Европскиот пазар на нафта повторно е под силен притисок откако Саудиска Арабија откажа дел од септемвриските испораки за европските купувачи и го запре товарењето на сурова нафта во пристаништето Јанбу на Црвеното Море. Нарушувањето веднаш ги крена цените на физичкиот пазар над 120 долари за барел.
Причината е оштетувањето на клучниот нафтовод Исток-Запад по напади со беспилотни летала. Овој нафтовод во изминатите месеци стана една од најважните алтернативни рути за саудиската нафта, бидејќи овозможува суровината да стигне до Црвеното Море без танкерите да минуваат низ Ормускиот Теснец.
По прекинот, Саудиска Арабија ги известила европските клиенти дека дел од товарите планирани за септември ќе бидат откажани. Засега не е познато колкав обем на испораки ќе биде погоден ниту колку долго Јанбу ќе остане надвор од нормален режим на работа.
Особено силен е ударот врз физичкиот пазар во Европа. Референтниот „dated Brent“ достигна околу 122 долари за барел, додека одредени физички товари веќе се тргуваат и над 130 долари. Северноморската нафта Forties во вторникот достигна 136,75 долари за барел.
Важно е, сепак, да се направи разлика меѓу физичката цена и берзанските фјучерси. Брент фјучерсите во средата се движеа околу 107,5 долари за барел, откако претходниот ден затворија на 108,75 долари.
Еден од најизложените европски купувачи е полската компанија Orlen, која околу 40 отсто од суровата нафта ја набавува од Saudi Aramco. Компанијата веќе бара дополнителни количества од Северното Море, САД, Казахстан, Алжир и Гвајана.
Саудиска Арабија во меѓувреме се обидува да го пренасочи извозот. „Арамко“ нуди дополнителни количества за претовар во близина на пристаништето Сохар во Оман, додека товарењето во Рас Танура и Џумајма е значително зголемено.
Новиот прекин доаѓа во момент кога глобалниот пазар веќе е затегнат поради проблемите со транспортот низ Ормускиот Теснец и пошироката нестабилност на Блискиот Исток. Тоа значи дека Европа сега мора поагресивно да конкурира за алтернативни барели од САД, Северното Море и други производители, што дополнително ја зголемува цената на непосредните испораки.

