ЛДП бара обвинителството да истражи како се трошеа парите за прославата на 8 Септември

Јавното обвинителство мора веднаш да отвори истрага по допрен глас за начинот на кој се трошеле државни пари преку Државна лотарија за годинешната прослава на Денот на независноста, побара денеска членот на Извршниот одбор на Либерално-демократската партија и правен експерт, Илија Чилиманов.

Од партијата посочуваат дека институциите кои се финансираат од парите на граѓаните не смеат да молчат кога станува збор за сомнежи за незаконско пренасочување на милионски суми надвор од редовните буџетски текови.

Според оценката на ЛДП, во овој случај станува збор за идентичен механизам на постапување како во претходно отворените предмети против поранешни функционери. Тие укажуваат дека и актуелната извршна власт преку владини заклучоци наложила пренасочување на нераспределената добивка од државните претпријатија, наместо тие средства да бидат дел од транспарентни процедури под надзор на јавноста.

Од опозициската партија нагласуваат дека ваквата пракса директно удира по довербата на граѓаните во правниот поредок и распределбата на јавните финансии. Според нив, прераспределбата на средства без одобрение од Собранието на акционери претставува обид Државната лотарија да се третира како партиска каса за покривање трошоци за манифестации, додека вистинските потреби на граѓаните остануваат на маргините.

Чилиманов потсетува дека правната основа за постапување постои во Кривичниот законик преку членот за злоупотреба на службената положба и овластување. Тој порачува дека секое поинакво постапување на истражните органи ќе претставува потврда за селективна правда во земјата, каде што законите важат исклучиво за едните, додека актуелните носители на власт уживаат институционална заштита.

„Доколку јавното обвинителство го гони Груби, а молчи за актуелните функционери кои преку иста шема потрошија милиони евра за десеттина прослави и концерти, тоа е директен доказ за селективна правда и заробено правосудство“, истакна Чилиманов.

Откако Државната комисија за спречување на корупцијата веќе отвори предмет по допрен глас за овие сомнежи, ЛДП бара Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција да ја преземе истата иницијатива. Според партијата, неопходно е веднаш да се обезбедат сите владини заклучоци и договори склучени со приватни субјекти за да се утврди каде точно завршиле државните средства наменети за прославите.

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?