Грчката полиција разби криминална група која користела вештачка интелигенција за да ги клонира гласовите на роднини на своите жртви и на тој начин да ги убеди да предадат пари и скапоцености. Според проценките на полицијата, групата со измамите стекнала противправна корист од повеќе од еден милион евра.
Уапсени се двајца членови на групата, на возраст од 23 и 25 години, додека во истрагата се опфатени уште четири лица, од кои три веќе се идентификувани.
Двајцата осомничени биле уапсени во Нова Јонија во Атика веднаш откако, според полицијата, од дом на жртва зеле вредни предмети во вредност од околу 30.000 евра.
Групата имала јасно поделени улоги – лица кои ја организирале операцијата, „телефонисти“ кои ги контактирале жртвите и „инкасантите“ кои подоцна ги земале парите или скапоценостите.
Посебно внимание привлекува начинот на кој била користена вештачката интелигенција.
Измамниците најпрво им се јавувале на потенцијалните жртви претставувајќи се како вработени во електродистрибуција, мобилни оператори, компании за оптички интернет или други услужни компании.
Во дел од случаите жртвата била убедувана дека треба да направи одредени постапки поради наводна инсталација на оптичка мрежа или техничка интервенција во домот.
Ако лицето се посомневало во приказната, измамниците предлагале информацијата да ја потврди некој негов близок.
Тогаш барале телефонски број од роднината.
Потоа му се јавувале и на тоа лице, повторно претставувајќи се како претставници на телекомуникациска или друга компанија. Целта била разговорот да трае доволно долго за да добијат примерок од неговиот глас.
Со алатка за вештачка интелигенција потоа ги клонирале карактеристиките на гласот.
Следувал нов повик кон првичната жртва. Овојпат на телефон се слушал глас кој звучел како нејзиниот роднина и кој наводно потврдувал дека инструкциите на „техничарите“ се вистински.
На тој начин измамниците успевале да ја намалат недовербата на жртвите и да ги убедат да постапат според нивните инструкции.
Грчката полиција досега потврдила уште најмалку пет случаи во кои била користена слична методологија.
Во истрагата е расветлена и кражба на автомобил од 14 септември, за кој полицијата тврди дека групата го користела како оперативно возило.
При претресите биле одземени возило и два мобилни телефони.
Иако во делот од кривичната постапка се наведува корист поголема од 120.000 евра, полицијата проценува дека вкупната противправна заработка од пошироката активност на организацијата надминува еден милион евра.
Истрагата продолжува за да се утврди целосниот број на жртви и евентуалното учество на други лица.
Грчката полиција по случајот посебно предупреди дека препознавањето на познат глас на телефон повеќе не може да се смета за сигурен доказ дека од другата страна навистина се наоѓа роднина или пријател.
На граѓаните им се препорачува при сомнителен повик да ја прекинат комуникацијата и самите да му се јават на роднината на број што веќе го имаат зачувано.
Полицијата советува и семејствата да имаат однапред договорен збор или фраза што може да се користи како дополнителна проверка во вакви ситуации.
Особено се предупредуваат повозрасните граѓани да не предаваат пари, накит или други вредни предмети на лица што дошле во нивниот дом по телефонско барање, без разлика колку уверливо звучела личноста која им се јавила.

