Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Расистички и националистички испад на Славески од ВМРО-ДПМНЕ

Славески ги претставува Ромите како џаболебари, неработници и уживатели на социјална помош кој се терет на државниот буџет. Додека за странските работници кои претежно работат на градежните објекти вели дека се бегалци или мигранти кои засега се тивки и нечујни, но дека нема да бидат и во иднина

Претседателот на Советот на Град Скопје, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Славески со навредливи и расистички изрази кон ромската етничка заедница и странските работници во земјава.

Тој на својот Х (икс) профил пишува за некаков си „македонскиот парадокс“ кој го забележал по улиците на главниот град, односно дека забележал црномурести млади мажи (мисли на Ромите и наводни мигранти) дека се на секој агол во градот.

Ромите ги претставува како џаболебаринеработници и уживатели на социјална помош кој се терет на државниот буџет. За странските работници, пак, кои претежно работат на градежните објекти, вели дека се бегалци или мигранти кои засега се тивки и нечујни, но дека нема да бидат и во иднина.

Повторно, ВМРО-ДПМНЕ почнаа пред избори да ги заплашуваат граѓаните со измислени мигранти и бегалци!

„На секој агол од градските крстосници, од утро до мрак, црномурести млади мажи (и јас сум црномурест, но не млад (тажно емотиконче)) агресивно, со шише вода и со валкан сунѓер, се нудат да ни ги исчистат стаклата од автомобилите за 10 денари. Притоа ја загрозуваат безбедноста во сообраќајот, а најмногу својата безбедност.

Во исто време, особено наутро и навечер, гледаме црномурести млади мажи, дојдени од странство, во жолти елеци, како во групи одат и се враќаат од градилиштата во главниот град. Засега се тивки и нечујни. Нема да остане така во иднина.

Првите, т.е. нашите, добиваат социјална помош од државата Република Македонија и кажуваат дека им било “неисплатливо” да работат. Вторите, веројатно бегалци или мигранти од сопствените земји, дошле во потрага по парче леб и подобар живот. Исто како и илјадниците наши млади мажи и жени, кои заради погрешните политики ја напуштаат сопствената држава за парче леб и подобар живот во туѓина. Ова мора да се промени!“, пишува Славески, од ВМРО ДПМНЕ.

Актуелниот претседател на Советот на Град Скопје, Трајко Славески, кој пишува за „македонскиот парадокс“ и за масовноста на „црномурестите мажи“ во Скопје, на сметка на иселувањето на илјадници македонските млади мажи и жени во странство, во потрага по подобар живот и поради „погрешната политика“, и дека тоа мора да се промени, всушност, имаше прилика на граѓаните да им го направи поубав животот.

Парадоксот е во тоа што токму Славески во периодот 1999 – 2000 год., година бил министер за развој во владата на Љубчо Георгиевски. Од ноември 2000 до септември 2002 г., ја врши функцијата советник на министерот за финансии и национален координатор за подготовка на „Националната стратегија за намалување на сиромаштијата“.

Во мај 2005 година бил избран за потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ. Од април 2005 до август 2006 година бил член на Советот на град Скопје. По победата на ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори во 2006 година, на 27 август 2006 година бил избран за министер за финансии.

Неговиот експлицитен расизам и национализам не се прикрива со обидот да се биде духовит „и јас сум црномурест, но не млад“.

ЦМТ

Треба да знаете
Moже да ве интересира