Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ВИДЕО „Полиграф“: Кој дезинформира дека земјите од Западен Балкан ја надминаа Македонија на Индексот за владеење на правото?

Едно се тврди во насловот, а сосем друго во текстот. Овој начин на неточно информирање е честа појава кај онлајн медиумите во земјава.

Таков е и примерот со порталот Лидер.мк, кој на 25.10.2023 година објави текст со наслов: „Земјите од Западен Балкан ја надминаа Македонија според индексот на владеење на правото, Македонија падна за четири места“.

Како што пишува на почеток на текстот, според најновиот Глобален индекс за владеење на правото што денеска го објави Проектот за правда во светот, Македонија го задржа рангирањето на 67 место меѓу 142 земји со оценка од 0,53, исто како и во претходните три години.

Но, подолу во текстот, порталот Лидер објавува податоци што го демантираат тврдењето од насловот. „Од земјите од Западен Балкан, подобро рангирање на вкупната листа имаат Црна Гора и Косово, на 57, односно 58 место, со оценки од 0,56. Босна и Херцеговина е послабо на 75 место со индекс 0,51. Албанија и Србија се рангирани на 91 и 93 место со 0,48, соодветно. Турција е на 117. место со оценка 0,41.“, се вели во текстот на Лидер.мк.

Затоа, констатацијата на Лидер.мк во насловот, дека „ Земјите од Западен Балкан ја надминаа Македонија според индексот на владеење на правото…“ е неточна, бидејќи послабо рангирање од Северна Македонија имаат Босна и Херцеговина, Албанија и Србија, а подобро рангирање имаат Црна Гора и Косово.

Освен тоа, како што може да се види од официјалните објави на Европската комисија, Турција не се смета како дел од земјите на Западен Балкан.

Што може да се заклучи од овој случај? Публиката треба да внимава што се пласира во насловите, да ги чита целосно текстовите и да бара информации од повеќе извори. Секако, медиумите не треба да изнесуваат неточни тврдења во насловите, кои честопати се користат како сензационалистички  јадици за зголемување на читаноста, бидејќи таквиот пристап влијае на намалување на довербата на публиката во медиумите.

(СМК)

Треба да знаете
Moже да ве интересира