Кој ја украде Планетата на слободата и други ангажирани приказни од Фестивалот на документарен филм во Солун

Победничкиот филм „Мојата украдена планета“ на иранската режисерка од Германија Фараназ Шарифи директно опоменува што значи демократското општество кога ќе го снема

Со доделување на наградите во четирите натпреварувачки селекции, вчера во Солун заврши 26. издание на Интернационалниот фестивал на документарен филм (TiDF). Со 265 прикажани филмови на фестивалските програми – од кои 150-тина беа светски премиери – и со учество на стотици автори, продуценти, новинари и филмски критичари, 26. Фестивал на документарен филм годинава го потврдува статусот на растечка манифестација која обединува широк спектар на документарната форма и авторски интереси.

Документарниот филм во Солун годинава колку што ја славеше демократијата, потсетувајќи на нејзината обнова во земјата пред половина век (падот на воената хунта во Грција), толку и предупредуваше на жилавите конзервативни тенденции, ако така еуфемистички може да се нарече порастот на тоталитаристичките тенденции, во сите форми и на сите точки од Земјата. Годинешниот лауреат во главната натпреварувачка програма, „Мојата украдена планета“ (My Stolen Planet) на иранската режисерка од Германија Фараназ Шарифи (Farahnaz Sharifi) сосема директно опоменува што значи демократското општество кога ќе го снема.

Жени танцуваат, пејат, го палат својот хиџаб… Овие чинови на пркос го обликуваат долгометражниот дебитантски документарец на иранската авторка Шарифи, „Мојата украдена планета“. По учеството во програмата „Панорама“ на годинешното Берлинале (каде што ја освои наградата од публиката), филмот триумфираше на солунскиот фестивал со интимната сторија за „внатрешната“ емиграција која грчевито се труди да ги оживее спомените за убавината на секојдневен живот во Иран пред Исламската револуција.

Шарифи е родена токму во 1979 година, кога во Иран започнува Исламската револуција, и слушала приказни за поинакво општество и поинаков живот. Затоа нејзиниот филм е како „рачно ткаена“ меморија сочинета од аматерски филмски секвенци на супер 8 мм лента, кои ја откриваат сета горчината на изгубената слобода и претставува непроценлива колективна и лична архива која го отстранува секој сомнеж за тоа што навистина е „женскиот поглед“. На таа приказна и се додадени и новите димензии на бунтот „Жени, живот, слобода“ од 2022 година, кој денес можеби не е толку видлив по силните опресии на иранскиот режим, но тлее…

„Добро изработен и трогателен есеј во прво лице, кој брилијантно потврдува дека секоја политичка реалност има скриена реалност, и дека отпорот доаѓа во многу форми, а тој од приватната област не е безначаен“, гласеше одлуката на фестивалското жири (Валери Контакос, Рејчел Леа Џоунс и Судип Шарма) за доделувањето на наградата „Златен Александар“ (статуетка и паричен износ од 12.000 евра) за „Мојата украдена планета“.

Втората награда, „Сребрен Александар“ и 5.000 евра, во главната натпреварувачка програма – во која учествуваат дебитантски или втори филмови на авторите – е „Шума“ (Forest) на полската авторка Лидија Дуда (Lidia Duda). Нејзината сторија ги следи младите Асија и Марек, кои полни со надеж и желба да изградат подобар живот за своите три деца и за себе, се преселиле на работ на една од најстарите европски шуми на источната граница на Полска. Шумата за децата не е само огромно игралиште туку и нивен втор дом.

Но, откако мигрантската криза допира и до овој скриен див рај, па на границата меѓу Полска и Белорусија се трупаат непожелни бегалци заробени меѓу две земји. Спокојните денови на семејството веќе стануваат минато, а помагањето на „нелегалните имигранти“ е забрането со законите. Марек и Асија сакаат да им помогнат на мигрантите, и приказната ја осветлува драмата меѓу личниот порив и политичкиот императив. И трогателната приказна на Дуда – како и филмот на Стелиос Кулоглу „142 години“ меѓу останатите наслови на 26. Фестивал на документарен филм во Солун – потсетува на важноста на солидарноста и личната одговорност.

„… Наместо да го сврти погледот настрана, филмот ja покажува важноста од едноставната солидарност“, се вели меѓу другото во одлуката на жирито за „Шума“.

А на филмот „Тела скитници“ (Stray Bodies) на грчката авторка Елина Псику (Elina Psykou), за кој пишувавме во претходните извештаи од солунскиот фестивал, му е доделено посебно признание, бидејќи неговото неконвенционално истражување на значајни морални, етички, филозофски и политички прашања околу правото да се контролира сопственото тело – и во животот и во смртта – е направено со леснотија, но со цел.

Елина Псику

Како што може да забележите, главните награди на годинешниот солунски фестивал ги освоија авторки, како уште една потврда на силните женски гласови не само во документарниот филм, туку и во општеството.

Во останатите категории беа наградени остварувањата „Стакло, мојот неостваен живот“ (Glass, My Unfulfilled Life) на Рожие Каперс (награда Златен Александар – Димитри Еипидес и 10.000 евра) и „Борба против демони со змејови“ (Fighting Demons With Dragons) на Камила Маџид (Сребрен Александар и 4.000 евра) во програмата „Нови автори“.

Наградата на меѓународната асоцијација на филмските критичари ФИПРЕСЦИ во главната натпреварувачка конкуренција отиде кај „Мојата украдена планета“ на Фараназ Шарифи, додека, пак, за најдобар грчки филм во интернационалната конкуренција е прогласен „Зафат“ (Tack) на Вања Турнер (Vania Turner). Сторијата на „Зафат“ следи две храбри жени кои го започнуваат движењето MeToo во Грција и нивната борба против родовото насилство.

Стојан Синадинов

Треба да знаете
Moже да ве интересира