Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Пендаровски шокиран од дебатата со „празно столче“ на МТВ

Силјановска не разбира зошто Пендаровски не дошол. Претседателот тврди дека немало договор за таква дебата, МТВ потврдува дека немало постигнат договор со двете страни

По двете едноподруго претседателски дебати на ТВ 21 и Телма вечерва, наводно, требало да има и трета во три дена – на МТВ. Но таа останала само со Гордана Силјановска-Давкова. Така барем тврди кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, а Стево Пендаровски вели дека никогаш немало таков договор и дека Силјановска со обилна режиска помош на МТВ создала измислен настан.

Има фотографија од „дебатата“ на МТВ која треба да се емитува во 20,15 часот и на која се гледа уредникот Стојан Трпчевски и Гордана Силјановска-Давкова, а на третата страна нема никој. Силјановска на Твитер го обвини Пендаровски дека избегал од дебатата. „Вчудоневидувачки е како во најзначајната претседателска дебата пред националниот сервис, Македонската телевизија, јас ќе дебатирам со празно столче. Не разбирам зошто мојот противкандидат (@SPendarovski) им оневозможи на граѓаните повторно да ги соочиме нашите програми и ставови“, напиша Силјановска.

Реакцијата на Пендаровски одразуваше повеќе шокираност дури и гнев дека е конструирана ситуација за дебата за која досега немало согласност од двете страни и штабот на Силјановска-Давкова го злупотребил на одреден начин јавниот сервис.

„По јавната бламажа на трите досегашни ТВ дуели, Гордана Силјановска-Давкова сфати дека единствен начин да излезе како победник во тие јавни соочувања е да организира разговор со ‘празно столче’ во договор со јавниот сервис чии генерален директор со месеци е ангажиран во партиска кампања на ВМРО-ДПМНЕ.

Инаку, терминот за дебатата на МТВ никогаш не беше договорен меѓу двата кандидати. Дебатата во понеделник на 6 мај, на телевизија Канал 5, е последна која е потврдена од двете страни.

И покрај ниските морални и етички стандарди кои ги поставија до сега во кампањата, ова е ново дно кое ВМРО-ДПМНЕ и Гордана Силјановска-Давкова го достигнаа, што може да ги изненади само оние кои не го познаваат начинот на делување на ВМРО-ДПМНЕ и на нивната партиска кандидатка“, напиша во својата реакција Стево Пендаровски.

Во официјалното објаснување на МТВза оваа „дебата“ се потврдува дека од штабот на Пендаровски немало потврден одговор дека сегашниот претседател ќе може да се појави на ова телевизиско соочување на јавниот сервис затоа што не можеле да ја усогласат агендата.

Што вели МТВ во објаснувањето:

„Вечерва во 20,15 на Македонската телевизија наместо дуел меѓу двајцата претенденти за шеф на државата, ќе има интервју само со кандидатката за претседател, Гордана Силјановска-Давкова. Нејзиниот опонент Стево Пендаровски не дојде да ги соочи ставовите во дебатата на јавниот сервис.

Македонската телевизија, на 26 април 2024 година, упати покани за предизборно соочување до кабинетите на кандидатите кои влегоа во вториот круг од претседателските избори.

Јавниот сервис како датуми ги предложи – 1 мај (среда), 2 мај (четврток) и 6 мај (понеделник).

Во зависност од предизборните активности на кандидатите за претседател, оставивме можност дебатата да се снима во текот на денот или да се реализира во живо во вечерен термин, а конечната одлука за датумот ќе се донесе во договор со кабинетите на двајцата кандидати за претседател.

Од тимот на Гордана Силјановска-Давкова, следниот ден, 27 април, известија дека го прифаќаат 2 мај – четврток како термин за дуел со можност за снимање во попладневен термин.

Од тимот на Пендаровски немаше одговор до вчера, 1 мај. Јавниот сервис испрати порака до тимот на Пендаровски да се изјаснат за дуелот, а во одговорот стоеше дека не можат му ја организираат агендата и дека не можат да успеат“.

Од МТВ додаваат дека понудиле и одделни интервјуа со двајцата кандидати, „но од тимот на Пендаровски известија дека нема простор ни за тоа иако јавниот сервис во телефонски разговор остави можност за кој било од наредните денови до изборниот молк“, се вели во соопштението.

На крајот, МТВ ги отфрла информациите од кабинетот на Пендаровски дека Гордана Силјановска-Давкова сама си договорила дуел на јавниот сервис.

Доколку се оствареше оваа дебата на МТВ и закажаната на Канал 5 тоа би биле четири дебата во рок од една недела на двајцата преостанати претседателски кандидати, што објективно, и според сите европски искуства е премногу. (Независен)

Зачлени се на нашиот е-билтен