По старата испробана тактика „ они ка’о не напаѓаат, ние ка’о се браниме“ (на којa, да бидеме искрени, авторско право и не му припаѓа на Мицкоски, тој кутриот само го „копипејстира“ својот ментор кој го октроиса како претседател во ВМРО – ДПМНЕ), лидерот на најголемата опозициска партија, на својот коалиционен партенер, лидерот на Беса, и сличните нему, околу барањето за ревидирање на постојната химна, им порача: „ако не им се допаѓа слободно нека ја напуштат земјата и нека одат таму каде што повеќе им се допаѓа“.
Патриотизам на батерии “par excellence“. Истата коалиција ВМРО – ДПМНЕ – Беса функционира на истите принципи и сега, како и тогаш, тој црн четврток на 27 април 2017 година, кога злоупотребувајќи ги националните чувства на граѓаните на Македонија, со музичкото шоу „пеам да те натпеам“ во Собранието, докажувајќи се кој ќе биде по грлат во пеењето на националните химни, беа црн предвесник на бурата која се надви над демократијата и уставниот поредок на Македонија. Повторување на историјата во најава?
Мицкоски продолжува да мудрува: Ако не им се допаѓа, слободно нека ја напуштат и нека одат таму каде што им се допаѓа и нека ги воспеваат симболите на таа држава која повеќе им се допаѓа од Македонија“,ќе изјави тој во интервјуто на Канал 5.
Хмм, а каде се упати Мицко кога ја напушти свеченоста за 2 Август во Крушево кога си замина кога почна да се интонира македонската химна? И нему не му се допаѓа?
За асистенчето татино, „с’к су паре скупе“ па додава: „Ако сите ние сме расчистиле дека ова е наша татковина, тука сме се родиле; оние што не расчистиле со тоа, сѐ додека добиваат плата од буџетот, кој јас го полнам…“.
Тој го полнел буџетот… додека главните финансиери му се на црната листа на САД за криминал, корупција, перење пари…
Или, кога дели совети за децибелите при пеењето на химната, па вели дека тие (најверојатно мисли на коалициониот партнер Касами, само не му го споменува името за да не го навреди, бидејќи, во политиката никогаш не се велело никогаш, барем кога станува збор со кого ќе коалицираш и ќе си го проголташ тоа што предходно си го…дробел) не треба на глас да ја пејат македонската химна, „но би било навредливо за мнозинството граѓани на таков начин да соопштувате политички ставови, затоа што за нив гласале и етнички Македонци… игнорирајќи ги чувствата на етничките Македонци што гласале за ДПМНЕ додека фејкерите од ДПМНЕ, наместо „Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев, Сандански, на цел глас урлаат „Не е Гоце Делчев , аго, ниту Даме Груев“… лакрдија и квази патриотизам од епски размери.
И како би изгледала и кави резултати би постигнувала фубалската репрезентација на Македонија доколку според Мицко, сите (фудбалери) кои не ја пејат химната ги испрати да играат во други земји.
И на крајот да се вратиме на насловот. „Кој тоа таму пее“, или во оригинал „Ко то тамо пева“, е југословенски филм чие сценарио, а и сценографија прилично пластично го пренесува делувањето на ВМРО ДПМНЕ, во раскантан автобус ( сличен на оние кои деновиве возат низ главниот град предводен од градоначалничката кандидат на ВМРО ДМНЕ, и претседателот и мнозинството во советот од истото, ВМРО – ДПМНЕ), кој чади, загадува, полн со патници затруени со национализам, расизам, ксенофобија, воајеризам, кој го управува возач со врзани очи, и кој секако, на крајот не стигнува на целта.
Драган МИШЕВ (ЦивилМедиа)