Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Зошто пресудата на Судот во Стразбур „Д.Х. и други против Северна Македонија“ е важна за сексуалните работнички, медиумите и владеењето на правото?

Пишува: ЖАРКО ТРАЈАНОСКИ

На 26.09.2023 година, една од главните вести на денот беше дека „сексуалните работнички ја добија правдата во Стразбур“.[i] Во вестите стануваше збор за пресудата на Европскиот суд за човекови права Д.Х. и други против Северна Македонија, која утврдува повреди на членот 3 од Европската конвенција за човекови права (за нечовечки и деградирачки третман) и на членот 8, кој се однесува на приватниот живот.

Меѓу другото, повеќето медиуми го објавија и овој дел од соопштението на ХОПС во врска со пресудата на Европскиот суд за човекови права:

„Судот утврди повреда на правото на приватност поради објавата на фотографии од жртвите на веб страна на Министерството за внатрешни работи, без да биде прикриен нивниот идентитет и ја задолжи државата да им исплати износ од 13.300 евра за претрпените повреди и неефикасната заштита на нивните права пред домашните судови“.[ii]

Во пресудата на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) од 18 јули 2023 година, се наведува дека ЕСЧП утврдил дека има и прекршување на членот 8 од Конвенцијата како резултат на публикувањето на фотографии од апликантките од страна на Министерството (за внатрешни работи) но, исто така, дека немало прекршување на членот 8 од Конвенцијата при објавувањето на фотографиите во извесни медиумски изданија. Во сумирањето на пресудата се наведува дека домашните судови не успеале да го заштитат правото на притворените сексуални работници на нивниот приватен живот, наспроти повредата на тоа право преку публикување на нивните фотографии (земени додека биле во притвор), на сајтот на Министерството за внатрешни работи.[iii] Исто така, се наведува и дека немало доволно докази за некаква одговорност на полициските власти за земањето и публикувањето на нивните фотографии во некои медиумски изданија.

Зошто оваа пресуда на Европскиот суд за човекови права е важна, не само за сексуалните работнички и здруженијата на граѓани кои ги застапуваа, туку и за медиумите општо земено, вклучително и оние кои известуваа и објавија фотографии од сексуалните работнички по полициската акција „улична проституција“ во ноември 2008 година?

Уште во 2008 година здруженија на граѓани укажуваа на повреда на правото на приватност и други права

Акцијата на МВР „улична проституција“ беше една од ударните вести во медиумите на 21-22.11.2008 година,[iv] а главен медиумски гласноговорник по акцијата беше тогашната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.[v]

По акцијата, здруженија на граѓани имаа сериозни забелешки за повреда на правото на приватност на сексуалните работнички од страна на МВР[vi] и за сензационалистичко[vii] и негативно претставување од страна на медиумите.[viii]

Советот на честа на ЗНМ, на 28.11.2008 г. оценува дека „генерално електронските медиуми пропуштија дополнително да ги затемнат ликовите од снимките добиени од МВР од Клиниката за инфективни болести и со тоа не ја исполнија обврската да го заштитат идентитетот на приведените“.[ix] Истиот Совет на честа, покрај повреда на приватноста, утврди и сензационалистичко информирање за случајот, со навредлива и дискриминирачка терминологија.[x] Имаше и укажувања дека „медиумите се користат како инструменти за незаконска деградација и стигматизација на обвинети кои се невини додека не се докаже спротивното“.[xi]

По акцијата на МВР, 14 сексуални работнички поведоа граѓанска тужба против Република Македонија за утврдување на повреда на правото на приватност и заради тортура, нечовечко и деградирачко постапување или казнување. Во друг судски случај, 3 сексуални работнички тужеа пет медиуми за надомест на штета поради повреда на правото на приватност, односно, неовластено снимање и објавување на фотографии и видео материјали без заштита на нивниот идентитет (снимани како лица лишени од слобода и како пациенти кои се носат на принудно тестирање во инфективна клиника).[xii]

По неуморната правна битка за заштита на нивните права, конечно, неколку сексуални работнички делумно добија правда со пресудата на Европскиот суд за човекови права од 18.07.2023 година.

