На одлучувачките позиции во медиумите најчесто се мажи, а новинарките се работна сила

Иако новинарството сѐ повеќе се перцепира како „женска“ професија, сепак, кога се работи за рамноправност во овој сектор, има да се изоди уште многу пат за таа да стане реалност. Сите анализи, истражувања и искуства покажуваат дека на одлучувачките позиции во медиумите најчесто се поставени мажи, а новинарките се само работна сила, и покрај тоа што жените се побројни во поглед на стручната подготвеност.

Ана Цветковска, главен и одговорен уредник во Медиумска информативна агенција (МИА), новинарството во Македонија го оценува како патријархален модел со тенденција за одредени подобрувања во однос на родовата рамноправност. Но, како што вели, не и во највисоките структури.

– Тоа значи дека во највисоките структури на медиумите, кадешто моќта за одлучување е најголема, доминираат мажите како директори или сопственици на медиуми. Во уредувачката структура, ситуацијата е прошарана. На пример, во моментов, колку што можам да се сетам, МИА и МРТ имаат жени главни и одговорни уреднички, таква е ситуацијата и во повеќето национални телевизии. Но, сепак, високата раководна позиција сѐ уште им припаѓа на мажите, вели таа. 

Во однос на структурата во МИА, Цветковска вели дека на највисоките раководни позиции, директор и заменик-директор, се поставени мажи, а главниот и одговорен уредник е жена. Од четворицата уредници на сервисите на македонски, албански и англиски јазик, една е жена, а тројца се мажи. Додека, од вкупно девет помошници уредници во трите сервиси седум се жени, а двајца се мажи. Во редот на новинарите преовладуваат жените. Во МИА, генерално, и мнозинството од вработените се жени, Агенцијата има 52 жени и 25 мажи. 

– Како во поширокото општество, така и во медиумите и во МИА е потребно време да се сензибилизираат сите за рамноправноста меѓу мажите и жените. Како уредувачки колегиум даваме простор и значење на теми поврзани со најразлични аспекти на женски прашања, дополнува таа. 

Главната уредничка и директорка на Телевизија Телма, Снежана Лупевска Созен, се согласува дека новинарките најчесто се на ниска или средна раководна позиција, но, не и водечка.

– Дали се работи за јавен сервис, новинска агенција или приватен медиум, најчесто жените се поставуваат за уредници на редакции, или, можно е и на позиција на одговорен уредник, но, само затоа што жените вложуваат напори, се исполнителни и систематични во извршувањето на обврските, и позицијата најчесто ја стекнале не за да работат помалку, туку, напротив, затоа што ќе сработат многу повеќе, без оглед што се и сопруги, и мајки, или, пак, самостојни, вели таа. 

Лупевска смета дека сите имаме исти права, можности и услови за работа, но, во медиумите, како што наведува, таа е една од ретките жени, а кај приватните национални телевизии, единствена жена, управител и уредник. 

– Најголем предизвик е во овој „машки свет“ да не ме гледаат како „жената менаџер“. Има опструкции кон мене од одредени колеги кои знаат и на повисок тон да ми се обратат само затоа што сум жена директор, а тоа не го правеле кога на истава позиција се соочувале со маж директор. Тогаш се гледаат тие фрустрации кај некои колеги и несогласувања зошто колешката жена е на менаџерска позиција. Но, ние жените треба сами да си го трасираме патот кон успехот, да ги надминеме тие препреки, да се трудиме заслужено да ја добиеме позицијата во новинарството и општеството, без оглед на егоистичките и некогаш, морам да кажам, шовинистички навреди од некои колеги, вели Лупевска Созен.

Новинарката Катерина Топалова од Македонска радиотелевизија вели дека жените во медиумската професија најчесто сѐ уште се перципираат како нешто нежно и естетски убаво и најчесто се во улога на водителки и новинарки.

– Жените во новинарската професија сѐ уште се перципираат како нешто нежно и естетски убаво, па затоа се добри за да привлечат внимание. Дотерана, нашминка, седиш и се смешкаш, има ли поубаво за жена? Таква е перцепцијата, тоа е мислењето за медиумската работа од оние што гледаат дома од кауч. Во суштина, ние тргнуваме на трка со пречки. Додека градиме кариера, не престануваме никогаш да бидеме и мајки, и сопруги, и поголемиот дел од товарот за грижа за домот да биде на нас, вели таа.

Она што за неа е најпоразително, како што дополнува, е тоа што кога се разговара за нови ангажирања, како низ шега, се вели „Ама најди ми машки!“, што, според неа, ниту е смешно, ниту пријатно да се чуе во XXI век. 

Кристина Озимец, основачка на Платформата за истражувачко новинарство – ПИНА, која веќе неколку години нуди програма за новинарки со можности за менторства и поддршка, исто така, дополнува дека новинарките, за разлика од новинарите, се соочуваат со дополнителни специфични предизвици во нивната работа. 

