“ на сцената на Театар Комедија го овозможи Амбасадата на Република Словенија во Скопје.
Концерт: Гитаристот Мухамед Ибрахими на фестивалот „Видик“
Во „Литература.мк“, „Дајмонд мол“, в петок (31 мај), во 21 часот, публиката ќе ужива во концертот на гитарскиот виртуоз Мухамед Ибрахими.
Го нарекуваат скриен гитарски бисер, а за секој негов концерт секогаш се бара место повеќе. Неговите композиции се автентична мешавина на повеќе музички стилови, како блуз, рок или амбиентален, но длабоко вкоренети во ориенталната (суфи) традиција и балканскиот фолклор. Овие храбри и елегантни комбинации честопати даваат неочекувани резултати среде уникатен и прекрасен звучен пејзаж. Исклучително импресивно за гледање и слушање во живо.
Мухамед Ибрахими го паметиме како гитарист на групата „Бла бла бла“, а многумина го познаваат и како творец кој практикува соработки со различни уметници. За себе вели дека е самоук, дека свири од својата пет година на различни инструменти, но ако треба да избира, би ја одбрал гитарата. Има издадено два албума, „Fly“ во 2014 и „Devotion“ во 2019 година.
Со иновативен спој на повеќе области на културата, новиот фестивал „Видик“, кој е во организација на „Литература.мк“, отвора нови културни видици. Од 16 мај до 16 јуни, во книжарниците на „Литература.мк“ на улица „Македонија“, во „Дајмонд“, „Ист гејт“ и „Скопје сити мол“, се одржуваат дваесетина настани, кои ги обединуваат литературата, музиката, театарот, дизајнот и филмот, давајќи значајна поддршка на авторите од сите области на културата.
Промоција на албумот „Нудист“ на ПИЈАН СЛАВЕЈ и мини-настап во живо
Во пресрет на 23. ОФФест (6-9 јуни), Фестивалот го промовира новото (51) издание на SJF Records, албумот „Нудист“ на ПИЈАН СЛАВЕЈ в сабота, 1 јуни, во 13:00 во кафе-книжарницата Буква / Bookva.
Вториот студиски проект на ПИЈАН СЛАВЕЈ (Бранислав Николов – вокал и мини електрично пијано, Пеце Трајковски – гитара и синтисајзер, Гоце Јованоски – бас и Славчо Јовев – тапани) се состои од 4 композиции, во вкупно времетраење од 17 минути. Автор на текстовите е Бранислав Николов, а музиката и аранжманите се дело на групата. Песните се снимени, миксани и продуцирани од Ивица Јанкуловски во скопското студио „Алшар“. Дизајнот на омотот е дело на уметникот Владимир Лукаш. Извршен продуцент на изданието е Оливер Белопета.
„Нудист“ е концептуален мини-албум кој говори за сложената природа на човекот, за соочувањето со себе и, конечно, за немирот и тивкиот крик. Музиката и звукот се производ на здушниот напор на четворицата музичари кои низ овие впечатливи творби нудат пресек на индивидуалниот сензибилитет и светоглед во сегашната точка на дводецениското заедничко уметничко живеење. Четирите песни од „Нудист” се во срцето на пошироката концертна програма на бендот ПИЈАН СЛАВЕЈ, насловена како „нова македонска шансона“.
Покрај физичкото компакт-диск издание, „Нудист“ ќе биде достапен, веќе од овој петок (31 мај), и на сите популарни глобални дигитални платформи и стриминг сервиси: Bandcamp, Spotify, Deezer, Tidal, Apple Music, Youtube…
Промоцијата, којашто е дел од придружната програма на 23. ОФФест, ќе биде зачинета со акустичен мини-настап во живо, во кој Бранислав Николов ќе претстави дел од материјалот на новиот албум.
Книга: Стихозбирка „Ако се осмелиш…(Р)еволуција на жената“ од Билјана Велковска
Во недела (2 јуни) во „Бифе Тафталиџе“, со почеток во 12 часот, ќе биде промовирана книгата „Ако се осмелиш…(Р)еволуција на жената” од Билјана Велковска. За книгата ќе зборува Татјана Димовска-Атанасова, а 50% од средствата од продажбата ќе бидат донирани во хуманитарни цели на Здружение на граѓани за помош на бездомници и социјално загрозени лица „Љубезност“.