ЕСЧП за фотографиите и повредата на правото на приватност

За публикувањето на фотографиите на сексуалните работнички на сајтот на МВР и во извесни медиумски изданија, по полициската акција „улична проституција“, има посебен дел во пресудата на Европскиот суд за човекови права.

Судот посебно разгледува два аргументи за прекршување на правото на приватен живот – прво, во врска со наводната одговорност на полициските власти за информирањето на медиумите за локацијата на сексуалните работнички, и второ, во врска со публикувањето на нивните фотографии на сајтот на МВР.

Прво, ЕСЧП забележува дека не му биле презентирани доволно докази дека полициските службеници ги информирале медиумите за трансферот на сексуалните работнички на клиниката, за потоа да заклучи дека нема одговорност кај полициските власти за публикувањето на фотографиите од страна на медиумите, и нема повреда на чл. 8 од Конвенцијата.

Второ, во врска со публикувањето на фотографиите на сајтот на МВР, земени во притвор, без прикривање на идентитетот, ЕСЧП утврдува повреда на чл. 8 од ЕКЧП, заклучувајќи дека „националните судови не ја исполнија својата обврска да го заштитат правото на апликантите на почитување на нивниот приватен живот од повреда на тоа право со објавување на нивните фотографии на веб-страницата на Министерството“.

Претходно, ЕСЧП се повикува на одлуката на првостепениот суд кој на 28 мај 2015 утврдил декa „Полициските власти ги прекршиле правата на апликантите според членот 8 од Конвенцијата со тоа што ги направиле нивните фотографии додека биле во полициски притвор и ги објавиле на веб-страницата на Министерството“. Исто така, ЕСЧП констатира дека Апелациониот суд ја потврдил жалбата на МВР, со општо образложение дека не биле прекршени правата на сексуалните работнички, без да даде никакви конкретни разлози.

Токму затоа, ЕСЧП на крај пресудува дека имало прекршување на чл. 8 од ЕКЧП „како резултат на публикувањето на фотографиите на апликантите од страна на министерството“.

Во истата пресуда, ЕСЧП утврди и прекршување на чл. 3 од Конвенцијата, во врска со немањето пристап до храна, вода и тоалет (за време на полицискиот притвор), поради тоа што владата не успеала да презентира доволно докази и недвосмислено да докаже дека полициските власти се погрижиле за основните потреби на притворените апликантки, да им обезбедат храна, вода и пристап до тоалет. Во случајов, товарот на докажување бил на страна на Владата, а не на апликантките, кои според ЕСЧП, како припаднички на ранлива група, дале доволно детални докази за нечовечки и деградирачки третман.

Токму поради утврденото прекршување на чл. 3 и чл. 8 од ЕКЧП, ЕСЧП досуди секоја од четирите сексуални работнички да добие отштета од 3.300 евра.

Бошкова: Каде што судовите повредиле права загарантирани со конвенцијата, не гледаме дека постојат последици по судиите

Во врска со пресудата на ЕСЧП, Институтот за медиуми и аналитика ИМА побара мислење од правната застапничка на сексуалните работнички, Наташа Бошкова, која укажа дека 15 години сексуалните работнички бараа правда, првин пред домашните судови, а потоа и пред ЕСЧП.

Долгогодишната правна битка на сексуалните работнички по полициската акција „улична проституција“ во ноември 2008, најпосле исходуваше со пресуда на ЕСЧП во 2023 година, по жалбата поднесена во 2017 година, вели таа.

„Пресудата донесена во јули оваа година, 2023 година, практично и го посочува тоа, дека домашните судови, особено, второстепениот суд, не ги преиспитал наводите на сексуалните работници кои јасно и конзистентно се повторуваат, но и се потврдени од трета страна, од учесници во постапката од страна на МВР, дека тие биле приведени, биле држени во едни нехумани услови, дека не им било обезбедено извршување на основните физиолошки потреби, но второстепениот суд пропуштил тоа да го анализира, и соодветно да утврди дека практично сексуалните работнички тој ден претрпеле, со таа ноќ во полициската станица, биле жртва на нехумано постапување од страна на полицијата, но им било повредено и правото на приватен живот“, истакна Бошкова во изјавата за ИМА.