– Од нашите досегашни искуства и работа со новинарките, која трае веќе седма година, нашите сознанија се дека и добар дел од самите новинарки велат дека немаат еднакви можности за напредок и развој на кариерата. Фактите, секако, го потврдуваат овој впечаток, со оглед на тоа што во добар дел од медиумите сѐ уште главниот збор го имаат мажите, посебно во сопственичките и менаџерските сегменти, а неретко и во уредничките кругови, иако новинарките доминираат како работна сила во медиумите, вели таа.

Освен тоа, како што дополнува, новинарките се соочуваат со други проблеми, како на пример, говор на омраза, сексизам, шовинизам и онлајн малтретирање. Таа ја сподели нивната анализа базирана на анкети со 103 новинарки, која покажала дека над 81 проценти од новинарките кај нас се соочиле со некакво онлајн вознемирување, што, само по себе, според Озимец, е многу загрижувачки, особено што дел од тоа вознемирување не останало само на Интернет.

Според искуството на новинарот Александар Видиновски од Канал 5 Телевизија жените се целосно вклучени во медиумскиот сектор.

– Според моето искуство, вклучително и мојата редакција во Канал 5, жените се целосно вклучени. Претежно сме женска редакција, каде што тие рамноправно и квалитетно си ги извршуваат обврските. Истото важи и за дел од другите сектори во медиумот, техника, режија, монтажа. реализатори, вели тој.

Според неговите видувања, жените имаат исти права, можности, услови за работа и напредувања, иако, како што дополнува, дел од новинарките во текот на работниот процес се судриле со сексистички коментари и забелешки од надворешни лица.

Личното искуство на Видиновски во однос на соработката со колешки и колеги, во поглед на тоа дали има разлика, е дека нема, а на моменти, како што вели, жените се подисциплинирани и посветени.

Разликата кај одлучувачките позиции во корист на мажите, новинарките побројни од новинарите 

Анализите од изминатите години на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги покажуваат дека состојбата во поглед на сопственоста како и на нивоата на вработени кои имаат моќ за носење на одлуки (управителските/директорските и уредничките позиции) генерално укажува на драстично помала застапеност на жените. 

Разликата кај управител(к)ите/директор(к)ите, на ниво на целата индустрија, на годишно ниво била 47 во корист на мажите. Мажите биле побројни од жените и во поглед на уредничките позиции. Новинарството и маркетингот во ТВ и РА во земјата се сфери во кои жените се „традиционално“ побројни, новинарките просечно биле побројни од новинарите за 150.

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) остро ја осудуваат одлуката на работодавецот Нет медиа Груп Доел кој што ги поседу

Во маркетинг секторите, оваа разлика била 23 во корист на жените. Техничкиот (инженер(к)и и техничар(к)и) и реализаторскиот кадар (режисер(к)и, снимател(к)и, монтажер(к)и и слично) се претежно категории кои се обоени со доминантно машко присуство – во техничкиот кадар мажите просечно биле побројни од жените за 197, а во реализаторскиот кадар оваа разлика била речиси дупло поголема, па тие на годишно ниво биле просечно побројни за 424. Жените, пак, биле побројни во поглед на преостанатиот кадар (возач(к)ите, хигиеничар(к)ите, секретар(к)ите и сите останати вработени), иако во оваа категорија, во текот на годините имало повеќе флуктуации, велат од АВМУ.

Интересно е дека во поглед на степенот на образование, жените се редовно побројни од мажите во однос на високата стручна спрема – во просек за 62 на годишно ниво, додека, мажите се побројни од жените во однос на средната стручна спрема – во просек за 514 на годишно ниво. 

– Ситуацијата не е ваква кај податоците за редовниот работен однос, кој зборува за одредена социјална и финансиска сигурност на вработените во радиодифузната индустрија. Во оваа категорија, мажите биле редовно побројни од жените и тоа просечната разлика помеѓу нив на годишно ниво била за 433 во корист на мажите. Мажите биле значително побројни од жените и во категоријата „хонорарен ангажман“ во телевизиите и радијата во земјава. На ниво на целата индустрија, просечната разлика на годишно ниво меѓу нив била 54 во корист на мажите, велат од АВМУ.

Нивните анализи покажуваат и дека постои таканаречениот „стаклен плафон“, кој е всушност показател за постоењето на неформални граници над кои е тешко, или, пак, невозможно жените да се издигнат во повисоките редови и да учествуваат во процесите на носење на одлуки.

– Иако жените во радиодифузерите се побројни во поглед на високата стручна спрема, сепак се во помал број во редовниот работен однос, кој, како што веќе напоменавме, сам по себе носи поголема сигурност во секојдневниот живот и работата. Дополнително, и покрај овие квалификации, жените се многу поретко на раководните позиции во ТВ и РА, а со тоа имаат и помала можност да учествуваат во процесите на носење одлуки, а радиодифузерите остануваат помалку информирани за нивните потреби и експертизи, дополнуваат оттаму.

