Канада е подготвена да стане прва придружна членка на ЕУ

Канадскиот премиер Марк Карни ја прифати идејата Канада да стане првата придружна членка на Европската Унија и порача дека суштината на новото партнерство со Европа е поважна од тоа како формално ќе се нарекува.

Карни денеска се обрати пред Европскиот парламент во Стразбур, само еден ден откако претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен предложи Канада да стане првата „associate member“ на ЕУ – нов статус кој досега не постои во европската институционална рамка.

Канадскиот премиер ја поздрави понудата и рече дека Канада и Европа треба многу подлабоко да ги поврзат своите економии, одбранбени индустрии и технолошки капацитети.

Според Карни, формалното име на идниот однос е помалку важно од тоа што конкретно ќе содржи.

Тој рече дека поблиското поврзување со ЕУ може да ја направи Канада посилна и поотпорна држава, но и подобар партнер на Соединетите Американски Држави.

Карни предложи проширување на соработката во критичните минерали, вештачката интелигенција, одбраната, енергетиката, дигиталната трговија и безбедноста.

Канада и ЕУ веќе имаат трговски договор CETA, но двете страни сега сакаат односите да ги подигнат на многу повисоко ниво. Канадската влада соопшти дека се разговара за заедничка работа во одбранбената индустрија, вештачката интелигенција и компјутерската инфраструктура, енергетската безбедност, вселенската технологија, финансиските услуги и дигиталната трговија.

Фон дер Лајен вчера најави дека ЕУ сака да премине од CETA кон нова „Алијанса за иднината“ со Канада и јавно му предложи на Карни заеднички да работат на отворање на вратата земјата да стане првата придружна членка на Унијата.

„Сакаме односот со Канада да го доведеме до највисокото можно ниво“, порача Фон дер Лајен во своето годишно обраќање.

Придружното членство, сепак, во моментов нема дефинирана правна форма во договорите на ЕУ. Не станува збор за полно членство, а Европската комисија и Канада допрва треба да утврдат што конкретно би значел новиот статус и кои права и обврски би ги носел.

Самата канадска влада го опишува идниот модел како „уникатен пристап“ што Канада и ЕУ треба заеднички да го дефинираат.

Карни истовремено порача дека Канада самостојно ќе одлучува со кого ќе склучува меѓународни договори. Изјавата следуваше по критиките од американскиот претседател Доналд Трамп кон идејата за канадско придружно членство во ЕУ.

Трамп ја оцени европската понуда како неприфатлива доколку биде насочена против американските интереси и се закани со трговски мерки. Европската комисија, пак, тврди дека новото партнерство со Канада не е насочено против трета држава, туку треба да ја зајакне економската и безбедносната отпорност на двете страни.

Карни пред европратениците порача дека Канада и Европа имаат заеднички интерес да ја намалат зависноста од поединечни држави и пазари и да изградат посигурни синџири за снабдување, енергетика, одбрана и критични технологии.

Следниот чекор ќе биде конкретизирање на новиот модел. Канада и ЕУ веќе најавија дека ќе продолжат со разговорите за тоа како би функционирала новата форма на партнерство, која доколку биде реализирана би била прва од ваков вид во историјата на Унијата.

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?