Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Срамни се калкулациите на ВМРО-ДПМНЕ со блокадите за донесувањето на Законот за употреба на македонскиот јазик

„Камбаната“ која ги повикува пратениците да ја поминат комисиската расправа за Законот за употреба на македонскиот јазик е секојдевна и гласна, ама ВМРО-ДПМНЕ пет пари не дава за македонскиот јазик

Зоран БОЈАРОВСКИ

Наместо да биде куса историјата на донесувањето на Законот за употреба на македонскиот јазик, таа влезе во една долга, развлечена и мачна фаза која сега продолжува да се растегнува со неразбирливи аргументи на опиозицијата, пред сѐ на ВМРО-ДПМНЕ.

Срамни се калкулациите на ВМРО-ДПМНЕ со блокадите за донесувањето на Законот за употреба на македонскиот јазик, а може да се оценат и како лицемерни, откако, парадоксално, го поздравија текстот на оваа регулатива за време на првото читање во Парламентот.

Парадоксално е најблаг израз за пристапот и однесувањето на оваа партија кон материја како што е македонскиот јазик, особено ако се знае дека устите пена им фатија на нивните првенци, пратеници и видни членови, кои не пропуштаат ниту една прилика, кога станува збор за идентитетските прашања, да редат „тажаленки“ дека македонскиот јазик е загрозен, дека со евентуалното усвојување на уставните измени тој ќе биде дополнително загрозен во ЕУ.

Настрана што некои нивни истакнати претставници кои ги нарекуваа основоположниците и кодификаторите на македонскиот јазик – џуџиња, и што во Собранието не само што немаа забелешки на законскиот предлог, туку, напротив, го пофалија законот, тој помина во втора фаза само со гласовите на простото мнозинство.

Со тоа законот сепак влезе во собраниска процедура, но блокадите на опозицијата не дозволуваат законското решение да ја помине комисиската расправа за повторно да се врати на пленарна седница за да биде конечно усвоен.

Ова е само една од низата опструкции поврзани со македонскиот јазик со која пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и нивната коалиција не учествуваат во процесите со кои се афирмира и му се оддава соодветно признание на македонскиот јазик, како една од идентитетските одредници. На оваа ситуација ѝ претходеше опструкцијата на ратификацијата на договорот за Фронтекс со ЕУ потпишан на македонски јазик. Тогашното смешно објаснување  беше дека пратениците на „најмакедонската партија“ не го слушнале ѕвончето кое ги повикува да влезат во салата и така го пропуштиле гласањето.

Сите до еден не го слушнале ѕвончето.

Сега „камбаната“ која ги повикува пратениците да ја поминат комисиската расправа за Законот за употреба на македонскиот јазик е секојдевна и гласна, ама ВМРО-ДПМНЕ пет пари не дава за македонскиот јазик. Многу повеќе, најмногу ги интересира партискиот интерес, односно, ако може, донесувањето на Законот за употреба да го донесат во нивниот мандат, надевајќи се дека на изборите ќе ја добијат шансата да формираат влада.

За да ја прикажат блокадата како оправдана, вмросвките пратеници во комисиската расправа за законот се обидуваат на „имплантираат“ амандман кој не е на ниту еден начин органски поврзан со Законот за употреба на македонскиот јазик.

Во име на Министерстсвото за култура, министерката Бисера Костадиновска Стојчевска објасни дека „македонистиката“, кои пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се обидуваат да ја внесат во законот, многу повеќе се однесува и посоодветно е да се вгради во евентуален Закон за наука за јазикот, а не во предлогот за Закон за употребата на македонскиот јазик.

За да ја прикажат блокадата како оправдана, вмросвките пратеници во комисиската расправа за законот се обидуваат на „имплантираат“ амандман кој не е на ниту еден начин органски поврзан со Законот за употреба на македонскиот јазик.