Со вчерашното изгласување на измените на Законот за минимална плата станува реалност барањето на синдикатите за зголемување на минималната плата на 18.000 денари. Со тоа, околу 80.000 работни

Податоците за платите во радиодифузијата од 2019 година покажуваат дека примањата кај сите категории вработени се ниски, честопати околу тогашниот државен просек (25.836 денари), неретко околу тогашниот минимум (14.500 денари), а некогаш и под 12.000 денари. 

Во анализата не бил забележан родов јаз во платите, но, она што загрижувало, како од аспект на родот, така и од аспект на професионалноста, е тоа што значителен дел од новинар(к)ите во приватните медиуми на сите нивоа, всушност имаа многу ниски месечни примања.

На ова се надоврзува и фактот дека жените се многу поретко на повисоките позиции како управителските и уредничките, каде платите се повисоки. 

– Платите на пониските позиции како новинарската, не им нудат финансиска стабилност и не се во прилог на обезбедувањето мотивација за создавање квалитетни новинарски производи, за воведување на родот во главните токови во известувањето и прифаќањето на родот како валиден аспект при новинарската обработка на темите, но и за гарантирање на нивната отпорност кон притисоци од различни центри на моќ. Исто така, платите и кај техничкиот и реализаторскиот кадар во кои доминантно се вработени мажи, се честопати подолу или околу државниот просек, велат од АВМУ.

Оттаму препорачуваат аудио и аудиовизуелната индустрија да поработи на отстранување на стаклениот плафон и да прифати повеќе жени на одлучувачките професии. 

– Што се однесува до категориите технички и реализаторски кадар, секако дека вработувањето на некоја од овие позиции зависи и од образованието и од личните преференци, но, тешко дека во општеството има толку малку жени кои потенцијално би ги работеле овие занимања, колку што покажуваат бројките во овие машки бастиони. Исто така, земајќи предвид дека жените со висока стручна спрема се побројни, а помалку застапени во поглед на редовниот работен однос, препораката до радиодифузерите е да ги вклучат жените во редовниот работен однос, препорачуваат од АВМУ.

Прототипот на жена во медиуми е новинарка која не е главен уредник и не е сопственик на медиум

Според информациите на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), укажувањата на новинарите и медиумските работници во 2022 година покажуваат дека генерално, можностите на жените да се развијат како професионални новинари и да напредуваат во кариерата не се многу помали во споредба со можностите на нивните колеги новинари. 

И тие се повикуваат на анализата на АВМУ, која покажува дека вкупниот број вработени во индустријата на крајот на 2021 година изнесувал 2.449 лица, поголем дел од вработените во комерцијалните телевизии биле мажи, односно биле вработени дури 365 повеќе мажи од жени. Од друга страна, велат дека има медиуми како МИА и Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), каде што, жените се побројни од своите колеги новинари, а имаат и значајна водечка улога во редакцијата.

Од ЗНМ споделуваат дека за потребите на Стратешкиот план на ЗНМ, во 2023 година била формирана фокусна група во чија дискусија учествуваа група новинарки со различно потекло, различен работен статус и различни возрасти. На задачата да дадат слика на жена во новинарството денес во нашата земја, одговорите биле дека станува збор за лице на возраст од 36-40 години, новинарка, не главен уредник и не е сопственик на медиуми (додавајќи дека има само една жена-сопственичка на медиуми во Македонија денес), која што заработува барем нешто помалку од нејзиниот колега, велат од ЗНМ.

Учесничките во фокусната група споделиле дека е речиси невозможно да се постигне рамнотежа помеѓу работата и животот.

– Кога се објавуваат нивните приказни, има примери каде што жените обично се предмет на армија тролови на социјалните мрежи кои критикуваат сè – од нивниот изглед до нивната работа. Исто така, не е невообичаено новинарките да се соочат со родова дискриминација од страна на јавните службеници, дополнуваат оттаму.

Дел од реализираните активности на ЗНМ во оваа насока се и кампањата на мрежата на медиумски здруженија и синдикати од Западен Балкан „Safejournalists“ под насловот „Новинарките од првите редови“ чија цел била да се сврти вниманието кон положбата на жената во новинарството и нивната изложеност на напади и закани, публикација „Клучните системски празнини и можни решенија за надминување на јазот во платите и потенцијалните проблеми со хиерархиската поставеност во медиумите базирани на родовата дискриминација – документ за политики“ како и Протокол за безбедност на новинарките со фокус на новинарките кои работат во интернет сферата.

Во меѓувреме, рамноправноста на жените и мажите е сѐ уште под знак прашалник во сите општествени сфери. Причините за ова се многубројни, меѓу нив е и патријахалната природа на нашата средина во која има нерамноправната распределба на семејните обврски. Односно, традиционалното префрлање на поголема одговорност за грижа за семејството, домот, децата и постарите членови на семејството на жената, што, само по себе е дополнителна „неплатена“ професија што поразително се рефлектира на градењето на кариерата на една жена. 

Ангела Рајчевска

Фото: МИА архива, Фејсбук

Треба да знаете
Moже да ве интересира