Иван Пешевски во „Аргумент плус“: ССМ ќе бара минимална плата од 800 до 850 евра

ССМ ЌЕ БАРА МИНИМАЛНА ПЛАТА ОД 800 ДО 850 ЕВРА

Животот поскапе за 8.000 денари, барањата од 600 евра се застарени

Животните трошоци за само две години се зголемиле за повеќе од 8.000 денари, додека растот на платите не успева да го следи темпото на поскапувањата, предупреди потпретседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Иван Пешевски, во гостувањето во емисијата „Аргумент плус“ на ТВ 24.

Тој оцени дека досегашното синдикално барање за минимална плата од 600 евра веќе е надминато од растот на цените и најави дека ССМ ќе бара значително повисоки примања. Доколку, како што рече, институциите и работодавачите продолжат да немаат слух за барањата на работниците, синдикатот ќе се насочи кон протести, блокади и штрајкови.

СИНДИКАЛНАТА КОШНИЦА СЕ ПРИБЛИЖУВА ДО 70.000 ДЕНАРИ

Според податоците што ги изнесе Пешевски, синдикалната минимална кошничка веќе се приближува до 70.000 денари, а последната пресметка изнесува околу 69.000 денари. Само за еден месец, рече тој, трошоците пораснале за дополнителни 757 денари.

Проблемот, според него, станува уште поизразен кога ќе се споредат трошоците во подолг период. Пешевски тврди дека во последните две години вкупните издатоци за храна, гориво, школски потреби, лекување и останатите основни трошоци пораснале за повеќе од 8.000 денари.

Тој ги критикуваше годишните усогласувања на платите од по 1.000 или 2.000 денари, оценувајќи дека таквите зголемувања брзо ги поништува растот на цените.

„Тие пари се губат во џебот на граѓаните за само еден месец поради секојдневните поскапувања“, рече Пешевски.

Според неговите проценки, медијалната плата во приватниот сектор се движи меѓу 33.000 и 35.000 денари. Тоа, според ССМ, значи дека и домаќинство во кое работат двајца членови сè потешко може да ги покрие основните месечни трошоци.

ПОСКАПИВЕ ГОРИВА НОСАТ НОВ ПРИТИСОК ВРЗ БУЏЕТОТ НА СЕМЕЈСТВАТА

Пешевски посочи и на поскапувањето на горивата како дополнителен удар врз стандардот на работниците. Според него, растот на цената на горивото не се чувствува само директно преку трошоците за превоз, туку постепено се пренесува и врз цените на храната, лековите и останатите производи.

Работниците кои секојдневно патуваат од Тетово или Куманово кон Скопје, рече тој, за гориво, патарини и храна можат да издвојуваат и до 10.000 денари месечно.

„Работниците плаќаат двојно – еднаш за превоз до работа и вторпат преку повисоките цени на храната“, рече Пешевски.

Тој отвори и прашање за патните трошоци на пратениците, оценувајќи дека системот создава спротивни ефекти за работниците и за функционерите.

Според Пешевски, додека повисоките цени на горивата директно ги зголемуваат трошоците на работниците, надоместоците поврзани со користење автомобил кај дел од функционерите растат заедно со цената на горивото.

ССМ ЌЕ БАРА МИНИМАЛНА ПЛАТА ОД 800 ДО 850 ЕВРА

Во јавноста подолго време се споменуваше синдикалното барање за минимална плата од 600 евра, но Пешевски сега вели дека таа сума повеќе не одговара на реалните трошоци.

„Барањето од 600 евра беше наш предлог од пред една година“, рече тој.

Според најавата на Пешевски, новото барање на ССМ би можело да биде минимална плата од 800 до 850 евра.

Аргументот на синдикатот е дека две такви плати треба да обезбедат барем основна финансиска сигурност за едно четиричлено семејство во услови кога синдикалната кошничка се приближува до 70.000 денари.

Пешевски упати остра порака и до работодавачите кои тврдат дека компаниите не можат да издржат значително повисоки плати.

„Доколку има работодавачи кои на овие цени не можат да обезбедат просечна плата од 800 евра во компанијата, слободно нека затворат и нека одат тие да работат за 400 евра, па да видат како се поминува месецот“, рече тој.

Според него, ниските примања се една од главните причини зошто работници од Македонија заминуваат во земјите од регионот во потрага по подобро платена работа.

Критики беа упатени и кон институциите задолжени за контрола на пазарот и заштита на работничките права.

Пешевски оцени дека проблемот не е само во законската рамка, туку во начинот на кој таа се спроведува.

„Законите на хартија изгледаат одлично, но спроведувањето во пракса е заспано“, рече тој.

Според него, потребни се посилни контроли во маркетите, поефикасна работа на инспекциите и построго почитување на прописите на работните места и градилиштата.

Тој изрази сомнеж и во ефектите од Законот за нефер трговски практики, оценувајќи дека без реална контрола на маржите и цените законските решенија не можат да дадат резултат што граѓаните ќе го почувствуваат во своите буџети.

ССМ НАЈАВУВА МОЖНИ ПРОТЕСТИ И БЛОКАДИ

Пешевски оцени дека Економско-социјалниот совет подолг период не го исполнува своето значење како место за вистински социјален дијалог меѓу Владата, синдикатите и работодавачите.

Според него, синдикатот повеќепати ги изложувал барањата за раст на платите и за мерки против поскапувањата, но досега не добил одговор што би го променил стандардот на работниците.

Тој најави дека претседателството на ССМ треба да ги дефинира следните чекори на синдикатот.

Доколку нема промена во односот кон цените и платите, рече Пешевски, синдикалниот притисок ќе се префрли на улица.

„Блокадите, протестите и штрајковите се неизбежни, бидејќи парче леб повеќе се бара на улица, а не од канцеларија или преку Фејсбук“, порача Пешевски.

Рацин.мк ве прашува:

Што ќе ни донесе вештачката интелигенција во следните пет години?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Што ќе ни донесе вештачката интелигенција во следните пет години?