Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши повторно ја бранеше владината потрошувачка кошница како реален приказ на трошоците за живот, иако и за неа на четиричлено семејство не му стигнуваат две минимални плати. Според министерската пресметка, за септември биле потребни 58.117 денари, додека две минимални плати изнесуваат 52.092 денари. Недостигаат 6.025 денари месечно.
По денешната седница на Економско-социјалниот совет, Дурмиши посочи дека кошницата е поевтина за 358 денари во однос на август. Но, и според податоците на неговото министерство, трошоците од јануари пораснале за 1.736 денари, односно за 3,1 отсто.
„Нашата цел не е да покажеме пониска бројка“, порача Дурмиши, објаснувајќи дека разликите со другите кошници произлегуваат од различниот опфат, структурата и изворите на податоци. Министерството пресметува 11 категории трошоци, со цени од повеќе градови, пазари и трговски синџири.
Сојузот на синдикатите, пак, за септември пресмета минимална кошница од 69.432 денари, а за октомври таа достигна 70.358 денари. Само храната и пијалаците чинат 26.170 денари, што е за 124 денари повеќе од една минимална плата. Со кирија за стан од 60 квадратни метри, октомвриската синдикална пресметка достигнува 85.733 денари.
За минималната плата денеска не се разговарало, потврди претседателот на КСОМ, Марјан Ристески. Тој побара во кошницата да биде вклучена и киријата, предупредувајќи на тешкотиите со кои младите се соочуваат при обезбедувањето сопствен дом.

