Вучиќ кон Охрид тргнува воздржан и со кренат гард, Курти со повеќе оптимизам и очекувања

Зоран БОЈАРОВСКИ

Како што се приближува средбата Вучиќ-Курти во Охрид, на 24 часа пред да седнат на масата во владината вила покрај езерските води, каде што претходно ќе ги угости премиерот на Северна Македонија Димитар Ковачевски, крајно спротивставените очекувања само добиваат на интензитет.

Од една страна се вели дека ќе се случи историски исчекор и односите Белград-Приштина ќе влезат во нова ера на нормалкизирање на односите, од друга страна сѐ повеќе доминираат воздржаните, па дури и песимистички ставови дека во Охрид нема да се случи ништо посебно, и дека средбата е далеку од тоа да биде историска.

Песимистичките прогнози главно доаѓаат од Белград, а за да биде целата приказна уште покомплексна, за да не речеме покомплицирана, тука е погледот на работите од Брисел, односно од високите претставници на ЕУ. За нив, во духот на бирократскиот, студен, односно рационален пристап „ништо-не-е-готово-додека-не-е-готово“, ослободен од емоции, средбата во Охрид е продолжение на средбата што Курти и Вучиќ ја имаа на 27 февруари во Брисел, каде што го договорија текстот на принципиелниот предлог, за кој Борел тврди дека „веќе не се потребни дискусии“. Затоа, според шефот на европската дипломатија Џозеп Борел, на маса ќе биде само анексот за имплементација.

Вучиќ – Нема ништо да потпишам

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во пресрет на средбата со косовскиот премиер Албин  Курти во Охрид изјави дека „не планира ништо да потпише“.

Во обраќањето до јавноста на 16 март, Вучиќ рече дека Белград „сѐ уште не добил нацрт за тоа што сака Европската унија“ во преговорите за нормализација на односите меѓу Србија и Косово.

Тоа е спротивно од она што го тврди Борел: „Имаме договор за кој не се потребни дискусии, на маса е само анексот за имплементација“.

Претседателот на Србија Вучиќ во своите изјави последните два-три дена отиде уште подалеку во обидот да ја позиционира својата позиција во Охрид и во таа насока е и неговото доплнување кое треба да го објасни неговиот став „не планира(м) ништо да потпишам“.

Александар Вучиќ (Фото: Фејсбук)

„Ние го поднесовме нашиот предлог, Албанците нивни. Од Брисел сè уште не сме добиле ништо и тој документ сè уште не постои“, рече Вучиќ, кој во Белград се сретна со специјалните претставници на Европската унија и Соединетите Американски Држави претходните денови, токму на дваесеттина часа пред средбата во Охрид.

Вучиќ уште дополни дека средбата со косовскиот премиер на 18 март во Охрид нема да биде „никаков судбоносен или кобен ден“ и дека ќе се обиде да го направи „што е најдобро за Србија“.

Запрашан што тоа значи конкретно виз-а-ви односите Белград-Приштина, Вучиќ рече дека „тоа е да работиме на нормализација на односите со Косово, да изградиме најдобри односи со Европската унија и цврсто да ги држиме нашите црвени линии, нема да се откажам од тоа“.

Црвените линии дека нема формално ниту неформално признавање на Косово и согласност за прием на таа држава во Обединетите нации, Вучиќ уште еднаш јавно ги прокламираше претходните денови за време на кампањата за промоција на Народното движење за одбрана на државата. Никој во Србија не знае која му е целта на ова движење, освен дека е подготовка на Вучиќ да го оправда епилогот за Косово за кој во Белград велат дека на цела меѓународна заедница им е јасен, освен за граѓаните на Србија.

Курти – Јас сум оптимист

Од друга страна косовскиот премиер Албин Курти на ден-два пред средбата, изјави дека е оптимист и дека на претстојната средба во Охрид ќе се постигне договор меѓу Белград и Приштина за имплементацијата на договорот. Оваа изјава на Курти е блиска до онаа на ЕУ и со тоа уште повеќе ја изострува позицијата на

„За планот за имплементација треба да се разговара во Охрид, а можеби и не само во Охрид. Јас сум оптимист, но дали ќе успее средбата или не, вие добро знаете дека не зависи само од мене“, изјави Курти.

Според Курти, од 2 јули 2011 година до 25 август 2015 година биле постигнати вкупно 39 договори и дека, како што вели, Заедницата на српските општини ги сочинува првите шест точки од договорот, кој е 16-та по ред, од вкупно 39.

