Петковска: Доверба во судството нема додека политиката врши притисок

Скриншот 4ТВ

Доверба во судството не може да се врати додека од извршната власт доаѓаат пораки што можат да се сфатат како политички притисок, оцени Ивана Петковска од Коалицијата „Сите за правично судење“ во интервју за емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, говорејќи за одлуките на Врховниот суд, ризикот од застарување на кривични дела и недоволното финансирање на судската власт.

Петковска посочи дека немаат статистички податоци за бројот на предмети што Врховниот суд досега ги укинал и ги вратил на повторно одлучување, но нагласи дека таквата можност е предвидена со закон.

Кога Врховниот суд ќе укине пресуда и ќе го врати предметот во Основниот кривичен суд, постапката може да почне одново. Според Петковска, во конкретниот предмет за кој говорела, дел од обвинението за кривичното дело од член 353 веќе застарел, додека за делото бесправно градење сè уште има време за постапување.

Враќањето на предметот на повторно одлучување, предупреди таа, може да отвори простор за застарување и на други делови од обвинението. Петковска се осврна и на образложението на Врховниот суд, според кое во постапката не било утврдено дали станува збор за монтажни објекти или за објекти со цврста градба.

Токму динамиката со која постапуваат институциите ги засилува сомнежите во јавноста, оцени Петковска во интервјуто за „Ноќно студио“.

„Граѓаните се сомневаат во динамиката, буквално бидејќи нема доверба во институциите“, рече таа, додавајќи дека ниската доверба ја принудува јавноста постојано да бара скриена заднина во институционалните одлуки.

Петковска истовремено нагласи дека поднесена кривична пријава не значи автоматски и поведување кривична постапка, бидејќи одлуката за натамошно постапување ја носи обвинителството.

Таа ги коментираше и изјавите на претставници на извршната власт по судски одлуки, оценувајќи дека дел од нив можат да се разберат како притисок врз судството. Критиката е легитимна кога институциите не работат соодветно, но мора да биде конструктивна и да не го загрозува професионалното работење на судиите, порача Петковска.

Како дополнителен проблем го посочи недоволното финансирање на судската власт. Според неа, судскиот буџет е законска категорија и не смее да зависи од политичката волја на Владата, премиерот или Министерството за финансии.

Петковска се повика и на забелешките на Венецијанската комисија и извештаите на Европската комисија, во кои редовно се нотира проблемот со недоволните средства за судството.

Мерлив напредок во следните години, според неа, би значел избор и унапредување судии и јавни обвинители според знаење, професионалност и интегритет, без политички влијанија. За тоа се потребни и соодветно финансирање и услови во кои судиите и обвинителите ќе можат независно да ги извршуваат своите функции.

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?