„Македонистиката ги опфаќа и литературата, културата, фолклорот, затоа сметаме дека во овој Закон со кого строго сме фокусирани на унапредување на употребата на македонскиот јазик, не би требало да се проширува и оптоварува со други прашања во однос на јазикот“, објаснува Костадиновска-Стојчевска.

Министерката уште потсетува дека веќе заврши и второто читање на Предлог-законот за употреба на македонскиот јазик, кој беше дискутиран на повеќе јавни дебати и ТВ емисии, дека низ комисиската расправа биле усвоени дури 27 амандмани и дека накалемувањето на „македонистиката“ во овој закон е навистина неприродно.

Рацин.мк направи консултации и со неколку видни научници по македонски јазик и тие сите се согласија дека „македонистиката“ со целиот комплекс прашања што го опфаќа, не е тема која треба да го обремени Законот за употреба на македонскиот јазик, кој, всушност, има за цел да се прошират областите во кои задолжително се употребуваат македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо.

Предложеното законско решение гтреба да овозможи да се прошири опсегот на задолжително лекторирање на текстови што се објавуваат, задолжително од лектор со лиценца. Задолжително да се лекторираат меѓународните договори, публикациите и учебниците што се издаваат на македонски јазик, магистерските и докторските трудови што се напишани на македонски јазик, како и текстови што се преведуваат на македонски јазик од други јазици, плакатите, летоците, називите на производите… Меѓу најголемите новини од законското решение е и поддршка за учење на македонскиот стандарден јазик за странски студенти кои македонскиот јазик го изучуваат како странски јазик, во и надвор од Републиката, но и изучување на јазикот во културно-информативните центри на земјава во странство, како некои други прашања од практичната употреба на јазикот со цел негова заштита и правилна афирмација.

Од овој Закон произлегуваат и повеќе иницијативи како што се стипендирање на кадри во сите степени во високото образование,  како и зголемување на фондот на часови по македонски јазик. Вооедно преку овој закон се создаваат услови за уредување и на други сродни закони како и за донесување Национална стратегија за македонскиот јазик.

Оние повнимателните соговорници со кои контакрираше Рацин.мк и кои сакаат да ја објаснат позадината на оваа „итроштина“ на ВМРО-ДПМНЕ, е всушност со имплантот „македонистика“ во овој закон да се отвори простор за промени во структурата на членството на Советот. Велат, ако се протне „македонистиката“, ќе се изврши притисок во Советот да се предалагаат и личности од други високо-образовни и научни институции кои немаат директна врска со македонскиот јазик, туку со литературата, културата, фолклорот и други сродни дисциплини и од институции како факултетите или институтите по книжевност, МАНУ и некои други, од кои дел се покажаа како исклучително конзервативни средини.

Македонските лингвисти имаат право да бидат загрижени за оддолжувањето на донесувањето на Законот за употреба на македонскиот јазик, не толку заради политичките калкулации на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, за кои никако не можат да најдат логична смисла.

Македонските лингвисти имаат право да бидат загрижени за оддолжувањето на донесувањето на Законот за употреба на македонскиот јазик, не толку заради политичките калкулации на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, за кои никако не можат да најдат логична смисла.

Се прашуваат што е тоа што им пречи на вмровските пратеници во законот, кога веќе цело време зборуваат за тоа дека треба да се заштити македонскиот јазик кој бил нападнат од сите страни, а при тоа не гласаат за за неговата заштита.

Оваа партиска дисциплина, којашто е политички ептен незрела, освен блокада на донесувањето на новиот Закон за употреба на македонскиот јазик е блокада и за сите процеси што ги поредвидува законското решение, како што е изработката и на Стратегијата за македонскиот јазик. Од голем дел од тие процеси зависи и мотивирање на младите и нивна поддршка во изучувањето на македонскиот јазик коишто треба да ја продолжат мисијата на сите претходници кои себеси се вградиле во создавањето, кодификацијата и светската афирмација на нашиот јазик како автентичен.

Треба да знаете
Moже да ве интересира