Бошкова укажува дека пресудата на ЕСЧП дава нова можност за исправање на неправдите сторени врз сексуалните работници од страна на домашните судови: „Но, и оваа пресуда е можност да се бара повторување на домашната постапка и повторно судовите да имаат можност да ги разгледаат наводите и овој пат правилно да одлучат дека сексуалните работници биле жртва на повреда на правата од страна на полицијата и на судовите.“

Според Бошкова, проблем е тоа што не постојат последици по судиите кои одлучувале во постапки за кои ЕСЧП утврдил повреда на правата загарантирани со ЕКЧП од страна на судовите: „За жал, и претходни постапки, каде што судовите повредиле права загарантирани со конвенцијата, не гледаме дека постојат последици по судиите кои одлучувале по ваквите постапки, и сметам дека сериозно треба да се разгледаат наводите на ЕСЧП во однос на овој случај, затоа што укажува на директен пропуст на судовите, кога го разгледувале овој случај, и не ги земале предвид исказите на сексуалните работници кои што се јасни, конзистентни и јасно укажуваат на искуството кое што го имале за време на престојот во полициска станица.“

Кој е одговорен за прекршувањата на правата констатирани од Судот во Стразбур?

Дел од медиумите и новинар(к)ите имаат одлична прилика да ги поправат своите грешки при покривањето на полициската акција „Улична проституција“ во 2008 година, ако јавно го постават прашањето за одговорноста за повредените права на сексуалните работнички, констатирани во пресудата на ЕСЧП.

Се разбира, во Судот во Стразбур се водат постапки против државата, и главната одговорност паѓа на државата. Но, прашањата кои лица имаат лична одговорност за повредените човекови права на сексуалните работнички од страна на државата се исто така прашања од јавен интерес.

На пример, кои лица им оневозможиле на притворените сексуални работнички пристап до храна, вода и тоалет во полициска станица? Каква е одговорноста на тогашната министерка за внатрешни работи, која јавно ја оправдуваше полициската акција „улична проституција“ како законска и која се повикуваше на идеологијата на нејзината партија? Каква е одговорноста на „внатрешната контрола“ при МВР, како и на другите институции за заштита на правата (и надлежните лица) кои не утврдиле незаконски дејства од страна на МВР? Каква е одговорноста на судиите што не утврдиле нечовечки и деградирачки третман во судските постапки, и со тоа станале (со)учесници во повреда на нивните права? Имало ли конфликти на интереси при одлучувањето? [xiii]

Не помалку битни се и прашањата во врска со повреденото право на приватност. Кои лица се одговорни за прекршување на правото на приватност со објавување на фотографиите од сексуалните работнички во притвор, додека биле подложени на нечовечки и деградирачки третман од страна на МВР? Кој суд, и кои судии се одговорни за тоа што државата треба да им плаќа отштета на сексуалните работнички и за повреденото право на приватност?

Се разбира, и прашањата за етичката одговорност на медиумите во врска со известувањето за случајот „улична проституција“ од 2008 се исто така прашања од медиумски и јавен интерес.

По финалната пресуда на ЕСЧП, државата допрва ќе се соочува со предизвикот за нејзино доследно спроведување. Сексуалните работнички ќе ја добијат правдата само ако пресудата на ЕСЧП биде доследно спроведена од сите релевантни државни чинители. Медиумите можат да дадат свој значаен придонес со покренување на прашања од јавен интерес, не само за индивидуалната одговорност за повредените права на сексуалните работнички, туку и со следење на процесот на спроведување на пресудата на ЕСЧП од страна на државата, процес кој допрва ќе следи.

Со покренување на прашања од јавен интерес за повредите на човековите права и на принципот на владеење на правото, и со доследно трагање по одговорите, новинар(к)ите ќе ја исполнат својата етичка обврска да „ги бранат човековите права, достоинството и слободата“ и ќе придонесат „за јакнење на правната држава и во контролата на власта“, што е основен принцип на нивно однесување, согласно „Кодексот на новинарите на Македонија“.

