Пензионерите ќе се почастат со 3 проценти зголемување на пензиите

Пензионерите во октомври ќе добијат за три проценти повисоки пензии. Станува збор за септемвриското законско усогласување, кое ќе биде пресметано при следната исплата, потврди директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување Никола Мемов.

За разлика од претходните линеарни покачувања, кога сите пензионери добиваа ист дополнителен износ, овојпат зголемувањето ќе биде процентуално. Тоа значи дека колку е повисока пензијата, толку ќе биде поголемо и покачувањето во денари.

Со зголемување од три проценти, пресметката изгледа вака:

  • пензија од 20.000 денари – плус 600, или 20.600 денари
  • пензија од 25.000 денари – плус 750, или 25.750 денари
  • пензија од 30.000 денари – плус 900, или 30.900 денари
  • пензија од 40.000 денари – плус 1.200, или 41.200 денари
  • пензија од 50.000 денари – плус 1.500, или 51.500 денари

Во ПИОМ веќе се подготвуваат пресметките за новите износи, а трите проценти ќе се применуваат врз пензијата што секој корисник ја прима во моментов.

Со тоа завршува периодот на линеарни покачувања. Во изминатите две години пензиите во неколку наврати беа зголемувани за ист фиксен износ за сите пензионери, а според ПИОМ тие покачувања вкупно изнесуваа 7.000 денари.

Премиерот Христијан Мицкоски уште во август најави дека Владата нема да продолжи со линеарните зголемувања и дека пензиите повторно ќе се усогласуваат според законскиот механизам.

Процентуалниот модел значи и голема разлика во сумата што ќе ја почувствуваат пензионерите. Кај пензија од 20.000 денари зголемувањето е 600 денари, додека кај пензија од 50.000 денари е 1.500 денари. Токму поради тоа дел од пензионерските здруженија и претходно бараа да продолжи линеарното покачување, со аргумент дека фиксниот износ повеќе им помага на оние со најниски примања.

Новите износи се однесуваат на септемвриските пензии, а пензионерите практично ќе ги видат на сметките со исплатата во октомври.

Рацин.мк ве прашува:

Што ќе ни донесе вештачката интелигенција во следните пет години?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Што ќе ни донесе вештачката интелигенција во следните пет години?