Кој живее подобро, пензионерите во Македонија или во Србија?

Дел од македонските пензионери од крајот на овој и во наредните четири месеци, од државата ќе добијат дополнителна финансиска помош од државата. 

Оние со најмали пензии, ќе добиваат по 3.000 денари месечно или вкупно 15.000 денари, преку помошта која е дел од деветтиот пакет антикризни мерки. 

Дел од здруженијата на пензионери со месеци организираат протести барајќи линеарно зголемување на пензиите за 5.000 денари за секој еден пензионер. 

Водејќи се од нивните барања, опозициската ВМРО-ДПМНЕ веќе „истрча“ во јавноста со идентичен предлог што според нив, ќе се нашол во Програмата за работа на следната влада што тие би ја предводеле. 

Но само неколку денови подоцна, потпретседателката на партијата Гордана Димитриевска Кочовска се пишмани, па во јавноста кажа дека тоа не значи дека тие 5.000 денари ќе биле исплатени одеднаш, додавајќи дека тоа можело да биде и по 500 денари месечно, по 10 месеци, со што се оддава впечаток дека ВМРО-ДПМНЕ и нема баш најјасна слика околу состојбата со пензискиот фонд. 

Од друга страна, владејачката СДСМ смета дека усогласувањето на пензиите два пати годишно како збир од 50% од растот на трошоците за живот и растот на платите, дава резултат и дека благодарение на тоа, за шест години просечната пензија е зголемена за 40 проценти. 

Просечната пензија во Македонија денес изнесува 20.100 денари односно 326 евра, и е за симболични 75 денари пониска од минималната плата, додека просечната плата е 37.876 денари или 615 евра.

Во Србија се работи повеќе, за да се добие иста пензија како во Македонија

Како дел од антикризните мерки, Владата на Србија неодамна им исплати на пензионерите еднократна помош од 10.000 динари или нешто помалку од 100 евра (1 евра = 116,82 динари)

Но, од први јануари следната година жените во Србија ќе треба да работат плус два месеци односно да наполнат возраст од 63 години и осум месеци за да можат да стекнат старосна пензија, при тоа секако мора да имаат минимален работен стаж од 15 години. 

Во Македонија жените во пензија одат со навршени 62 години возраст. 

Во соседна Србија и мажите мора да работат повеќе отколку во Македонија за да остварат право на пензија. Во Србија, мажите се пензионираат со наврешни 65 години возраст, додека кај нас, за пензионирање се потребни 64 години возраст за мажи.

Но иако работеле повеќе, на крајот српските пензионери не земаат драстично повисоки пензии од нивните македонски „колеги“.

Просечната пензија во Србија исплатена во октомври изнесувала 39.874 динари односно 341 евро или само 15 евра повеќе од македонската просечна пензија. 

И таму просечната пензија е речиси идентична со минималната плата, но во Србија, споредено со Македонија, има поголема разлика кога ќе се споредат просечната пензија и просечната плата. 

Во Србија просечната плата е 728 евра, што е за 2,13 пати повеќе во однос на просечната пензија, додека во Македонија тој однос е 1,88.

Како е во Хрватска?

Во Хрватска, земја членка на ЕУ, просечната пензија е 478,88 евра и е за речиси за два и пол пати пониска од просечната плата која изнесува 1.156 евра, а драстична е разликата и со мининалната плата која изнесува околу 725 евра. (24Инфо)

Треба да знаете
Moже да ве интересира