Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Небулозно е ветувањето на ВМРО-ДПМНЕ за линеарно зголемување на пензиите за 5000 денари

Само некој наивен може да верува во небулозните ветувања на ВМР0-ДПМНЕ дека над 300.000 пензионери ќе добијат по 5.000 денари линеарно покачување на пензиите, произлегува од анализите на надлежните институции, од студиите на независните финансиски организации и од изјавата за Рацин.мк на министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.

Зоран БОЈАРОВСКИ

Само некој наивен може да верува во небулозните ветувања на ВМР0-ДПМНЕ дека над 300.000 пензионери ќе добијат по 5.000 денари линеарно покачување на пензиите, произлегува од анализите на надлежните институции, од студиите на независните финансиски организации и од изјавите на министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.

Повеќе фактори говорат дека тоа е невозможно и дека е надвор од секоја финансиска и фискална логика ова лесно ветување на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа го потврдува и неодамна објавената анализа на Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“.

Во анализата се нагласува дека за стабилноста на пензиските финансии, вклучително и поради ризиците од дополнително подгревање на инфлацијата и инфлациските очекувања, од клучна важност е да продолжи актуелната политика за стабилни приходи во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.

„Тоа имплицира дека моменталната состојба со пензиските финансии не дозволува зголемувања на пензиите надвор од предвиденото законско усогласување, кое е доволно за да го задржи животниот стандард на примателите во услови на растечки цени“, се наведува во анализата на „Фајнанс тинк“.

Од друга страна непобитни се фактите што ги наведува министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска во изјавата за Рацин.мк за придобивките од системски решенија во последните 5 години.

„Просечната пензија денес изнесува 20.100 денари што е за 6.400 денари повеќе во однос на 2016 година односно повисока пензија за 47%. Минималната пензија денес изнесува 13.150 денари, што е за 4.300 денари повисока во однос на 2016 година, односно повисока пензија 47%. Од 2017 година заклучно со 2024 година оваа Влада само за пензии ќе исплати 8,5 милијарди евра. Сума која досега ниту една Влада ја нема исплатено“, изјави за Рацин.мк министерката Тренчевска.

Пензионерите веќе имаат системско решение за континуиран раст на пензиите

Според овие факти, пензионерите веќе имаат системско решение за континуиран раст на пензиите без да се изврши „упад“ во буџетот и без да се наруши стабилното полнење на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ).

Стабилното и долгорочно полнење на Фондот ПИОМ е исклучително важно ако се земат предвид проекциите дека финансиското работење на Фондот ќе биде под притисок од демографските движења. Според тие проекции, процентот на младо население на возраст до 14 години ќе се намали од 16,8% во 2015 на 16% во 2030 година, а работоспособно население на возраст од 15 до 64 години ќе се намали од 70,6% во 2015 година на 65,9% во 2030 година. Во исто време, процентот на население повозрасно од 65 години од 12,5% во 2015 година ќе се зголеми на 18,2% во 2030 година.

На ова се осврнува и Државниот завод за ревизија кој во извештајот за работењето на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување кој заклучува дека врз основа на овие показатели вкупниот број на пензионери се очекува да забележи пораст на околу 390 илјади лица во 2030 година и дека за успешно сервисирање на овие обврски на Фондот ќе биде потребно зголемување на изворите на приходи кои ги остварува ФПИОМ.

Сите овие фактори се, всушност, доказ дека е лесно истресено и неодговорно ветувањето на ВМРО-ДПМНЕ за линеарно зголемување на пензиите за 5000 денари и сосема спротивно на другите нивни ветувања кои започнаа да ги лицитираат за намалување на даноците од чии приходи во најголем дел зависи и редовното финансирање на обврските на ПИОМ.

Многу е важно да се одржува пензискиот систем стабилен

Jованка Тренчевска, министерка за труд и социјална политика

Министерката Тренчевска посочува дека многу е важно да се одржува пензискиот систем стабилен.

„Во 2022 година и 2023 година, креиравме сет мерки за пензионерите преку нив сите 336.000 пензионери добија 3000 денари , а оние со најниски пензии добија по 6000 и 4000 денари. Затоа велиме да не се оптеретува пензискиот систем и да не дојдеме во ситуација никој да не земе пензија и  за најранливите пензионери ќе направиме пакет мерки за зимскиот период  кога најмногу се потребни средства, а со здравство работиме на што повеќе лекови бидат ставени на позитивната листа на лекови“, истакнува Тренчевска.

Министерката за труд и социјална политика истакнува дека оваа Влада носи системски решенија и дека ако Владата предводена од ВМРО ДПМНЕ наместо популистички мерки и стиропор  инвестираше во методологија денес ќе зборевме за минимална пензија од 25.000 денари.

„Ние градиме систем кој гарантира постојан раст. Денес минималната пензија е 13.200 денари, ако пред година и половина минималната пензија беше 10.480 денари,  денес е 13.200 денари.  Во услови на криза, пандемија, економска криза и војна се грижиме за раст на пензии, плати и за  стандардот на граѓаните. Никогаш во историјата на државата немало раст на пензиите за 24 отсто, за околу година и половина“, вели  министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.

Министерката посочи дека пензиите се економска категорија и колку се вложува заедно со  должината на стажот се дефинира пензијата. Се друго е популистичка мерка. Треба да се има предвид и солидарниот систем според кој сите оние кои имаат остварено пензии пониски од минималната пензија, државата го финансира износот до  законски утврдена минимална пензија.

„Пензиите секој први во месецот ќе бидат на сметките на пензионерите. Пензионерите да бидат спокојни, пензискиот систем е стабилен, а со соодветни социјални мерки ќе допреме до најранливите пензионери“, порача Тренчевска.

Во изјавата за Рацин.мк, министерката Тренчевска потсетува дека Владата одговорно и доследно одговара на потребите на граѓаните и затоа во 2024 година годишниот буџет за пензии ќе биде најголем досега, односно 1,36 милијарди евра, 560 милиони евра повеќе од 2016 година.

Подобар и европски квалитет на живот за оваа Влада е приоритет. Министерството за труд и социјална политика ќе продолжи да креира политики кои го подобруваат животниот стандард на највозрасната категорија на граѓани и ветуваат стабилност и континуитет во пензискиот систем.

Зачлени се на нашиот е-билтен