„Ако се осмелиш…(Р)еволуција на жената” е прва стихозбирка на Билјана Велковска чија цел е да биде поттик и инспирација за личен развој, за патот до едно среќно и исполнето „јас”. Содржи осумдесетина топли, искрени, инспиративни и поучни песни-светилници за патот до себеси и до радоста на секоја жена, песни што се кристализација на личното и на професионалното искуство на авторката. Во поговорот стои: „Ако се осмелиш“ се случи неочекувано и непланирано, како што ми се чини се случуваат едни од најдобрите нешта во нашите животи… Песните во неа се плод на една лична, интимна трансформација во текот на една тешка година, па оттаму и поднасловот „(Р)Еволуција на жената“… Пишувани се со надеж дека ќе бидат утеха и патоказ, поттик и инспирација за нечија, можеби за вашата, лична трансформација…“
Билјана Велковска е филолог по компаративна книжевност, магистер по психологија и инструктор за терапевтско пишување, авторка на две книги од областа на психологијата -„Психосоматика – емоции што разболуваат и лекуваат“ (2019) и „Умешност на лутината – мал водич за голема лична моќ“ (2022), двете изданија на „Арс Ламина“.
Кратки филмови и музички спотови на Милчо Манчевски
На 6 јуни (четврток), со почеток од 20 часот во Кинотеката, публиката ќе има ретка можност да види селекција од кратките филмски дела на Милчо Манчевски.
Познат по неговите филмски дологметражни ремек-дела како Пред Дождот, Прашина, Сенки, Милчо Манчевски има подеднакво импресивен опус од повеќе од педесетина различни кратки филмски форми.
Станува збор за разновидна селекција составена од дваесетина аудиовизуелни дела. Покрај наградуваните кратки филмови ЧЕТВРТОК /Thursday (2013) и КРАЈОТ НА ВРЕМЕТО/The End of Time (2017), ќе бидат проектирани и музичките спотови кои се работени за најголемите издавачки куќи: Атлантик, Ворнер брадерс, Сони, Еми, РЦА, Крисалис, Валјд Пич…
Во оваа селекција е застапен и спотот Тенеси/Tennesse на легендарниот хип хоп состав Arested development од 1992 година, за кој Манчевски ја има добиено наградата на МТВ за најдобар музички рап-спот и е прогласен за најдобар спот за 1992 година според магазинот Билборд. Спотот исто така е влезен во листата на стоте најдобри спотови на сите времиња на магазинот Ролинг Стоун. Во селекцијата ќе можеме да ги видиме и рекламите од рекламните кампањи за Скопско и Macedonia Timeless…
Манчевски со својата режисерска вештина создаваа визуелно и емоционално богати минијатури во музичките спотови: тие се карактеризираат со иновативни визуелни решенија, длабока симболика и умешно раскажување приказни, правејќи го секој спот уникатно аудиовизуелно искуство. Со употреба на светлина, сенки и кадрирање создава специфична атмосфера која го подобрува искуството на слушање музика. Секој спот е внимателно конструиран со цел да го пренесе чувството и пораката на песната, користејќи богат спектар на визуелни техники. Манчевски честопати користи природни пејзажи и урбани сцени како позадина, што му придава дополнителна димензија на наративот.
Музичките спотови на Манчевски не се само визуелно импресивни, туку и симболично богати. Тој успева да раскаже сложени приказни во краток временски формат, користејќи симболи и метафори кои ги прошируваат значењата на песните. Неговите спотови често ги истражуваат темите на љубовта, загубата, надежта и човечката природа, нудејќи длабоки емоционални искуства за гледачите. Способноста на Манчевски да спои визуелна поезија со музиката го прави секој спот своевидно уметничко дело.
Една од најзабележителните карактеристики на спотовите на Манчевски е неговата употреба на боја и текстура. Тој користи палета на бои што го рефлектира расположението на песната, додавајќи му длабочина и комплексност на визуелниот приказ. Текстурите, без разлика на тоа дали се груби површини, мазни линии или сложени орнаменти, се исто така клучен елемент што го збогатува визуелното искуство и го прави секој кадар значајно естетски задоволство.
Гала француска филмска вечер „Кан во Скопје“ со проекција на „Втор чин“
В среда, 5 јуни, со почеток од 20 часот во киното „Синеплекс“ – Сити Мол, во рамки на одбележувањето на 50-годишнината на Францускиот институт, на гала филмска вечер „Кан во Скопје“ ќе биде прикажан францускиот филм „Втор чин“ на режисерот Кантен Дипје (Quentin Dupieux), со Леа Сејду, Луј Гарел и Венсан Лендон (Léa Seydoux, Louis Garrel, Vincent Lindon) во главните улоги.
Проекцијата на „Втор чин“ е ексклузивната премиера во регионот на филмот со којшто се отвори 77. Филмски фестивал во Кан (14-25 мај 2024).
„Втор чин“ (Le Deuxième Acte / The Second Act) е надреална комедија во манирот на movie on the road. Сторијата е фокусирана на Флоранс, која сака да го запознае Давид, човекот во којшто е лудо вљубена, со татко ѝ Гијом. Но, на Давид не му се допаѓа Флоранс, па, сакајќи да се ослободи од неа, му ја препушта на другар му Вили.
Четворицата се среќаваат во ресторан среде пустелија и сведочиме на комлицирана емотивна драма…