Референци:

[i] На пример, на агрегаторот на вести time.mk се формираа неколку кластери од над 30 медиумски прилози со следниве „носечки“ наслови: СЕКСУАЛНИТЕ РАБОТНИЧКИ ЈА ДОБИЈА ПРАВДАТА ВО СТРАЗБУР Македонија треба да им исплати 13.300 евра поради нехуман третман, +инфо, 26.09.2023, Државата треба да им исплати 13.300 евра на сексуалните работнички, пресуди Европскиот суд за човекови права, еМагазин, 26.09.2023, и ЕСЧП донесе пресуда против земјава поради нехуман третман на сексуалните работници во полициска акција во 2008 година, 24 Вести, 26.09.2023. Видете наслови и на агрегаторот на вести grid.mk.

[ii] По 15 години борба, конечно правда за сексуалните работнички, ХОПС, 25.09.2023.

[iii] CASE OF D.H. AND OTHERS v. NORTH MACEDONIA, (Application no. 44033/17), Judgment (Merits and Just Satisfaction), Court (Second Section), 18.07.2023.

[iv] Видете кластер наслови на time.mk.

[v]  Видете Во акција на МВР за сузбивање на проституцијата на улицата кај МКЦ, уапсени 33 лица, Канал 5, 21.11.2008: „Доколку се утврди и кривичното дело пренесување заразна болест казна за ова дело е до 3 години затвор а во случај на сторување на делото од небрежност, предвидена е парична казна или затвор до 6 месеци – рече Гордана Јанкуловска, министерка за внатрешни работи… – Во идеологијата на демохристијанските партии легализацијата на проституцијата не е дел од политичката агенда – рече Јанкуловска.“ Видете и Приведени над 20 луѓе поврзани со проституција, А1, 21.11.2008: „Во консултација со обвинителството и судот, со обезбедена судска наредба извршен е лекарски преглед на овие лица, со кои би се потврдиле, односно би се отфрлиле сомневањата дека истите се носители на полови или вирусни заболувања и истите свесно ги пренесуваат на лицата со кои сексуално општат“, изјави Гордана Јанкуловска, министер за внатрешни работи. Прегледот на инфективна клиника беше вистинска драма. Уапсените одбиваа да излезат од полициските возила и да влезат во клиниката.“

[vi] Годишен извештај за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници, Коалиција за заштита и промоција на сексуалните и здравствените права на маргинализираните заедници, Скопје 2009: „МВР дозволува снимање на осомничените сексуални работнички во просториите на полициската станица, снимки кои подоцна се објавени во некои од медиумите без никаква заштита на идентитетот на осомничените лица.“

[vii] Славчо Димитров: „И тогаш доживеавме уште еден комплетен шок кога видовме на вести како е изведена целата процедура: од снимањето, до носењето на Инфективна клиника, па прикажувањето на нивните лица (немаше никакво покривање), како ги третираа кога ги носеа, реакциите на девојките кои се гледаа на камерите… целиот третман, со Марица… ми доаѓаат уште тие слики, се сеќавам на видеоприлозите. Тогаш сфативме дека ова е надвор од секаква мерка и дека тука има сериозен случај“.

Марија Тошева: „Почнаа вестите со ударна вест: Уапсени проститутки, клиенти и макроа – со драматична музика и со кадар на девојките пред Инфективна клиника како ги буткаат од полициско комбе кон вратата. Девојките беа видно изреволтирани, викаа, постоеше тензична, нервозна атмосфера. Девојките ги гледавме со лика и прилика. Тоа беа истите девојки што до вчера ги гледавме на улица или во дневниот центар. Тогаш емоциите преовладаа кај мене… Имаше драма, едноставно. Буквално, со солзи во очите, со сѐ. Сите бевме шокирани откако го изгледавме прилогот.“ (Видете Трајаноски, Жарко, Тошева, Марија, Димитров, Славчо и Штерјова Симоновиќ, Хајди. Борба за правата на сексуалните работници во Македонија: Одговор на сексуалните работници и на граѓанските организации на полициската акција „Сузбивање на улична проституција“, Скопје: Здружение ХОПС – Опции за здрав живот Скопје, 2015).

