Летате од Скопје? Повеќе нема да ги вадите лаптопите и течностите од рачниот багаж

лаптопите

Аеродромскиот оператор ТАВ Македонија инвестираше еден милион евра во нова технологија за проверка на кабински багаж и автоматизирани безбедносни ленти на скопскиот аеродром, со цел подобрување на безбедносните стандарди, забрзување на обработката на патниците и подобрување на целокупното искуство при патувањето.

Инвестицијата вклучува два уреди за проверка на кабински багаж и две автоматизирани ленти произведени од „Смитс Детекшн“.

Според генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, новата опрема го става скопскиот аеродром рамо до рамо со големите европски центри кои веќе ја користат технологијата за проверка на кабински багаж. Системот им овозможува на патниците да не ги вадат лаптопите, таблетите, мобилните телефони и течности во нивниот кабински багаж за време на безбедносниот преглед, а истовремено им овозможува на секоја лента за проверка да обработи до двојно повеќе патници на час.

– Се овозможува и поголем капацитет на аеродромот, односно со новата технологија ќе се обработат до двојно повеќе патници на час од линија. Ова е клучно за справување со растечкиот сообраќај, особено во шпицот на сезоната – рече Курт.

Компанијата соопшти дека инвестицијата е дел од пошироката програма за безбедност на аеродромите. Минатата година, ТАВ Македонија заврши два дополнителни безбедносни проекти во вкупна вредност од 1,93 милиони евра, вклучувајќи нов систем за видео надзор и модерна платформа за обука, тестирање и сертификација за безбедносен персонал.

Од ТАВ Македонија велат дека ќе продолжи да инвестираат во технологија и инфраструктура за да ја зајакнат позицијата на скопскиот аеродром како регионален воздухопловен центар.

Најчитано