Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Ванчо Узунов: Подобро е реформите што ни се потребни да ги спроведеме заедно со ЕУ

Ако зборуваме дали членството во ЕУ има алтернатива, треба да кажеме дека има алтернатива, но треба да знаеме дека нема подобра алтернатива од полноправното членство во Унијата, порача во интервју за Студио на Слободен печат универзитетскиот професор Ванчо Узунов.

Според него, на државата и се потребни сериозни, коренити реформи што ќе донесат подобро фунцкионирање на државата, но и повеќе пари и подобар животен стандард. Сепак, државата досега покажала дека сама не може во целост да ги спроведе реформите.

„Ако нешто докажавме во овие 30 години е тоа дека ние сами не спроведуваме реформ. Ако некој не дојде од надвор и ако не вети силна поддршка дека ќе добиеме пари плус или ако не не уцени дека ќе ни даде пари да спроведеме реформи, односно ако нема некаков притисок, ние само реформи нема да направиме во целост“, порача Узунов.

Тој смета дека реформите што треба да се донесат првенствено ни се потребни нам како држава, без разлика дали ќе влеземе во ЕУ или не.

„Затоа ни е потребно изодувањето на патот кон ЕУ. И со ЕУ и без ЕУ нам ни се потребни исти реформи, и затоа е подобро тие реформи да ги направиме со ЕУ како партнер и ментор кој ќе ни даде и знаење и пари“, посочува Узунов.

Опозицијата ги плаши граѓаните со ЕУ и Бугарија, а за седум години нема предложено ниту една реформа за било што во државата.

Колку ќе ни опстане Македонија, колку ќе опстане македонскиот јазик зависи само од нас, а не од кој било друг и не може никој друг да го избрише јазикот кога тој веќе постои, освен ако ние самите не го заборавиме, смета професорот Ванчо Узунов.

„Тие стравови се непотребни, ама лоши политичари кои не знаат да испорачаат добри реформи се врзуваат на приказни да ги заплашат граѓаните. Па велат ЕУ не не сака, ЕУ не е фер кон нас. Не, ЕУ ниту е фер ниту е нефер. Таа е она што е, ние сакаме да станаме членка таму и да го направиеме оние реформи што ќе значат подобар живот за нас. ЕУ ниту ќе се подобри, ниту ќе се влоши ниту со Македонија ниту без Македонија. Ние ќе сме тие што ќе бидеме нето добитници на крај. Сите оние што мора да одат во ЕУ за да имаат подобар животен стандард ќе останат да живеат тука и тоа тука ќе го постигнат, ако ние станаме земја членка на ЕУ. Затоа се потребни тие реформи, ама тие што се неспособни ги кочат реформите затоа што им е страв“, порача Узунов.

Тој смета дека опозицијата, пред сè најголемата опозициска партија игра на карта на емоции, а дополнително за целиот период од седум години не дала ниту една конкретна идеја за каква било реформа.

„Една од партиите во опзоицијата го тера целиот процес за да ги убеди граѓаните да гласаат за неа не врз основа на разум и рационалност, туку врз основа на емоции. Ги носи на емотивно ниво и граѓаните ги плаши од ЕУ и Бугарија и себе се поставува како нивен заштитник пред тие „страшни вештерки и ѓаволи“. Едно со друго нема врска, се зависи од нас. Но таа партија така делува, е сега како граѓаните ќе одлучат тоа е друго прашање. Постојаната влада си има свои особености, но опозицијата само на елемент на емоции и стравови ги собира поените. Дали опозицијата еднаш излезе со една предлог реформа? Јас седум години не сум ја чул да каже еве ова го предлагаме, за која било сфера од економијата. Сега и да каже пред избори тоа ќе биде ветување, работата беше во овие седум години нешто да се предложи, како што тоа опозиција го прави во многу други држави“, заклучи Узунов.

Треба да знаете
Moже да ве интересира