[viii] Видете Годишен извештај за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници, Коалиција за заштита и промоција на сексуалните и здравствените права на маргинализираните заедници, Скопје 2009: „Во медиумите се објавуваат сензационалистички фотографии и видео снимки кои не ги претставуваат сексуалните работнички позитивно (како жртви на присилно тестирање и полициско изложување на јавна љубопитност), туку негативно (како криминалци кои се осомничени за тешки кривични дела и кои недолично се однесуваат кон медиумите кои совесно си ја вршат работата).“

[ix] Според Советот на честа на ЗНМ, „нарушени се членовите 7 и 10 од Кодексот кои што бараат новинарите да ја почитуваат приватноста на личноста и да не создаваат информации што ги загрозуваат човековите права и слободи“. Во спротивност со Кодексот на новинарите, како што укажа Советот на честа, е и „начинот на известувањето и дискриминирачката терминологија што беа употребувани во некои новинарски прилози“. (Видете Годишен извештај за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници, Коалиција за заштита и промоција на сексуалните и здравствените права на маргинализираните заедници, Скопје 2009).

[x] Видете Тамара Чаусидис, Маргинализираните заедници во медиумите, во ТРАЈАНОСКИ, Жарко, Медиумите, говорот на омраза и маргинализираните заедници: водич за медиуми / Жарко Трајаноски, Тамара Чаусидис, Роберто Беличанец, Коалиција Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници, 2013:

„Едниот од написите во весниците носеше наслов „Курвите со пендрек на преглед“. Невладината организација ХОПС поднесе жалба до Советот на честа при Здружението на новинарите, по што ова саморегулативно тело оцени дека станува збор за кршење на новинарската етика: „Акцијата на МВР и нејзиното медиумско покривање се репрезентативен пример на третманот на сексуалните работници во медиумите, но и во општеството. Со откривањето на идентитетот на осомничените, кои не се јавни личности и, поради тоа имаат право нивната приватност да биде почитувана, нарушени се членовите 7 и 10 од Кодексот на новинарите, кои бараат почитување на приватноста и на човековите права и слободи. Информирањето воедно е сензационалистичко, што е спротивно со членот 8 од Кодексот, а терминологијата навредлива и дискриминирачка.“ – се вели во одговорот на Советот“.

[xi] Видете СВАН – Мрежа за промоција на правата на сексуалните работници во Централна и Источна Европа и Централна Азија, Отворено писмо до македонската влада по однос на притворот, присилното тестирање и тужбите поднесени против сексуалните работнички во Македонија во ноември, 2008Ги повикуваме медиумските куќи, новинарските асоцијации и медиумските репортери да бојкотираат слични идни повици од страна на полицијата да ги снимаат обвинетите пред да се изречат судски пресуди. Во такви случаи медиумите се користат како инструменти за незаконска деградација и стигматизација на обвинети кои се невини додека не се докаже спротивното.“

[xii] Видете Извештај за сексуалните и здравствените права на маргинализираните заедници во Република Македониjа, Скопје, 2011.

[xiii] Видете, за индиции, на пример, Влатко Деков, „Жалете се кај сакате“, trn.mk, 02.10.2023: „Како тогашен извршен директор на ХОПС многу добро се сеќавам на состанокот кој го имавме со тогашниот портпарол на МВР – Иво Котевски кој во надмен стил рече “ жалете се каде сакате” – со таков израз на лицето како да сакаше да каже – во оваа земја ние сме главните , мислејќи на тогашната апсолутна власт која ја поседуваше ВМРО ДПМНЕ. И навистина така и беше , застапувајќи ги сексуалните работници како ХОПС се жалевме секаде. Иако знаевме за политичкото влијание врз судството за нас беше изненадување што Апелациониот суд ја преиначи пресудата што претходно ја донесе граѓанскиот суд во Скопје кој во два наврати утврди повреда на правата на сексуалните работници и ги задолжи Министерството за внатрешни работи и Кривичниот суд Скопје да ја надоместат штетата за извршените повреди. Но изненадувањето се претвори во тегоба кога дознавме дека судијка во Апелациониот суд и член на совет за пресудата беше лично сопругата на портпаролот на МВР.“

Извор: ИМА.мк

Треба да знаете
Moже да ве интересира