Во објава на својата Фејсбук страница партијата Левица тврди дека СДСМ потрошил милионски суми за рекламирање на социјалната мрежа. Меѓу оние што трошеле партиски пари за реклами на Фејсбук се посочуваат и експремиерот Заев, вицепремиерот Битиќи, како и редица онлајн портали. Доколку се проверат бројките што Левица ги цитира, не само што сумата потрошена за рекламирање е помала за неколку милиони, туку Заев и Битиќи се рекламирале од свој џеб, а посочените портали демантираат дека воопшто рекламирале какви било владини политики, пишува Вистиномер.
Текстот го пренесуваме во целост:
Левица на својата Фејсбук страница објави дека владејачката СДСМ има потрошено над 18 милиони денари за четири години за рекламирање на социјалната мрежа:
Според јавно достапните информации на Meta Ad Library Report, пробугарската СДС во неполни четири години има потрошено над 18 милиони денари за свое политичко рекламирање на социјалната мрежа Фејсбук.
Имено, СДС од директни извори, односно од официјалните профили на октроираниот премиер Димитар Ковачевски, официјалниот профил на СДС на „нашата земја“, официјалните профили на екс премиерот Зоран Заев како и на вицепремиерот Фатмир Битиќи (додека народот живее на работ на сиромаштија!) имаат потрошено над 13 МИЛИОНИ денари за реклами на Фејсбук.
Додека пак, порталите кои важат за многу блиски на СДС, односно порталите: CIVIL MK, Frontline.мк, Трн.мк, Рацин.мк, Centar.mk и Градска.мк имаат потрошено над 5 МИЛИОНИ денари во неполни четири години за меко рекламирање на владината пропаганда.
[Извор: Фејсбук објава, Полтичка партија Левица – датум: 29.03.2024]
Образложение:
Како извор за информациите што ги пласира Левица се споменува алатката за транспарентност на Мета, односно Фејсбук, каде има информации за тоа кој, колку, кога и кои реклами ги купува, огласува и промовира на социјалната мрежа. Конкретно, доколку на алатката се одбере опцијата „сите датуми“ (all dates), ќе се добие овој преглед:
Во табелата се дадени четири колони, името на Фејсбук профилот (page name), „дисклејмер“ (disclaimer), колку средства биле потрошени за реклами (amount spent) и колку реклами биле објавени на дадениот профил (number of ads in library). Категорија „дисклејмер“ (disclaimer), конкретно, е за нарачателот на рекламата, односно оној кој платил за истата. На самата алатка стои објаснувањето:
Кога огласувачот ја категоризира својата реклама дека е за социјални прашања, избори или политика, од него се бара да открие кој платил за рекламата.
Што значи дека без разлика за чиј Фејсбук профил (страница) се работи, јасно е кој го плаќа цехот.
Според јавно достапните податоци од алатката на Фејсбук, СДСМ има платено вкупно 11.1 милиони денари (или речиси 181 илјади евра), на четириесет профили и страници (ова може да се провери со преземање на целосниот извештај во формат на Ексел табела) во изминатите четири години – поточно од 04.08.2020 од 29.03.2024 година. Ова значи дека партијата во просек во овие 4 години трошела по околу 3.770 евра месечно за севкупната промоција на Фејсбук, најпопуларната социјална мрежа во земјата и тоа за сите свои профили и страници.
Меѓу профилите што најмногу се рекламирале во изминативе години, се и платените објави и реклами на страниците на експремиерот Зоран Заев, како и вицепремиерот Фатмир Битиќи, но според податоците од алатката на Фејсбук, тие се направени од нивни средства. Не, како што се вели во објавата на Левица, од самата партија – СДСМ. Настрана фактот што поранешниот премиер Зоран Заев не е ниту функционер на партијата, ниту, пак, се кандидирал, или бил избран/именуван за било каква јавна функција и тоа повеќе од 2 години. Доколку, пак, од Левица имаат докази дека овие реклами се финансирале од партиските средства на СДСМ, истите можеле да ги посочат/цитираат.
Не само тоа, туку како што може да се види од профилот на Заев, во 2023 година на неговата страна имал објавено 12 реклами, па потоа нема ништо сè до 2021 година.
Дополнително, од 11.1 милиони денари што биле одвоени за рекламирање на Фејсбук, тоа е направено за четириесет официјални страници и профили. Меѓу нив се кандидатот за градоначалник на Битола за 2021 година на Христо Кондовски, бившиот градоначалник на Охрид, Константин Георгиески, како и за кандидатот за градоначалник на Куманово за 2021 година, Оливер Илиевски.
Медиуми „во џебот“ на СДСМ?
Во објавата на Левица исто така се споменуваат медиумите ЦИВИЛ МЕДИА, Frontline.mk, Трн.мк, Рацин.мк, Центар.мк и Градска.мк, за кои се вели дека биле блиски до СДСМ и „меко ја рекламирале владината пропаганда.“
За ваквите обвинувања Вистиномер побара одговор од гореспоменатите медиуми, пет од нив – Трн, Градска, Рацин и Центар и ЦИВИЛ МЕДИА – најостро негираат дека откупувале реклами на Фејсбук или рекламирале која било од владините политики. А, она што го рекламирале било исклучиво за целите на медиумите и нивните авторски објави, репортажи, анализи и слично.
Во писмениот одговор на нашето прашање, од Центар.мк велат дека се работи за лажна информација, додавајќи:
Новинската агенција Centar.mk демантира дека некоја политичка партија има купено маркетинг простор за спонзорирање на соддржини на социјалните мрежи или дисплеј банери.
Во одговор на нашите прашања, од Трн најостро ги демантирааат „измислиците пласирани од некоја партија, која се надева да пробие во прогресивните делови од општеството преку нашиот медиум“.
Од основањето до сега, од порталот Градска.мк нагласуваат дека рекламите на Фејсбук:
Се однесуваат исклучиво на промоција на содржини поврзани со урбаната култура, градските политики, како и за привлекување повеќе следбеници на нашите канали, но никако не се поврзани со ниту една политичка партија.
Исто така, треба да се напомене дека порталите Рацин и Градска постојат помалку од две години. Тоа значи дека тие непроверено биле додадени во грубата пресметка, само со преземање на податоците.
Според погоре наведените аргументи, може да се оцени дека тврдењето на Левица дека СДСМ потрошил 18 милиони средства за рекламирање, е недоследно. Да, потрошени се милионски суми, но помалку од оние што ги цитираат. Истовремено во објавата на Левица неосновано се оцрнуваат неколку портали – ЦИВИЛ МЕДИА, Frontline.mk, Трн.мк, Рацин.мк, Центар.мк и Градска.мк, со тоа што се сугерира дека се ставиле во улога на владин мегафон и потрошиле „5 милиони денари во неполни четири години за меко рекламирање на владината пропаганда“, што најстрого го демантираат посочените медиуми.
Извори:
- (29.03.2024) Извор: Фејсбук објава – Левица – [проверено на 02.04.2024]
- Фејсбук алатка за следење на реклами на платформата – [проверено на 02.04.2024]
- Фејсбук извештај за рекламирање во С. Македонија – [проверено на 02.04.2024]
- Профил на Зоран Заев – Фејсбук алатка за следење реклами – [проверено на 02.04.2024]
Оцени: Матеј Тројачанец