Поповски: Ќе биде потребен втор ребаланс, буџетскиот дефицит е предвреме исцрпен

Поранешниот министер за финансии Никола Поповски оценува дека до крајот на годината ќе биде неопходен уште еден ребаланс на Буџетот. Според него, предвременото исцрпување на планираниот дефицит покажува дека јавните финансии се под сериозен притисок.

Буџетскиот дефицит за 2026 година најверојатно ќе го надмине планираното ниво, поради што Владата ќе мора повторно да интервенира во државната каса, изјави Поповски во емисијата „Трилинг“.

„По мое видување, втор ребаланс ќе биде нужен, што не е добра слика за нашата економија. Дефицитот веројатно со третиот квартал ќе се приближи до годишното ниво, а финансирањето на потрошувачката во следните три месеци на тој начин е невозможно“, рече тој.

Првичниот Буџет за 2026 година предвидуваше приходи од 374,9 милијарди денари, расходи од 414,2 милијарди и дефицит од 39,2 милијарди денари, односно 3,5 проценти од бруто-домашниот производ.

Со првиот ребаланс приходите беа зголемени на околу 379,5 милијарди денари, а расходите на 425,8 милијарди. Буџетскиот дефицит беше ревидиран на 46,1 милијарда денари или 4,1 проценти од БДП.

Податоците од фискалниот бројач на Министерството за финансии, објавени од Телма, покажуваат дека до 22 септември во Буџетот биле собрани околу 252 милијарди денари, додека расходите надминале 298 милијарди. Разликата е нешто над 46 милијарди денари, приближно колку дефицитот предвиден за целата година.

Поповски предупреди дека континуираното финансирање на високи буџетски дефицити може дополнително да ја поттикне инфлацијата, особено ако фискалната политика не биде усогласена со монетарните мерки на Народната банка.

Според него, буџетскиот дефицит изнесувал 4,3 проценти од БДП во 2024 и околу 4 проценти во 2025 година, додека годинава би можел повторно да надмине 4 проценти.

Поранешниот министер се осврна и на финансиската состојба на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, за кој од централниот буџет се префрлаат околу една милијарда евра. Тој оцени дека станува збор за долгорочен структурен проблем кој не може да се реши само со краткорочни буџетски интервенции.

Од Министерството за финансии претходно соопштија дека сè уште ги анализираат приходите и расходите и дека не е донесена конечна одлука за нов ребаланс. Паралелно со анализите, институцијата веќе го подготвува предлог-буџетот за 2027 година

Рацин.мк ве прашува:

Што ќе ни донесе вештачката интелигенција во следните пет години?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Што ќе ни донесе вештачката интелигенција во следните пет години?