БСЖ сериите под проверка биле користени и во Македонија

БСЖ вакцините од сериите 683-1 и 807-1, кои во Хрватска се проверуваат по четири пријавени случаи на остеитис и остеомиелитис, биле користени и во Македонија и целосно потрошени до летово. Досега кај нас нема пријавени несакани реакции поврзани со овие серии, соопшти министерот за здравство Сашо Клековски.

Станува збор за серии од бугарскиот производител BB-NCIPD. Според Клековски, двете серии во Македонија биле целосно искористени до летото годинава и повеќе ги нема во употреба.

Серијата 683-1 е евидентирана и во официјалните документи на МАЛМЕД како БСЖ вакцина на бугарскиот производител пуштена во промет во Македонија.

Хрватската агенција за лекови и медицински производи ја прекина употребата на вакцините од овој производител откако во 2026 година доби четири пријави за сомнеж за остеитис или остеомиелитис кај деца вакцинирани во 2024 и почетокот на 2025 година. Пријавите се однесуваат на сериите 683-1 и 807-1.

Хрватските здравствени власти нагласуваат дека засега станува збор за сомнеж и дека не е утврдена причинско-последична врска меѓу вакцината и случаите. Остеомиелитисот е позната, но ретка несакана реакција по БСЖ вакцинација.

Во Македонија вакцинацијата со БСЖ привремено е прекината како превентивна мерка. Министерството за здравство и МАЛМЕД дополнително ги проверуваат сериите и податоците за евентуални несакани реакции.

Клековски најави дека ќе бидат проверени и случаите на остеомиелитис регистрирани во земјава во изминатите четири години, вклучително и оние кај кои досега не постоел сомнеж дека може да бидат поврзани со вакцинацијата.

Министерството претходно соопшти дека во изминатите десет години во МАЛМЕД била пријавена една сомнителна несакана реакција од БСЖ вакцина, во август 2022 година. Станувало збор за апсцес на местото на апликација, реакција која е наведена во упатството на вакцината. Таа пријава не се поврзува со двете серии што сега се предмет на проверка.

Во меѓувреме, Министерството постигнало договор со УНИЦЕФ за обезбедување едногодишна количина БСЖ вакцини од јапонски производител. Според Клековски, вакцините се достапни во депо и треба да бидат транспортирани во Македонија.

Тој очекува прекинот на вакцинацијата да трае околу седум до десет дена. БСЖ вообичаено се дава на новороденчињата пред исписот од родилиште, но може да се прими и подоцна.

Хрватскиот завод за јавно здравство соопшти дека децата кои ја примиле вакцината, а немаат симптоми, не треба да се испраќаат на дополнителни прегледи само поради серијата на вакцината. Истрагата за причините за зголемениот број пријави во Хрватска продолжува.

Рацин.мк ве прашува:

Дали ЕУ го признава македонскиот идентитет?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали ЕУ го признава македонскиот идентитет?