„Се договоривме за европскиот предлог, за француско-германската иницијатива, а во преамбулата има пет реченици и има вкупно 11 точки. Ајде сега да разговараме за планот за имплементација. Знам дека Србија се залагаше за формирање на Заедница на општини со српско мнозинство, и го знам ставот на Србија, но сакам да се навратам на она што се договоривме и што можевте да прочитате сите, а тоа е планот за имплементација за кој треба да се преговара во Охрид, а можеби и не само во Охрид“, заклучи Курти.

ЕУ и САД – очекуваме посветеност за мирна иднина на регионот

Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, очекува средбата во Охрид да резултира со далекусежно постигнување и да го отвори процесот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина.

За Борел средбата на високо ниво меѓу Белград-Приштина во Северна Македонија се разликува од претходните состаноци не само поради местото на одржување, туку и поради тоа што дискусијата ќе биде фокусирана на Анексот за спроведувањето на договорот за нормализација на односите што според него ќе резултира со далекусежна нормализација на односите.

Евентуалниот договор на лидерите на Србија и Косово за планот за имплементација, кој се очекува на средбата во Охрид, ќе биде важен не само за двете земји туку и за целиот регион, смета Жозеп Борел.

„Ако тоа се случи, тогаш Западен Балкан ќе направи голем чекор напред на патот кон Европската унија“, рече Борел во Тирана, каде што учествуваше на состанокот во рамките на на Советот за стабилизација и асоцијација со Албанија, како дел од неговата балканска турнеа која продолжува во Скопје и завршува во Охрид.

За Соединетите Американски Држави, според изјавата на Стејт департментот, средбата во Охрид на 18 март треба да ја рефлектира посветеноста на Белград и Приштина за иднината на нивните две земји, но и нивната одговорност за иднината на регионот како геостратешка позиција наспроти војната во Украина и влијанијата на Русија.

„Очекуваме дека двете страни ќе ги искористат разговорите во Охрид, Северна Македонија, за да ја покажат својата посветеност за мирна иднина на регионот. Ги охрабруваме страните да продолжат да се ангажираат конструктивно и флексибилно додека се движат кон целосна имплементација на овој предлог. Целосно го поддржуваме дијалогот со посредство на Европската унија“, изјави портпаролот на Стејт департментот.

Ангажманот на САД за ова прашање станува сосема јасно откако беше потврдено дека специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, ќе учествува како набљудувач на новата рунда од дијалогот меѓу Косово и Србија во Охрид.

Колку Вашингтон е фокусиран на ова прашање говорат и посетите на Ескобар завчера и вчера во Белград и во Приштина.

Во разговор со новинарите во Белград, Ескобар рече дека договорот за нормализација на односите меѓу Србија и Косово претставува една од најдобрите можности за регионот да напредува и ги повика страните да бидат многу сериозни во барањето договор, да најдат начини да бидат флексибилни, конструктивни и да имаат визија и да ја искористат можноста што им се нуди.

Ескобар на одреден начин ги објасни „разликите“ меѓу Вучиќ и Курти за дел од аспектите на  содржината на разговорите во Охрид кога нагласи дека тоа е договор за нормализација на односите, а не за признавање.

Габриел Ескобар

„Американскиот став е дека Косово е земја со територијален интегритет и суверенитет. Сметаме дека регионот ќе има корист од меѓусебното признавање. Што се однесува до членството во ОН, сметаме дека вредноста на договорот би била побрзата интеграција на Србија и Косово и на целиот регион“, додаде Ескобар.

Тој посочи дека целта на договорот е да се интензивира процесот што би го доближил целиот регион до Европа, и на економски и на политички план.

Во секој случај, сега знаеме кој со што доаѓа во Охрид: Вучиќ тргнува воздржан и со кренат гард, Курти со повеќе оптимизам и очекувања, а ЕУ најавува само разговор за имплементација на договорот од Брисел, а САД со очекување за договор за мирна иднина на регионот.

Дали Охрид ќе биде само една попатна станица којашто во целиот овој комплициран процес бргу ќе се заборави, или сите ќе го запаметиме како точка на пресвртница, останува да се види што ќе донесе епилогот на утрешниот ден. Секако, нема сомневање дека очите на пошироката меѓународна јавност утре ќе бидат свртени кон Охрид.

Треба да знаете
Moже да ве интересира