Полска за нешто повеќе од три децении помина пат од посткомунистичка економија со рационирање основни производи до една од најголемите економии во Европа. Нејзиниот годишен економски производ веќе надмина еден трилион долари, а земјата се приближи до дваесетте најголеми економии во светот.
Асошиејтед прес ја опишува промената преку впечатлив контраст – пред една генерација во Полска се рационирале шеќер и брашно, а платите биле десетина од оние во Западна Германија. Денес Полска се мери со економии како Швајцарија, додека Варшава сè почесто се споменува како новиот индустриски мотор на источниот дел од Европската Унија.
Сепак, тврдењето дека Полска дефинитивно ја „престигнала Швајцарија“ треба да се чита со мала резерва. АП во својата анализа ја става Полска пред Швајцарија според номиналниот БДП во моментот на пресметката, но најновите априлски проекции на ММФ за 2026 година проценуваат полски номинален БДП од околу 1,13 трилиони долари, додека Швајцарија е нешто над тоа ниво. Кај две економии со толку блиски износи, позицијата може да се менува и поради курсот на злотата и швајцарскиот франк кон доларот.
Многу поважен од самото место на светската табела е долгорочниот тренд. Полската економија во просек растела за околу 3,8 проценти годишно откако земјата влезе во ЕУ во 2004 година, наспроти околу 1,8 проценти европски просек. БДП по жител, приспособен на разликите во трошоците за живот, од 38 проценти од просекот на ЕУ во 1990 година стигнал до околу 85 проценти во 2025 година.
Растот продолжува и годинава. Европската комисија прогнозира дека полскиот БДП во 2026 година ќе порасне за 3,5 проценти, по растот од 3,6 проценти во 2025 година. Моторите се домашната потрошувачка, инвестициите и силното користење на европските фондови. Невработеноста се очекува да остане околу 3,1 проценти.
Еден од клучните моменти беше влезот во ЕУ. Полска доби пристап до единствениот европски пазар, а паралелно добиваше десетици милијарди евра за автопати, железници, градска инфраструктура, образование и модернизација на компаниите. Само за периодот 2004-2020 преку европските структурни и инвестициски фондови во Полска биле насочени околу 175 милијарди евра.
И тој прилив не завршува. За периодот 2021-2027 Полска има на располагање околу 80,6 милијарди евра од кохезиската политика, додека планот за закрепнување содржи уште 54,7 милијарди евра грантови и заеми. До средината на годинава биле исплатени повеќе од 34 милијарди евра од тој план.
Но европските пари се само дел од објаснувањето. Економистите со кои разговарал АП ги издвојуваат и институционалните реформи по падот на комунизмот – регулаторни институции, антимонополска политика, банкарска стабилност, образование и постепено создавање домашно претприемништво. Полска успеа да избегне модел во кој економијата се концентрира во рацете на мал број олигарси, што се случи во дел од другите посткомунистички држави.
Променета е и структурата на економијата. Полска повеќе не е само локација каде западните компании отвораат фабрики поради поевтината работна сила. Во земјата се развиваат ИТ, инженерство, автомобилска индустрија, електрични возила, деловни услуги и вештачка интелигенција.
Познан, на пример, развива AI фабрика поврзана со квантен компјутер како дел од европска програма. Полската компанија „Соларис“, основана во 1996 година, во меѓувреме стана еден од водечките европски производители на електрични автобуси, со околу 15 проценти од европскиот пазар.
Токму поради ова сè почесто се појавува споредбата со Германија. Дојче веле минатата година го постави прашањето дали Полска станува „нова Германија“, посочувајќи дека нејзината комбинација од голем домашен пазар, силна индустрија, раст на платите, ниска невработеност и релативно висока продуктивност ја прави поотпорна од голем дел од европските економии.
Но Полска сè уште не е Германија, ниту по економска големина, ниту по продуктивност и животен стандард. Германската економија годинава се проценува на повеќе од 5,4 трилиони долари, речиси петпати повеќе од полската.
И Полска има сериозни слабости. Населението старее, наталитетот е низок, просечните плати сè уште се под западноевропските, а земјата има мал број глобални брендови. Дополнителен ризик е јавниот дефицит, кој Европската комисија го проценува на околу 6,5 проценти од БДП за 2026 година, додека јавниот долг продолжува да расте.
Но во поширока перспектива промената е огромна. Европската комисија проценува дека полската економија повеќе од двојно се зголемила во двете децении по влезот во ЕУ, додека реалните плати во земјите од проширувањето во 2004 година во просек се удвоиле.
Од земја од која милиони луѓе заминуваа на Запад во потрага по работа, Полска постепено станува место во кое дел од високообразованите кадри се враќаат за работа во технологија, инженерство и нови индустрии.
Затоа приказната не е само дали Полска денес е 20-та или 21-та економија во светот и дали во определена пресметка е пред или зад Швајцарија. Поважната промена е што земјата која пред три и пол децении почнуваше од урнатините на комунистичкиот систем денес веќе е еден од економските центри на Европската Унија.

